„Пандемијата на коронавирус ќе трае уште со недели и месеци“
ЖА
31 март 2020
Германскиот институт Роберт Кох смета дека опасноста ни оддалеку не е помината, но експертите се претпазливо оптимистични дека преземените мерки за сузбивање на коронавирусот во земјата носат ефекти.
Реклама
Една недела по стапувањето во сила на опсежните мерки за ограничување на социјалните контакти, институтот Роберт Кох гледа пооптимистички на сузбивањето на епидемијата на коронавирус: „Кај мене секако сеуште постои оптимизам, и мислам дека е основан“, изјави шефот на Роберт Кох, Лотар Вилер денеска во Берлин. Тој очекува трендот да биде повоочлив до Велигден. Во изминатите денови процентуалниот раст на пријавени нови инфицирани стана полинеарен. Денеска Институтот има регистрирано вкупно 61.913 случаи на коронавирус во Германија, односно 4615 повеќе отколку вчера. Но, ова претставува зголемување под десет проценти, што е пониско во однос на деновите од изминатата недела.
Но, Вилер истакна дека инструментите за сузбивање на епидемијата мора и натаму да останат во сила: „Овие стратегии и натаму се важечки и мора да бидат задржани“. Главна е забраната за контакти, потоа надградување на капацитетите за интензивна нега во болниците, како и посебна заштита на постари и болни лица. Пандемијата ќе трае уште со недели и месеци, изјави Вилер, а се очекува и растење на сегашната стапка на смртност од 0,8 проценти. До ноќеска на полноќ во Германија починале 583 лица, но се зголемува и бројот на оздравени – тој достигна до преку 16.000 лица.
Во изолација поради коронавирус? Нема проблем
Со малку креативност можете да ја претворите изолацијата во инспирација. Еве неколку идеи како да го искористите времето во карантин, и да продолжите нормално да живеете дури и затворени во четири ѕида.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Schickert
Бидете креативни со конзервираната храна
Претворањето на конзервираната храна во нешто вкусно можеби бара малку магија, но сигурно не е невозможно. На пример, експериментирајте со лакса која ги прочистува синусите или пак измешајте конзерва туна со малку пченка и свеж ѓумбир за да го зајакнете вашиот имунолошки систем.
Фотографија: Miguel Medina/AFP/Getty Images
Затворената вежбална не е изговор
Имате доволно начини да ја одржите добрата форма на вашето тело дури и ако не можете да ја посетите вашата вежбална. Загрејте го телото со фитнес вежби или јога со онлајн упатства, а доколку ви е многу здодевно искористете ги и конзервите со храна во вашиот магацин за да ги развиете вашите бицепси и трицепси.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-D. Gabbert
Време е за пролетно чистење
Искористете ја можноста, засукајте ги ракавите и употребете го вишокот енергија за да го светнете секое ќоше во домот. Ова може да биде најдобриот момент за расчитување на нередот. Можете дури и да ослободите место во плакарите и да зачистите во подрумот.
Целодневното гледање на ТВ серии е гарантиран начин за опуштање на умот и телото. Можеби мини-серијата „Чернобил“ и не е најдобриот избор доколку сте во мрачно расположение. Алтернативата би било нешто полесно, како „Пријатели“. Доколку секој ден потрошите 6 часа и 20 минути на оваа серија, ќе ги изгледате сите 236 епизоди за 14 дена.
Покрај сето слободно време можеби е добар момент да ја избришете прашината од некои постари игри и да се забавувате со оние со кои го споделувате карантинот. Доколку сте сами во изолација, повеќе класични игри денес имаат и онлајн верзии па можете да играте со пријателите преку интернет.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache
Научете нешто ново
Во денешно време можете да научите речиси се онлајн. Можеби секогаш сте сакале да научите некоја нова вештина или дури и јазик. Германски можеби? На интернет ќе најдете многу можности и за бесплатно изучување јазици, па со оглед на слободното време, нема никаков изговор зошто тоа да не го сторите.
Фотографија: Colourbox
Јавете и се на бабата
Вашите роднини секогаш се жалат дека ве гледаат само за празници. Сега е добар момент да им се јавите. Иако веројатноста дека ќе заглавите на телефон 1-2 часа е голема, сепак ќе ви се израдуваат. Притоа, ќе покажете грижа и за нив и за нивното здравје во оваа тешка ситуација, особено за постарите луѓе.
Фотографија: Heike Brauer/Fotolia
Планирајте го следниот одмор
Планирањето одмор е добар начин да избегате од вашата соба, макар и само во мислите. Исполнете го денот замислувајќи си како се релаксирате на Бали или уживате во чистиот планински воздух некаде на Алпите. Само не заборавајте да си купите и патничко осигурување бидејќи никогаш не се знае кога ќе дојде следната криза.