Падна словенечката Влада
21 септември 2011Во соопштението од кабинетот на Тирк се наведува дека гласањето недоверба на владата на социјалдемократскиот премиер Борут Пахор сериозно ја заострило кризата во Словенија. Тирк апелираше до сите политички партии да се ангажираат за излез од политичката криза.
Словенечкиот Државен збор и‘ изгласа недоверба на Владата на премиерот Пахор, со што се отвора можност за одржување први предвремени парламентарни избори во Словенија од нејзината независност во 1991 година. За недоверба на Владата се изјаснија 51 од вкупно 90-те пратеници во Парламентот, додека 36 народни избраници го поддржааа коалицискиот Кабинет на Социјалните демократи (СД) и Либералната демократија на Словенија (ЛДС).
Владата на Пахор го загуби мнозинството во Државниот збор откако во мај годинава ја напушти Демократската партија на пензионерите на Словенија (ДЕСУС), а во јуни и либералната партија Вистина - Нова политика (Зарес). По изгласувањето недоверба на Владата, претседателот на Словенија, Данило Тирк има седум дена да предложи нов премиер, кој треба да биде избран од Државниот збор во рок од 30 дена. Доколку Парламентот не избере нов премиер во предвидениот рок, ќе биде распуштен и ќе бидат распишани предвремени избори, кои најверојатно би се одржале во декември годинава, или во јануари 2012 година.
Автор: ЕМФ/ГЧ/дв/бета
Редактор: Борис Георгиевски