1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Палмер и Рот разочарани поради бугарското вето

ДТЗ
1 јули 2021

САД и Германија се разочарани што Скопје и Тирана не ги почнаа преговорите со ЕУ - укажуваат на опасноста дека тоа го зголемува скептицизмот во регионот.

Nord-Mazedonien Ohrid und Otesevo | Forum Prespa Dialog (PFD)
Фотографија: Furkan Abdula/AA/picture alliance

Европската Унија никогаш нема да биде комплетна без земјите од Западен Балкан. Ваква порака испратија САД и Германија на првата Меѓународната конференција „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна” во Охрид. Заменик-помошникот државен секретар на САД за европски прашања, Метју Палмер и германскиот државен секретар за Европа, Михаел Рот изразија разочараност од одлуката да не се отворат пристапни преговори со Северна Македонија и со Албанија, само поради блокирањето на една држава членка на ЕУ.

„Разочарани сме што прашањето за отворање на меѓувладините конференции за Северна Македонија и за Албанија не беше решено и покрај силното застапување и разумните решенија на португалското претседателство и на силните европски партнери“, изјави Палмер во Охрид. Тоа, според него, влијае и на вложувањата на САД и ЕУ во регионот, а придонесува и за зголемување на скептицизмот и во самиот регион. „Нашите геополитички конкуренти агресивно се обидуваат да го нарушат кредибилитетот меѓу САД и ЕУ, а и самиот регион се сомнева во интегритетот на нашата колективна определба“, вели Палмер.

Договорот од Преспа како пример

Претставникот на САД смета дека историскиот Договор од Преспа на Северна Македонија со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, се примери за поголем регионален ангажман на С. Македонија во корист на нејзините граѓани. Долгогодишна визија на САД во регионот, вели тој, била и ќе остане фокусирана на регион во мир со себе и со соседите, регион којшто е стабилен, просперитетен и интегриран во евроатлантската рамка. „Оваа заедничка визија е наша колективна сила и треба да послужи како наш водич додека ги удвојуваме напорите за приближување на Западен Балкан кон Европската Унија“, вели Палмер.

-повеќе на темата: До кога може да чека Македонија?

САД сметаат дека лидерите во регионот мора да ја преземат цврстата способност за нивната европска иднина и дека напорите за регионот кон воспоставување на заеднички регионален пазар се нормални чекори на патот кон членството во ЕУ. Регионалната соработка и економска интеграција се посочува дека се од витално значење меѓу државите. Палмер потсети на неодамнешната изјава на германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, заклучувајќи дека ЕУ мора да застане зад своите обврски кон регионот. Ова вклучува унапредување на пристапниот развој на Северна Македонија и Албанија и овозможување визна либерализација на Косово.

Разочараност поради блокадата

Дека Европската Унија никогаш не може да биде комплетна без државите од Западен Балкан, смета и германскиот државен секретар за Европа, Михаел Рот. Тој вели дека Германија е разочарана од одлуката да не се отворат преговори со Северна Македонија и Албанија само поради блокирањето на една држава членка.

Михаел Рот: Разочараност поради блокадата на само една земјаФотографија: Markus Schreiber/AFP/Getty Images

„Длабоко жалам што Советот на министри на ЕУ не донесе одлука за членство со нашите пријатели С. Македонија и Албанија само поради една држава членка“, вели Рот, кој оценува дека С. Македонија особено вложи огромни напори за создавање мултиетничко општество, поради што  мора да се инвестира се повеќе секој ден за да се зајакне мирното и силно општество. Рот потенцираше дека С. Македонија и Грција направија историски чекор со потпишувањето на Договорот од Преспа. Ова, според него, е исклучителен пример дека можат да се решат долгогодишни конфликти со храброст, државност и ако се имаат на ум интересите на граѓаните.

-повеќе на темата: По Лисабон, македонските надежи свртени кон Љубљана

Рот слична порака испрати и вчера, кога нагласи дека е крајно време да се отворат преговори со Албанија и Северна Македонија и дека е потребно да се забрза процесот на европска интеграција. Според него, иднината на сите шест балкански земји е во ЕУ и тие држави имаат целосна поддршка од Германија и целата Унија во евроинтегративниот процес. „Убеден сум дека сме на вистинскиот пат и Западен Балкан ја има и ќе ја има нашата посебна посветеност“, истакна Рот кој преку онлајн платформа се приклучи на состанокот „ЕУ-ЗБ по ерата по Ангела Меркел“.

Меѓународната конференција „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна” се одржува денеска и утре во Охрид и Отешево со учество на околу 300 учесници, високи домашни претставници, но и високи претставници на Европа и САД, меѓу кои премиери, претседатели, министри, генерални секретари на меѓународни организации, европратеници, претставници на граѓанскиот сектор. За настанот се акредитирани над 100 домашни и странски новинари.

Учесниците на Конференцијата ќе се осврнат и на трансатлантските врски, кои ќе бидат тема на дискусија и обработка на панелот на високо ниво на вториот ден од Конференцијата, каде ќе се разговара за враќањето на синергијата меѓу ЕУ и САД во однос на Западен Балкан.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми