Падот на социјалдемократите: без план и без компас
Фолкер Вагенер
28 септември 2017
Веднаш откако беа обелоденети резултатите од изборите за Бундестагот, социјалдемократите најавија дека одат во опозиција. Кои се причините за големиот пад на популарноста на најстарата германска партија?
Реклама
Оној кој сака да разбере зошто Социјалдемократската партија на Германија (СПД) е одамна хронично болна, мора да се осврне на историјатот на таа партија. Постарите членови веќе со децении истакнуваат дека и се приклучиле на партијата „поради Вили Брант“, кој од 1969 година беше германски канцелар. Споменикот на Вили Брант во селото Ункел, во кое ги мина последните години од својот живот, и натаму годишно го посетуваат повеќе од 5.000 туристи. Во златните 1970-те години за СПД, „Светиот Вили“ беше причината за масовното зачленување во партијата, воглавно на академици.
Хелмут Шмит, наследникот на Брант од 1974 година, се погрижи за тоа да ги врзе гласачите и чпеновите за партијата. Од друга страна, Герхард Шредер ја фасцинираше партиската база од 1998 година, само затоа што рече „Не“ за војната во Ирак. Сите кои дојдоа подоцна, ја немаа харизмата на своите претходници.
Преодното одушевување од Мартин Шулц
СПД денес има околу половина милион членови. Во 1990 година беа двојно повеќе. Оние кои во џебот се уште имаат партиска книшка, се постари од 60 години. Мартин Шулц предизвика куса и интензивна еуфорија кога во март 2017 беше именуван за предизвикувач на Ангела Меркел. За само неколку недели во партијата влегоа 16 илјади нови членови и тоа воглавно млади. Пролетоска, СПД беше како допингувана. Напуштањето на „гетото 20 проценто“ изгледаше можно. Но непосредно пред изборите, раководството на партијата веќе внимателно ја разгледуваше опцијата за освојување на помалку од 20 отсто гласови.
И најлошо од сѐ: партијата едвај го достигна тој процент. И сега, со освоените 20,5 проценти, се поставува прашањето: дали таа партија се уште може да се нарекува народна? Прашањето е академско, но сегашноста е конкретна: СПД е на прагот на амбисот. Нејзината иднина е неизвесна.
Работничка партија?
Падот на „црвените“ беше видлив уште во 2005 година во покраината Северна Рајна Вестфалија. „Јас сум вистински претседател на работничката партија во Северна Рајна Вестфалија“, рече тогаш идниот премиер на покраината Јирген Ритгерс во пресрет на изборите, и на тој начин, фактички истакна што е вистинскиот проблем на СПД: таа партија повеќе не допира до работниците. Оттогаш, иако привремено, на власт во Северна Рајна Вестфалија, е ЦДУ.
Северна Рајна Вестфалија долго беше „срцето на СПД“. Во времињата кога луѓето работејќи во рудниците и фабриките прехрануваа стотици илјади семејства, и кога работникот во очите на политичарите беше важен фактор, СПД можеше да се потпре врз „малите луѓе“. Со големите структурни промени во тој реегион, се распадна и старото милје. СПД одамна не е природен сојузник на долниот слој на општеството кое работи тешки работи. Исто така се менува и структурата на гласачите на СПД. Подобро образованите граѓани во големите градови гласаат за Зелените, а социјално загрозените- Алтернативата за Германија (АфД). Крајот на оној слоган: „Мојот дедо гласаше за СПД, јас гласам за СПД...“, одамна е заменет со „... а јас гласам за ЦДУ“.
Агенда 2010: Нападот на Шредер врз срцето на партијата
За намалувањето на поддршката на СПД одговорен е еден политичар. Герхард Шредер ја воведе ткн. Агенда 2010. Поранешниот премиер од 2005 година, по огромните критики на сметка на социјалниот систем, изгради сектор на ниски плати и база за рекордна економија, од што и денес профитира неговата наследничка Ангела Меркел. Партијата на Шредер дојде до работ на голема внатрешна поделба и до ден денес не може да се препознае.
