1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Падот на авионот на претседателот Трајковски не бил несреќа?

27 април 2010

Пратеникот Грос во СЕ ја критикуваше споредбата на авионските несреќи на претседателите на Полска и Македонија. Спроти тврдењето во неговиот извештај, тој денеска рече дека падот на авионот на Трајковски не бил несреќа.

Андреас ГросФотографија: AP

Во дебатата која се водеше во Стразбур околу активностите на Бирото на Парламентарното Собрание на Советот на Европа меѓу двете сесии, говорејќи околу трагичната авионска несреќа на полскиот претседател Лех Качински, неколку парламентарци направија паралела со трагичната авионска несреќа на македонскиот претседател Борис Трајковски (2004) и Генералниот секретар на ОН Даг Хамерскјелд (1961).

На ова веднаш реагираше швајцарскиот парламентарец Андреас Грос. „Ова е деликатно прашање, но потребно е да бидеме храбри и да се занимаваме со храбри прашања. Господинот Ивински на малку несреќен начин направи паралела меѓу смртта на полскиот претседател со таа на претседателот на Македонија и генералниот секретар на ОН.“ Паралелата според Грос е несреќна, бидејќи иако во трите случаи се урнаа авионите, тука завршува споредбата. „Во падот на авионите на Хамарскјелд и на претседателот Борис Трајковски има јасни показатели дека тие несреќи не се несреќни случаи. Тоа беа убиства.“ Според Андреас Грос вината за случајот со смртта на Борис Трајковски „треба да се бара на Запад, а не на Исток.“

Местото каде падна авионот со претседателот ТрајковскиФотографија: AP

Ивановски ги оспори информациите на Грос

На ова тврдење на Грос, реагираше македонскиот парламентарец Игор Ивановски: „Сакам да ги оспорам информациите кои ги дава Андреас Грос дека не станува збор за несреќа, туку за убиство на претседателот Трајковски.“ Според Ивановски, ништо не дозволува да се извлече таков заклучок, повикувајќи се тука на извештајот на Андреас Грос, во кој тој заклучи дека станува збор за несреќен случај, иако околу него остануваат отворени и неодговорени многу прашања.

Зборовите и обвинувањата кои ги изнесе швајцарскиот парламентарец се сериозни и отвораат многу прашања, на кои ќе треба да се одговори.

Андреас Грос е сериозен парламентарец, кој сигурно не зборува на празно. Пред околу два месеци Андреас Грос во интервју за Дочје веле рече дека додатни информации за смртта на претседателот Трајковски ќе се обиде да најде преку неговите пријатели и врски во Париз, Вашингтон и Брисел. По ова што го изнесе во Стразбур, изгледа дека тој располага со додатни информации, бидејќи се’ досега тврдеше дека станува збор за несреќен случај.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми