1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Пандемија или епидемија? На вирусот тоа му е сеедно!

Фабијан Шмит
2 март 2020

СЗО предупредува дека коронавирусот има „потенцијал за пандемија“. Притоа постои одредена забуна околу категоризацијата за степенот на ширење на болеста. Но, за тоа придонесе и самата СЗО, смета Фабијан Шмит.

Coronavirus SARS-CoV-2 im Elektronenmikroskop
Фотографија: picture-alliance/AP/NIAID-RML

Светската здравствена организација (СЗО) на 27 февруари и официјално предупреди дека коронавирусот има „потенцијал за пандемија." Но, кога СЗО конечно ќе прогласи пандемија? Ова прашање си го поставуваат многумина: граѓани, лекари, па и експерти во здравствените установи и болници. Одговорот гласи: нема да прогласи. Бидејќи СЗО, незабележано во јавноста, се прости од досегашниот шестостепен систем за предупредување. Во него одредено ниво на ескалација беше дефинирано како „пандемија“.

Дефиницијата е променета

Но, сега сѐ е поинаку: научниците или историчарите ретроспективно можат да одлучат дали вирусот бил ендемски или во форма на епидемија или пандемија. СЗО објави само „итна состојба“ – јавна здравствена закана од меѓународно значење. Ова е максималниот и единствениот меѓународен степен на предупредување. За КОВИД- 19 важи уште од крајот на јануари. Сите понатамошни зголемувања на степенот на предупредување се во рацете на здравствените власти во секоја држава, покраина или региони.

Фабијан Шмит

Фактот што дури и лекарите и експертите со кои разговараше Дојче Веле, воопшто не се свесни за ова, покажува дека кризната комуникација меѓу меѓународните и националните здравствени организации има потреба од дополнително подобрување.

Институциите не мора да знаат сѐ, но мора да се добро подготвени

Очигледно сите се служат со истите извори, па така и некои здравствени установи мачно прибираат информации од истите места како и ние новинарите. Една германска установа на пример се информираше во ДВ од каде ни се бројките за заболени и излечени пациенти на светско ниво. Одговорот: од реномиран американски универзитет.  

Може и да се жалиме за очигледно хаотичната состојба со информациите, но што ќе постигнеме така? Подобро е да се има разбирање за тоа дека во време на толку брзо ширење на вирусот, информациите од вчера веќе не се актуелни.

И дали сето тоа ќе го добие називот „епидемија", „пандемија" или „потенцијална пандемија" на крајот е небитно. Единствено пресудно е релевантните лица, лекари, негуватели, здравствени установи и ние обичните граѓани да преземаме одговорни и исправни мерки.

Тоа за повеќето од нас значи дека во прво време треба да се откажеме од масовни настани и редовно да ги миеме рацете. Кога имаме симптоми на настинка или грип, подобро да си останеме дома отколку болни да одиме на работа. И освен тоа, да не трчаме веднаш кај лекар и да ги шириме вирусите и таму, туку најпрво да се јавиме и телефонски да побараме совет.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми