1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пакет за демократија без многу вистински демократски мерки

Баха Гингер / Превод: Е.М.Фиданоска1 октомври 2013

Пакетот демократски мерки на турскиот премиер Ердоган е далеку зад очекувањата, коментира Баха Гингер, кој бара вистински демократски чекори во насока на слобода на мислење, печат и слобода на демонстрирање.

Фотографија: Reuters

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган го зацврстува својот авторитарен курс. „Пакетот мерки за демократија“, кој во земјата и странство се очекуваше со напрегнатост, од страна на лидерот на религиозно-конзервативниот камп во Турција беше презентиран вообичаено со самоувереност, но Ердоган не дозволи прашања на новинарите за деталите. На тој начин и не падна во опасност да се вплетка во контроверзи, кои во „Пакетот за демократија“ ги има доволно.

Со укинувањето на забраната за носење шамии за државните службеници тој остварува ветување кое го даде уште при големата победа на изборите во 2002 година. Сега забраната, стара речиси 90 години, припаѓа на минатото. Таа ќе важи само за судијките, адвокатките, жените војници и полицајките. Сега се поставува прашањето - кога ваквата одлука ќе се претвори во принуда за носење шамија? Многу е тешко да се аргументира против критичарите кои во „Пакетот за демократија“ гледаат уште еден знак за тивка исламизација на членката на НАТО - Турција.

Нови слободи за Курдите, но без самоуправа

На Курдите им се даваат нови слободи. Буквите Q, X и W од курдската азбука не се веќе табу, исто како што веќе не е табу настава и на други јазици освен на турски, но ова второво се однесува само на приватните училишта. На тој начин градовите и селата во деловите на земјата традиционално населени со Курди повторно може да ги добијат своите првични курдски имиња. Тоа е добро. Но нели Курдите очекуваа повеќе слободи, кои, на пример, ќе им овозможат самоуправа во нивниот регион?

Баха Гингер, автор на коментарот

Цензусот од 10%, кој претставува пречка за влез во парламентот пред сѐ за курдските партии, треба да се „стави на дискусија“. Ердоган нема храброст и далекувидост да ја укине оваа недемократска бариера, воведена од страна на воената диктатура пред 30 години. Наместо тоа, тој сега соопштува дека „е отворен за дискусија“.

Полициското насилство против демонстрантите не се тематизира

Многуте затворени новинари, барањата од земјата и странство за вистински демократски чекори за проширување на слободата на мислење и печат, како и во насока на поголема слобода на собирање и демонстрирање не се тематизираат во „Пакетот за демократија“ на Ердоган. Дел од најавените реформи не е ниту вистинската независност на правосудството.

Европската комисија ја поздравува акцијата на Ердоган, без да праша зошто е и натаму табу преголемото полициско насилство против демонстрантите, кои на улица излегоа со барање за поголемо право на учество во креирањето на иднината. Јасно е дека овој „Пакет за демократија“ заостанува зад очекувањата. Многу повеќе, најновата иницијатива за реформи буди впечаток дека служи како основа за кампања на партијата на Ердоган - АКП за претседателските и комуналните избори наредната година, како и за парламентарните избори што во земјата треба да се одржат за две години. Така Турција уште долго во меѓународни рамки ќе биде на дното на листата кога станува збор за вистински практикуваните слободи во земјата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми