Пандев со гол го прослави јубилејот
3 декември 2013Пандев во 50.минута, го постигна вториот гол за Наполи, во победата над Лацио од 2:4 (1:1) . Пандев подоцна, во 72.минута му асистираше на Игуаин кој со својот втор гол на мечот зголеми на 1:3. До крајот Кеита намали на 2:3 во 87.минута, а конечниот резултат го постави Каљехон во 91.минута од натпреварот. Претходно Игуаин погоди за 0:1 во 24.минута, а една минута подцна израмни Бехрами со авто гол.
Пандев по мечот изјавил дека со прославата на голот му испратил порака на првиот човек на Лацио, Клаудио Лотито.
„Сите добро знаат на кого му ја испратив пораката, таа е наменета за Лотито. Сите знаат како заврши мојата приказна во Лацио. Јас немам ништо против Лацио. Инаку, овој меч беше многу значаен за нас, ја прекинавме серијата од три порази (Јувентус, Парма, Борусија Дортмунд)“, рекол Пандев, кој фудбалската слава во Италија ја стекна токму во Лацио, чиј дрес го носеше пет години.
Задоволен од победата и од играта на напаѓачкиот двоец Пандев – Игуаин, по натпреварот бил и тренерот на Наполи.
„Пандев и Игуаин се двајца интелигентни играчи, кои одлично се движат во нападот. Можат да задржат топка, да нападнат во простор, така што им создаваат многу проблеми на противничките одбрани, многу се ’тешки’ за чување“, рекол Рафаел Бенитез.
Наполи, во следното коло, ќе го пречека Удинезе, а потоа на 11.декември ќе го одигра натпреварот со Арсенал во Лигата на шампиони.
Наполитанците, кои во Рим ја прекинаа серијата од два порази, по 14 првенствени рунди се наоѓаат на третото место на табелата со 31 бод, шест помалку од лидерот Јувентус.