Панета разговараше со исчезнатиот кинески потпретседател
19 септември 2012Си Џинпинг работи согласно својот дипломатски календар, откако пред неколку дена се појави повторно по мистериозното двонеделно исчезнување од јавноста. Кинескиот вицепретседател во Пекинг го прими американскиот министер за одбрана Леон Панета.
Си Џинпинг минатата недела се појави во јавноста откако исчезна без трага цели две недели, по што избија шпекулации околу неговата здравствена состојба. Џинпинг важи за „принц наследник“ и во октомври треба да го наследи на функцијата претседател на партијата Ху Џинтао, а наредната година треба да ја преземе и претседателската функција.
Американскиот министер за одбрана Леон Панета на средбата со Си Џинпинг апелираше за наоѓање мирно и дипломатско решение во конфликтот околу островската група во Источнокинеското море, за која претензии имаат и Кина и Јапонија. Поради спорот, во Кина со денови се одржуваа демонстрации проследени со безредија.
Си Џинпинг и Леон Панета се заложија за продлабочување на политичките и воени односи меѓу САД и Кина. Во последно време воените односи станаа напрегнати поради тоа што Американците, кои се јапонски сојузник, се силно воено присутни во Пацификот. Панета во текот на летотот најави дека САД имаат намера 60 проценти од својата флота да ја стационираат трајно во азиско-пацифичкиот простор, значи директно пред вратата на Кина.