Пандора документите и ЕУ: Потребна е црна листа со санкции
5 октомври 2021Портпаролката на Европската комисија, Дана Спинант, во Брисел рече дека не знае ништо. „Исто како и вие, и ние тоа со интерес го читавме во весниците“, одговори Спинант на прашање на новинарите. „Во моментов не се планирани акции во одделни случаи против одделни личности кои се наведени во документите“, рече портпаролката.
Притоа, од особен интерес за Европската комисија би требало да биде случајот на поранешниот еврокомесар Џон Дали од Малта, кој мораше да се повлече од позицијата еврокомесар поради лоби-скандалот околу производи од тутун во 2012 година. Дали, според наводи на меѓународната новинарска мрежа ИЦИЈ, во која учествува и Дојче веле, во 2006 година на британските Девствени Острови основал фирма-поштенско сандаче. Политичарот од Малта, кој добива пензија како поранешен еврокомесар, за ИЦИЈ изјави дека никогаш не ја користел фирмата и дека затоа не му ја пријавил на парламентот во Малта, како што се препорачува.
Европската комисија во Брисел, ден по обелоденувањето на т.н. Пандора документи, инсистира на тоа дека ЕУ во изминатите пет години направила многу за спречување на агресивното избегнување на плаќање данок. Банкарската тајна е фактички укината, државите разменуваат информации за моделите за „заштеда на данок“, против перењето пари се преземаат поконсеквентни чекори, изјави портпаролот на ЕК, Даниел Фери. До крајот на годината, како што се вели, се планира уште еден закон за ограничување на фирмите-поштенски сандачиња, кои важат за инструмент за избегнување данок. „Немаме причина да бидеме попустливи.“
„Министрите за финансии на ЕУ имаат премногу обѕири“
Сепак, листата на ЕУ со земји кои важат за даночни оази, вклучува само една држава која се појавува на многу места во Пандора документите - Панама. Затоа, пратеници од Европскиот парламент вчера побараа проширување на оваа листа. Листата на даночни оази во ЕУ беше направена во 2017 година, откако ИЦИЈ ги објави „Панама документите“, а кои открија голем дел од стратегиите за избегнување данок што ги употребувале политичари, спортисти, познати личности и милијардери. „Пандора документите“ кои беа објавени во неделата (3.10), а кои се уште пообемни, покажуваат дека и денес е можно да се избегнува плаќање данок.
Експертот за финансиско-политички прашања на демохристијаните во Европскиот парламент, Маркус Фербер, оцени дека листата на даночни оази што ја има ЕУ останала „тигар на хартија“. Министрите за финансии на ЕУ имаат премногу обѕири, вели Фербер: „На крајот на денот, даночните оази ќе може да се совладаат само со остри санкции. Потребен ни е нов почеток со црната листа, која тогаш ќе ги опфаќа сите осомничени и ќе предвидува санкции. Во спротивно, даночните оази ќе си продолжат како и досега.“
Во Пандорината кутија - Дали, Блер, Бабиш, Ѓукановиќ...
Планираното воведување глобален минимален данок за претпријатија, кој треба да се договори на крајот на октомври на самитот на Г20, нема да обезбеди брза помош. Планираниот мнимален данок, кој би требало да важи од 2023 година во досегашните даночни оази, ќе се применува само за големи компании. Индивидуи, како на пример еврокомесарот Џон Дали, поранешниот британски премиер Тони Блер, или чешкиот премиер Андреј Бабиш, нема да бидат опфатени со овој данок. Блер и Бабиш, исто како Дали, се појавуваат во Пандора документите.
Блер со сопругата Чери, како што стои во документите, заштедиле над 300.000 фунти при купување недвижност во Лондон преку фирма-поштенско сандаче. Чери Блер ги отфрла сите обвинувања и укажува дека зделката не биле противзаконска. На откритијата во Пандора документите реагираше особено остро чешкиот премиер Бабиш. Според него, многу бил интересен моментот на објавување на документите. Наредниот викенд во Чешка се одржуваат парламентарни избори. Бабиш сака да остане премиер и отфрла какво и да е погрешно однесување или делување. Парите со кои преку фирма-поштенско сандаче купил замок во јужна Франција за 15 милиони евра биле земени од чешки банкарски сметки и биле целосно оданочени, вели Бабиш. Тој на предизборен собир рече дека зад објавувањето на документите стои „чешката мафија“.
Милијардерот Бабиш беше во фокус во Брисел и пред објавувањето на документите. Тој како премиер сѐ уште имал решавачко влијание во неговата фирма „Агроферт“, иако формално им ја предал на доверители. Финансиски контролори од ЕУ утврдија судир на интереси кај Бабиш, поради тоа што фирмата „Агроферт“ добивала помош од буџетот на ЕУ, во чие донесување учествувал Бабиш како премиер. Европската комисија го запре исплаќањето помош за „Агроферт“.
Во најновите откритија на мрежата ИЦИЈ се наведени и имиња на други Европејци, како црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и холандскиот министер за финансии Вопке Хоекстра. Ѓукановиќ поседувал повеќе оф шор фирми на британските Девствени Острови, кои му ги препишал на синот пред да стапи на функција. Ѓукановиќ пред новинарите отфрлаше какво и да е погрешно однесување. Холандскиот министер за финансии наведува дека го продал уделот во фирмите-поштенски сандачиња непосредно пред да стане министер во 2017 година.
Шупливи заложби
Моделите за заштеда на данок и агресивното даночно структуирање, за што станува збор во најголемиот дел од активностите на богатите познати личности во даночните оази, не се илегални. На тоа укажува и новинарската мрежа ИЦИЈ. Пандора документите не докажуваат дали навистина бил затајуван данок. Честопати се користат законски и даночни дупки, за што јавно беше огорчен поранешниот британски премиер Блер. И заложбите за борба против затајувањето данок звучат шупливо од устата на некои политичари, зашто и во ЕУ има држави кои се наголемо вклучени во тоа, како Малта и Кипар. Една од најголемите даночни оази за холдинзи, трустови и фирми-поштенски сандачиња, ако им се верува на Пандора документите, се веројатно САД, најблискиот сојузник на ЕУ.