Палестинците зборуваат за „масакр“, Израел тврди дека се работи за обид за поттикнување немири. Советот за безбедност на Обединетите Нации расправаше за безредијата во Појасот Газа, но не постигна заеднички став.
Реклама
Најмалку 17 загинати Палестинци и повеќе од 1400 повредени - тоа според палестински наводи е билансот од протестите по повод „Денот на земјата“. Израелската армија, како што беше и најавено, против демонстрантите на граничната ограда кон Појасот Газа, кои протестираа за право на враќање, употреби сила и боева муниција. Палестинците бараат враќање во Израел поради тоа што морале да бегаат, а нивните семејства била протерани од тие територии во 1948 година, кога бил основан Израел. Израел стриктно одбива да одобри нивно враќање.
Истиот ден, на барање на Кувајт, во Њујорк итна седница одржа Советот за безбедност на Обединетите Нации. Дипломатите изразија загриженост поради можност од натамошно насилство. Сепак, заедничка изјава на најважното тело на ОН - нема.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш побара разјаснување колку луѓе точно се убиени за време на протестите на Палестинците, а колкумина се ранети.
Освен тоа, Гутереш ги повика сите одговорни да се откажат од дејства кои би можеле да доведат до натамошни жртви. Според Гутереш, трагедијата од петокот покажува колку итно мора да заживее повторно мировниот процес на Блискиот Исток.
ОН стравуваат дека состојбата во Појасот Газа би можела да се влоши во текот на наредните денови. Според палестински наводи, повеќе од 20.000 луѓе вчера се одзваа на повикот за „Марш за враќање“. На протести повика радикално-исламистичкиот Хамас. Протестите би требало да траат до 15 мај, а повод е прославата на 70-годишнината од основањето на Израел. Палестинците го одбележуваат 15 мај како Ден на катастрофа, затоа што во првата Блискоисточна војна во 1948 година избегаа или беа протерани околу 700.000 Палестинци.
И покрај протестите и политичките предупредувања, израелскиот парламент донесе закон со кој се легализираат илегалните населби на палестинските територии. Критичарите велат дека тоа значи крај на решението „две држави“.
Фотографија: Reuters/B. Ratner
На палестинските територии има повеќе од 200 населби
Според податоците на организацијата за човекови права Бетселем, на Западниот брег и во Источен Ерусалим од 1967 до средината на 2013 година се изградени 125 официјални израелски населби и околу сто „диви населби“. Израелските власти, според Канцеларијата на ОН за хуманитарна помош (ОЦХА), за изградба на населби на палестински територии заплениле 35 проценти од површината на Источен Ерусалим.
Фотографија: Reuters/B. Ratner
Нема шанса за мир?
Во моментов еврејска населба се гради во Хар Хома, на Западниот брег, меѓу Ерусалим и Витлеем. Водечки претставници на Палестинците оценуваат дека израелската политика за градење населби го уништува решението „две држави“ и го спречува мирот со Палестинците. Изградбата на населбите на палестински територии е критикувана и во меѓународни рамки.
Фотографија: picture alliance/newscom/D. Hill
Израел конфискува палестински приватни имоти
Новиот закон за ретроактивно легализирање на станови на доселеници на Западниот брег и во Источен Ерусалим е спорен. Со него се погодени 16 населби. За еврејските доселеници да можат да останат каде што се, предвидена е финансиска отштета за Палестинците кои се сопственици на земјиштето.
Фотографија: Reuters/A. Awad
Уривање на Амона
Новиот израелски закон не важи за куќите на доселениците за кои веќе има судска одлука за уривање. Партијата на доселениците имаше намера со законот да спречи принудно расчистување на населбата Амона. Сепак, куќите на 40 семејства беа испразнети минатата недела, а само четири дена потоа се почна со уривање.
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Coex
Барикади и безредија
Одлуката на израелскиот Врховен суд за уривање на Амона беше донесена уште на крајот на 2014 година. Рокот беше повеќепати одлаган. Десните групи и доселениците до крај се обидуваа да спречат евакуација и уништување на местото. Многумина доаѓаа од други места специјално за да демонстрираат. И на спротивната страна имаше насилни протести на Палестинците.
Фотографија: Reuters/M. Torokman
Ескалација при принудното иселување
Жителите на Амона веруваат дека Западниот брег, окупиран од страна на Израел од 1967 година, е дел од територијата која Бог во Библијата му ја наменил на еврејскиот народ. На Западниот брег и во Источен Ерусалим живеат околу 600.000 Израелци. Меѓу доселениците и Палестинците постојано има судири.
Фотографија: Reuters/M. Torokman
Нов дом
На приватни имоти на Палестинци спротивно на законот се изградени околу 4000 станови. Тие треба или да бидат испразнети, или со новиот закон треба да бидат ретроактивно легализирани. Многу од жителите на Амона имаат нов дом во соседните населби, како овде, во Офра.
Фотографија: Reuters/B. Ratner
Принудно иселување во Офра
Но и во Офра има нелегални куќи. До 5 март тука треба да бидат испразнети девет куќи кои се изградени на приватен имот на Палестинци. Куќата мора да ја напушти и семејството Бен Шушан.