Хрватска го заслужи финалето, Франција благ фаворит
Златко Калински
14 јули 2018
Македонската фудбалска легенда Дарко Панчев во интервју за ДВ го анализира Мундијалот во Русија, давајќи 3 за квалитет и 10 за организација. Очекува финалето Франција- Хрватска да биде натпревар со многу тактизирање.
Реклама
ДВ: Ден е пред мундијалскиот расплет, пред финалето Франција-Хрватска! Со прашањето, дали е изненаден од ваквата завршна разврска започнува разговорот со Дарко Панчев, најголемото име во македонскиот фудбал, ненадминливиот голгетер, фудбалскиот шармер, „крвникот“ за противничките голмани, некогаш играчот кој со задоволство се гледа...!
Дарко Панчев: „Франција беше еден од моите фаворити. За Хрватска верував дека ќе се крене релативно високо,но дека ќе дојде до финалето, искрено не очекував.Анализирајќи ја мундијалската патека по која се движеа Хрватите и што се им се случуваше на тој пат, мислам дека тие заслужија да играат во финалето.“
Експлозија на Хрватска, освоени симпатии како мала земја која стана дел од најголемата завршна спортска претстава. Дали ова финале е знак за достигната полна зрелост на хрватскиот тим?
„Хрватска веќе 20 години постојано игра на најголемите фудбалски натпреварувања. Има континуитет, има играчко искуство, тие веќе со години се дел од светскиот фудбалски крем. Имаат играчи кои настапуваат во големи европски клубови, а Русија 2018-та е своевиден нивен врв по годините работа по осамостојувањето“.
Дострелот на Французите можеше да се предвиди! Силата на „триколорите“?
„Франција има одлична одбрана. Има силни поединци, еден Мбапе,еден Гризман кои беа клучни во дадени моменти. Франција покажа моќ, зрелост...можеби не играше атрактивно, но имаше постојаност и сила како тим.“
Откако утре коцката ќе биде фрлена, како Дарко Панчев го гледа текот на големото финале?
„Двете репрезентации пред целта стигнаа со доста тактизирање,со внимателна игра. Впрочем, Хрватска трипати ја вкуси суровоста на продолженијата и пеналите. Очекувам меч со голема претпазливост од двете страни, чекање на грешка на противникот, ќе се повикува и среќата на помош. Франција е благ фаворит."
Светот е во трескавично очекување на новиот светски фудбалски шампион. А, веќе од поодамна Германија, Бразил, Шпанија, Аргентина се дома! Дали дебаклот низ кој минаа великаните на светскиот фудбал, влијаеше врз прикажаниот квалитет?
„Шпанија имаше можеби еден од најдобрите состави на ова светско првенство, а видовме како заврши. Зошто? Тие имаа внатрешни проблеми, кои оставија последици врз нивната игра. Германија немаше моќен тим како во минатото, а имаше неколкумина истрошени играчи во поодминати години.Од Германците јас не очекував дека ќе ја одбранат титулата, но не и дека толку брзо ќе си заминат. Бразил, секогаш е топ-тема во фудбалот! Беше моќен во јужноамериканските квалификации, на хартија беше апострофиран како главен фаворит за титулата, но одново остана без можност за победнички триумф! Фудбалот мислам дека оди во негативен правец во однос на убавината и на квалитетот на играта.Тоа се чувствува и кај Бразилците. Играат во врвни клубови, финансиски одлично минуваат и како да се губи кај нив и мотивот. Нема веќе доминантни селекции, какви што имаше во минатото, па и Бразил веќе не е тоа.“
За некогашниот голгетерски ас, за неговото сфаќање на фудбалската игра и начинот на нејзината презентација, ова Светско првенство се соочи со своевидна играчка декаденција!
„Се игра премногу дефанзивно, многу се тактизира, сведоци сме на се помалку големи натпревари за долго паметење, за се помалку врвни играчки креации.Фудбалот е во надолна линија, а колку сево ова ќе трае останува да видиме.Се паметат генерациите на Пеле, на Кројф, на Бекенбауер, има ли сега екипа која ќе остане во долго сеќавање?Ова светско првенство покажа дека со ваквиот пад на фудбалот и помалите селекции се здобија со шанса да отидат до одредени височини.Така, една просечна Шведска, една Швајцарија,Колумбија и да не набројувам влегоа во нокаут фазата. Ова придонесува за една посебна димензија , но на уштрб на квалитетот.Ако би го оценувал квалитетот на првенството од 1-5, би му доделил „јака тројка“!
Илустрирана историја на светските фудбалски првенства
Од германското „Чудо од Берн“, преку „Божјата рака“ на Марадона, до Зидановиот „Удар со глава 2006“. Историјата на светските фудбалски првенства е полна со незаборавни моменти. Вака ги гледа карикатуристот Херман Аксел.
