1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Палермо за почетници

6 април 2022

Оние кои ги плаќаме од наши пари и кои носат политичка одговорност, мора да покажат дека разбираат каде треба да го веат државното знаме: дали на фудбалски или на реформски натпревари. Коментар на Катерина Блажевска

Deutschland Haushalt Symbolbild Schwarze Null
Фотографија: picture-alliance/imagebroker/M. Brunner

Функционер влегол во продавница за да си купи вратоврска. Избрал една, но пред да ја плати, се предомислил. Ѝ рекол на продавачката дека сака да ја замени за два пара чорапи. Таа направила замена и му ја дала сметката.

„Ама зошто да плаќам за чорапите кога ги заменив за вратоврска?“, прашал функционерот.

„Затоа што претходно не ја плативте вратоврската“, го потсетила таа.

„Па зошто да ја плаќам, кога не ја купив“, ѝ одговорил и си заминал.

На оваа анегдота ме потсети слаломот со изјавите на министерот за правда, околу сметките за патот и престојот во Палермо. Задоцнето дознавме дека бил на тешка мака: како да плати кога цената е „нула“?

Прво тврдеше дека сѐ си платил од трансакциска сметка, иако на јавноста не ѝ даде никаков увид во тоа. По десет дена вртење во круг, призна дека не платил за чартер-летот, дека имал ВИП влезница со цена „нула“ евра и дека за сместувањето платил откако се вратил, во рамки на рокот што бил наведен во фактурата.

Добро е да се знае дека има и агенции кои наплаќаат отпосле. Вообичаено, агенциите кои резервираат сместување прво наплаќаат аванс, а рокот за плаќање на вкупната сума е пред реализација на патувањето/сместувањето. Но, можеби кога станува збор за министри, обвинители, судии, постои некој друг аршин за кој не сме знаеле. Можеби ни тие фактури немало да постојат, ако не се отвореше прашањето на чија сметка патувале и престојувале.

Министерот за правда е уверен дека не го прекршил Етичкиот кодекс. Во членот 17 од Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата, многу јасно е третирано прашањето кое лично го тангира министерот - примањето на подароци.

Министерот за правда Тупанчевски е уверен дека не го прекршил Етичкиот кодексФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Носителите на извршни функции при вршењето на функциите и должностите не можат да примаат подароци, освен во случаите, во износ и на начин утврдени со Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси“.

Министерот за правда признава дека примил два подарока - бесплатен лет и бесплатна влезница за фудбалски натпревар. Тие „бесплатни“ нешта, се разбира, воопшто не се бесплатни, бидејќи си имаат точно одредена цена и таа цена некој ја платил. Но, со примање на тие два подарока (не знаеме дали имало и други - ручеци, вечери, и.т.н.), министерот се довел во позиција да биде латентен должник на субјектот од кого е даруван, и на спонзорите на субјектот.

Колкава е цената за присуство на натпреварот во Палермо? Фотографија: Fabio Ferrari/LaPresse/IMAGO

Токму поради тоа министерот никако не смееше да „се шокира“ кога ДКСК му постави прашања за тој случај. Зборуваме за истата ДКСК, каде Тупанчевски бил на средба точно еден месец пред фудбалскиот меч Македонија - Италија. На средбата бил опширно информиран за активностите на ДКСК, за подготовката на првиот годишен извештај од спроведувањето на мерките од Националната стратегија за спречување на корупцијата 2021-2025 година, за изготвување измени на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси со цел подобра примена на законот, и за ред други активности. На таа средба, „обострано било истакнато задоволството од одржаната средба и искажана подготвеноста за натамошна соработка“.

И какво фајде од средбата, кога „соработката“ падна уште на првиот тест. Кога еден министер елементарно не може да разбере дека тој прв треба да ги промовира антикоруциските практики и политики, наместо да се извлекува себеси од нивниот опсег, тогаш испраќа порака дека Комисијата ја третира како демократски декор кога станува збор за нејзини активности кон извршната власт. А го води ресорот правда.

Патот по кој поминувал министерот Тупанчевски од аеродромот до Палермо, е истиот пат, на кој на 23 -ти мај 1992 година припадници на „Коза Ностра“ поставија половина тон динамит за да ја елиминираат иконата на правосудната битка против мафијата, Џовани Фалконе. Годинава ќе бидат одбележани 30 години од атентатот врз него. Но, и без јубилеји, на тој датум во Палермо со години се собира правосудната елита од целиот свет. За секој министер за правда, судија или обвинител, кој држи до вредностите на правдата, присуството на комеморацијата за Фалконе е повеќе од чест.

Во атентатот врз Џовани Фалконе загинаа и неговата сопруга и тројца полицајци кои ги придружувале до нивниот дом (Палермо, 24.05.1992)Фотографија: Anonymous/AP/dapd

Нашиот министер побрза во Палермо, ама заради свој ќеиф. Никој не му брани да биде фудбалски фан. Никој не му брани да отпатува и на фудбалски меч. Ама на свој трошок, и само ако работните обврски оставаат простор за тоа. Тој ни 100 дена не дочека во Владата, а веќе се прослави со неславен „подвиг“. Оние кои ги плаќаме од наши пари и кои носат политичка одговорност, мора да покажат дека разбираат каде првенствено треба да го веат државното знаме: дали на фудбалски или на реформски натпревари. Министерот јасно го кажа своето.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми