Палестина: крај на владата на национално единство?
7 септември 2014Палестинската влада на национално единство стои пред тест за издржливост. Палестинскиот претседател Мухамед Абас се закани дека ќе ја прекине соработката со Хамас, обвинувајќи го за ова радикално-исламистичкото движење, кое го попречува работењето на владата на национално единство во Појасот Газа, јави денес официјалната палестинска агенција „Вафа“.
„Нема да прифатиме партнерство со Хамас, ако ситуацијата во Газа останне таква каде паралелна влада од 27 члена управува со територијата“, рече Абас вчеравечер по доаѓањето во Каиро, пренесува агенцијата. Палестинскиот претседател изјави дека нема да дозволи ситуацијата да остане непроменета. Тој денеска треба да зборува на министерскиот состанок на Арапската лига во Каиро, речиси две недели по завршувањето на војната меѓу Хамас и Израел во Газа. По повеќе години поделба, Абасовата Палестинска ослободувачка организација (ПЛО), која има седиште во Рамалах на Западниот Брег, и Хамас, кој е на власт во Појасот Газа од 2007. година, во април потпишаа договор за помирување, по кој во јуни е формирана влада на национално единство во која членуваат независни експерти. Иако е формирана оваа влада чие седиште е во Рамалах, Хамас и понатаму де-факто управува со Газа, а примената на договорот меѓу Хамас и Абасовиот Фатах е прекината по почетокот на израелската офанзива на оваа палестинска енклава на 8. јули годинава. Израел и Хамас на крајот на август постигнаа договор за воспоставување примирје, со кој е завршена двомесечната израелска офанзива и испукувањето на палестински ракети врз Израел.
Одговорот на Хамас следуваше многу бргу: „Зборовите и отпорот на Абас против Хамас се неосновани и немаат никаква врска со реалноста“, изјави портпарол на Хамас, а пренесе палестинската новинска агенција „Маан“.