Социјалдемократите не ја следат консеквентно левата социјалдемократија. Сѐ што е десно од тоа, ЦДУ го прави подобро- гласи резимето на гласачите. Она што и недостасува на СПД се концепти за подобрување на внатрешната безбедност, за интеграција на бегалците или по препознатливи економски компетенции- проблеми кои истражувачите на јавното мислење ги идентификуваат како теми кои ги интересираат гласачите.
Вечното лутање меѓу храбрата левичарска политика и менјстримот околу центарот, толку ја неутрализира СПД што може да се заклучи дека партијата и нема свој профил. Политичките цели на СПД поради тоа често остануваат недокажани и нејасни. Зелените, Левицата и АфД говорат далеку појасно.
Замката „Голема коалиција“
Како втора по силина партија во Бундестагот, СПД долго време беше дел од власта, и покрај тоа што знаеја дека ткн. Голема коалиција со ЦДУ секогаш оди на штета на помалиот партнер. Уште полошо- социјалдемократите доживеаја нивните проекти, како минималната плата или пензија со 63 години, практично да им ги преземе канцеларката Меркел. На СПД сега му следува период на регенерација. Институтот за истражување на јавното мислење „Аленсбах“ уште пред изборите, во едно истражување, утврди дека Германците се подготвени за повеќе промени. Социјалдемократите би требало да почнат со тие промени- од себе.
150 години на германските социјалдемократи
Социјалдемократската партија СПД е основана на 23 мај 1863. година во Лајпциг. Родена е од работничкото движење. Внатрепартиските случувања често беа бурни, од успеси на политичката сцена до уривање на партиските лидери.
Фотографија: picture alliance / dpa
Бурна историја
Историјата на германските социјалдемократи е доста бурна - од основањето на партијата на 23 мај 1863. година, па се' до изборот на Вили Брант за прв канцелар од редовите на партијата, сто години подоцна. Оттогаш, СПД уште во два наврати имаше свој канцелар на германската влада.
Фотографија: DW
Од илегала до работничко движење
Првите состаноци на социјалдемократите биле организирани во тајност. Тогашните челници на движењето Аугуст Бебел и Вилхелм Либкнехт сакале по секоја цена да се слушне гласот на работниците. Фердинанд Ласал заедно со своите истомисленици во 1863. го основа германското Работничко движење (АДАВ). За помалку од една година тие имале преку 4.600 членови, а со текот на времето тој број растел.
Фотографија: AdsD der Friedrich-Ebert-Stiftung
Успех и покрај забраните
Индустријализацијата обезбеди нови работни места и храна, но работата во фабриките е тешка и опасна за работниците. Работничките движења добиваат се' поголема улога, и покрај анти-социјалистичките закони со кои се забранува нивното делување. И покрај тоа, СПД успева да опстане и да прерасне во масовно движење до 1890 година.
Фотографија: Ullstein Bild
Знаењето е моќ!
Во 1906. година славните социјалдемократи како Роза Луксембург и Аугуст Бебел го посетуваат германското социјалдемократско училиште во Берлин, кое го основа самиот Бебел. На таа идеја ги поттикна отец Вилхелм кој често говорел: „Знаењето е моќ - моќта е знаење“. Во 1912. СПД станува партија со најголемо гласачко тело.
Фотографија: AdsD der Friedrich-Ebert-Stiftung
Бурниот Вајмарски период
Социјалдемократот Филип Шајдеман на 9 ноември 1918. година во германскиот парламент- Рајхстагот државата ја прогласува за република. Една година подоцна, претседавачот со партијата Фридрих Еберт станува канцелар на „Германскиот рајх“. Жените добиваат право на глас, право за кое СПД се залага уште од 1891. година. Социјалдемократите остануваат најсилна политичка партија до 1932. година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Противници на нацистичкиот режим
На 23 март 1933. социјалдемократот Ото Велс отворено му се противи на Хитлер изјавувајќи во парламентот: „Можете да ни ги одземете слободата и животот, но интегритетот никогаш!“ СПД со сите сили се бори против нацистичката НСДАП, но неколку месеци подоцна синдикатите се распаѓаат, а СПД е забранета.