Фотографија: Aczel / Edel Books
„Монтевидео, бог те видео!“
Првото Светско фудбалско првенство е одржано во Уругвај во 1930. Повеќето учесници беа од северна, централна и јужна Америка, а од Европа стигнаа само четири екипи, меѓу кои и југословенската. Во финалето домаќинот го победи вечниот ривал - Аргентина. Резултатот 4:2.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Чудото во Берн
Првото СП по Втората светска војна беше одржано во 1954 година, во Швајцарија. Најсилна екипа беше репрезентацијата на Унгарија. Во првото коло „унгарската лесна коњица“ ја совлада Германија со 8:3. Но, Германците им се оддолжија во финалето (3:2) и првпат станаа светски рпваци. Фриц Валтер (лево) и легендарниот тренер Сеп Хербергер на рамената на навивачите.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Само еднаш
Англија - „мајката на фудбалот“ - само еднаш во историјата на светските фудбалски првенства беше првак и тоа на домашен терен во 1966 година. Во финалето ја совлада Германија со резултат 4:2. И денес е спорен голот кој Англија го постигна во 101. минута. Боби Мур (на сликата со пехар в раце) и неговите соиграчи на Англија ѝ ја донесоа првата и засега единствена титула првак на светот.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Бразилска самба
Бразил во 1970 година по третпат стана светски првак. Кралот на фудбалот - Пеле (на сликата) и неговите соиграчи беа магионичари на теренот во Мексико. Во финалето ја совладаа Италија со резултат 4:1. На шест натпревари на СП, Пеле постигна 19 голови. Првпат таа година сите натпревари се пренесувани на телевизија во боја.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Бомбардер на нацијата
На СП кое во 1974 година првпат е одржано во Германија, имаше неколку премиери: „Кајзер Франц“ Бекенбауер против „кралот на тоталниот фудбал“ Кројф, Запад против Исток, нов пехар. Во финалето домаќинот играше против Кројфовата Холандија и Германија славеше со резултат 2:1. Победничкиот гол го постигна „бомбардерот на нацијата“ Герд Милер (во средина).
Фотографија: Aczel/Edel Books
Божја рака
Светското првенство во 1986. во Мексико ќе остане запаметено како шоу на аргентинската фудбалска ѕвезда Диего Марадона. Благодарение на неговата генијалност и лукавство, Аргентина по вторпат стана првак на светот. Самиот Марадона постигна убав, но според гол. На средбата против Англија, со помош на раката ја уфрли топката во голот. Марадона подоцна изјави дека тоа била „Божја рака“.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Плукање
Во 1990. Германија во Италија ја прослави третата титула светски првак. „Панцерите“ (во превод - тенкови) во финалето ја победија Аргентина со 1:0. Првенството ќе остане запаметено по неспортското однесување на Холанѓанецот Франк Рајнкард (десно) кој го плукна Руди фелер во осминафиналето. Двајцата беа исклучени од игра. Германија победи со 2:1 и се реваншираше за поразот на ЕП од 1988 година.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Зидановиот удар со глава
Во 2006 година повторно славеше Германија, која по изведувањето пенали како домаќин во финалето ја совлада Франција. Неславен момент на првенството беше кога капитенот на француската репрезентација Зидан со глава го удри Италијанецот Матераци. Исклучен е од натпреварот и тоа означи крај на неговата успешна фудбалска кариера.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Конечно титула
На СП во Јужноафриканската Република доминираше Шпанија со својата „тика-така“ игра. Шпанците во финалето ја совладаа Холандија со резултат 1:0. Победничкиот гол го постигна Андреас Ињеста (број 6 на сликата). Германија во борбата за трето место го совлада Уругвај со резултат 3:2.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Крал на дриблинзите
На СП во 2014 годинина Аргентина ја предводеше Лионел Меси. Неговите мајсторски дриблинзи ја доведоа Аргентина до финалето, каде што ја чекаше Германија, која претходно го совлада домаќинот Бразил со 7:1.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Екипа со четири титули
Финалната средба на СП во 2014 година се одигра пред 75.000 гледачи на стадионот Маракана во Рио де Жанеиро. Германија ја победи Аргентина со резултат 1:0 и така стана прва европска репрезентација која освоила титула на американскиот континент. На сликата се играчите на германската репрезентација кои настапија во финалето.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Низ светските првенства - со стрип
Издавачката куќа „Едел Букс“ по повод СП во Русија во продажба пушти илустрирана историја на светските фудбалски првенства под наслов „World Cup 1930-2018“. Незаборавните моменти од 84-годишната историја се претставени со многу хумор.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Карикатуристот
Аргентинскиот уметник Херман Аксел (Germán Aczel) својата кариера ја почна во родниот Буенос Аирес, во кој, покрај останатото, работеше и за спортското списание „Ел Графико“. На 26-годишна возраст се досели во Германија и денес живее во Минхен. Во моментов работи за реномираниот англиски фудбалски магазин „FourFourTwo“.
