Пакистан фати топ-терорист на Ал Каеда
30 јули 2004Ахмед Гаилани е државјанин на Танзанија и уценет е на 25 милиони долари, поради синхронизираните бомбашки напади изведени во 1988 година, во кои загинаа повеќе од 200 луѓе во американската амбасада во Кенија и единесетмина во амбасадата на САД во Танзанија. Пакистанскиот министер за внатрешни работи, Фејсал
Салех Хајат, ги даде следните детали за апсењето:
”Можам да потврдам дека пакистанските безбедносни сили уапсија лице во операцијата изведена пред неколку дена. Тој е еден од лицата со висок профил во хиерархијата на Ал Каеда. Уапсен е во акцијата на безбедносните сили во Централен Пакистан.”
Заедно во Гаилани, во куќа во Гујрат, на 160 километри источно од пакистанскиот главен град, Исламабад, по единаесетчасовна престрелка со безбедносните сили, се уапсени уште 14 други лица, ”Ја уапсивме и неговата сопруга, инаку Узбекистанка и двајца други Јужноафриканци”, информираше Хајат, додавајќи дека операцијата била чисто пакистанска.
Американското Федерално истражно биро го бара Гаилани поради наводно учество во нападите од 1988 година, а тој е и еден од седумтенина за кои САД бараа информации поради страв од можни напади во скорешна иднина. Гаилани е четврт топ претставник на Ал Каеда уапсен во Пакистан по фаќањето на блискиот соработник на Осама Бин Ладен, Абу Зубаида, во март 2002-та. Досега Пакистан има уапсено околу 500 членови на Ал Каеда, од кои поголемиот дел им се предадени на САД.