Фотографија: AdsD der Friedrich-Ebert-Stiftung
Прогонство
Политичарите од СПД мораа да ги избришат политичките графити. Во тоа ги надгледуваа хитлеровите единици. Некои од нив завршија во затвор, некои беа измачувани, а дел убиени. Во 1933. Велс ја основа СПД во егзил. Во Прага е формирана „Сопаде“. Подоцна делува од Париз, а потоа и од Лондон. Одредени членови на движењето делуваат и од Скандинавија и од Америка.
Фотографија: AdsD der Friedrich-Ebert-Stiftung
Нови почетоци
Курт Шумахер, претседателот на СПД одржа говор во урнатините на Франкфурт во 1946. година. Тој ќе одигра важна улога за социјалдемократите по Втората светска војна. Во советскиот дел на земјата, СПД се спојува со Социјалистичката партија на единството (СЕД). Во Западна Германија, СПД со мала разлика во гласовите губи од демохристијаните - ЦДУ.
Фотографија: AdsD der Friedrich-Ebert-Stiftung
Од работничко движење до модерна партија
Со текот на времето СПД се оддалечи од својата социјалистичка идеологија. Со тоа социјалдемократската опција доби далеку повеќе гласачи. Партијата сепак се обврза на зачувување на социјалистичката пазарна економија и одбрана на националните интереси, со што беше овозможено и формирањето на коалицијата со ЦДУ во 1966. година, кога Вили Брант беше вице-премиер.
Фотографија: AdsD der Friedrich-Ebert-Stiftung
Наследството на Брант
Вили Брант, првиот повоен канцелар од СПД, ќе остане запаметен и по историскиот момент кога клекна пред споменикот на жртвите од Варшавското гето. Неговата надворешна политика кон Истокот беше заснована на помирување со советскиот блок. Тоа е причината поради која беше награден со Нобеловата награда за мир во 1971 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Вртењето в лево
Генерацијата на 68-та, припадници на меѓународното протестно движење, внесоа нова енергија во СПД. Во 1974. година Хајдемари Вичорек Цојл беше првата жена која беше избрана во младинската организација на Социјалдемократската партија.
Фотографија: ullstein bild
Хелмут Шмит и „германската есен“
Шмит беше на функцијата канцелар од 1974. до 1982. година. На оваа фотографија тоа е во друштво со вдовицата на бизнисменот Ханс Мартин Шлајер, кој беше убиен од припадниците на Фракцијата на Црвената армија (РАФ) во 1977. година. Активностите на РАФ беа голема предизвик за канцеларот. Неговото раководење мина и со големи превирања во рамките на партијата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Долг период во опозиција
По распадот на коалицијата со Либералите, социјалдемократите повторно се најдоа во опозиција во 1982. година. Во 1994. година Рудолф Шарпинг беше кандидат за канцелар и загуби. Нешто подоцна ја губи и функцијата претседател на партијата. На тоа место доаѓа Оскар Лафонтен. Сепак, Герхард Шредер го презема кормилото и станува германски канцелар во 1998. година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Дилеми со реформите
Во коалиција со партијата на Зелените, СПД го урива од власт Хелмут Кол и неговата Христијанско-демократска унија. Канцеларот Шредер ја претставува „Агендата 2010“, предлог-реформи кои беа фокусирани на пазарот на трудот. Опозицијата остро негодуваше, но и синдикатите. Разликите во мислењата доведоа до формирање на партијата на Левицата.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Кандидат „на работ“
Пер Штајнбрик ќе се бори за канцеларската функција против Ангела Меркел. Со оглед дека во минатото беше министер за финансии, во времиња на криза неговото искуство би можело да биде добредојдено. Меѓутоа, кандидатот на социјалдемократите во последните месеци дава контроверзни изјави, на кои не гледаат позитивно ни колегите од неговата партија. Резултатите од анкетите, досега, не му одат од рака.