Фотографија: Aczel/Edel Books
13 фотографии1 | 13
Имаше ли мечеви за „чиста петка“?
„Секако! Пред сите Шпанија-Португалија, кој заврши 3:3, потоа Франција-Аргентина, Белгија-Јапонија и уште неколку други без многу голови, но исклучително интересни.“
Какво беше судењето на Мундијалот и како да се оцени на ВАР-технологијата?
„Судењето е квалитетно како ретко досега, а ВАР технологијата , за мене не е нешто посебно. Ја кочи играта, многу се чека на одлуките. Мислам дека е добра само ако потврдува дали е постигнат гол или не! Сѐ друго треба да се остави на одлуката на арбитарот!
Кој фудбалер во моментов е најблиску до „Златната топка“, вредниот трофеј кој му се доделува на најдобриот поединец на шампионатот?
„Се помалку има поединци-великани, играчи кои одушевуваат !Според мене изборот се сведува на три имиња.Тоа се Мбапе од Франција, Хрватот Модриќ и според мене најдобриот засега, Белгиецот Азар, кој остана без финалето!
Русија како домаќин, стадиони,терени, навивачи?
„Според мене, Германија во 2006-та и Русија во 2018-та се надобрите домаќини на Мундијалите во последните 30 години. Тоа се уверливо најдобро организираните првенства. Секоја чест за домаќинот! Прекрасни стадиони, полни со народ кој ужива во настанот, цели семејства на трибините...! Навивачи од сите краишта на светот, еден месец речиси без никаков инцидент. Ако треба да се даде оценка за организацијата на првенството од 1-5, јас би дал „чиста десетка“!- во свој стил легендарниот Дарко Панчев го завршува за Дојче Веле своето видување на Светското првенство.
Градови и стадиони - домаќини на Светското првенство во Русија
Фудбалските навивачи од целиот свет од 14 јуни погледот го вртат кон Русија. Светското првенство во фудбал се игра во 11 градови и на 12 стадиони. Погледајте каде се одржува смотрата на најдобрите репрезентации во светот
Со околу 10,4 милиони жители, Москва е најголем град во Европа. Најпозната градба е Кремљ, каде што се наоѓа седиштето на претседателот Владимир Путин. На територијата на метрополата се наоѓаат над 600 цркви. Москва затоа често се нарекува „трет Рим“ (по вистинскиот Рим и Константинопол-Цариград). Москва е единствен град домаќин со два стадиона.
Фотографија: Picture alliance/dpa/S. Stache
Стадионот Лужњики- Москва
Сите учесници на Светското првенство би сакале да настапат тука, и тоа по можност на 15 јули, во финалниот натпревар. Стадионот е изграден во дамнешната 1956 година и тука се одржаа Летните олимписки игри во 1980 година. За Светското првенство во фудбал е реновиран и проширен, и сега тука има места за 81.000 посетители. Русија тука ќе го отвори турнирот на 14 јуни со мечот против Саудиска Арабија.
Откритие арената е отворена во 2014 година. Тоа е нов стадион на московскиот Спартак. Веројатно најпознатиот руски фудбалски клуб со години чекаше да добие свој стадион. На Купот на конфедерации тука беше одиграна средбата за трето место. На Светското првенство тука ќе се играат 4 натпревари по групи и еден во осминафиналето. Капацитетот е 45.000 гледачи.
Фотографија: Picture alliance/dpa/S. Suki/EPA
Санкт Петербург
„Најубавиот град на светот“- така за заподноруската метропола зборуваше нобеловецот Јосиф Бродски. Градот на Нева навистина заслужува да се посети. Познатиот цар Петар Велики го основал Санкт Петербург во 18 век како „капија кон Запад“. Тогаш набрзина се изградени голем број величествени палати и раскошни замоци.
Новиот стадион на Зенит е изграден на истото место каде што се наоѓаше и стариот стадион на овој клуб. Место има за 68.000 гледачи. За време на изградбата трошоците постојано растеа и на крајот изнесуваа 930 милиони евра. Германската репрезентација има убави спомени од овој стадион- тие на 12 јули 1917 година го освоија Купот на конфедерации.
Фотографија: Picture alliance/dpa/D. Lovetsky/AP
Екатеринбург
Заштитен знак на најисточниот град на домаќините на Светското првенство е овој храм, познат и како „Храм на крвта“. Изграден е 2002 година на местото на кое во 1918 година, една година по Октомвриската револуција, е убиено царското семејство.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker
Централен Стадион- Екатеринбург
Стадионот во Екатеринбург досега беше со многу мал капацитет и не ги исполнуваше условите кои ФИФА ги постави пред домаќините на турнирот. Русите едноставно го зголемија капацитетот на 35.000 со изградба на дополнителна трибина на која има место за 12.000 посетители. По турнирот трибината ќе биде отстранета. На овој стадион инаку настапува ФК Урал од втората лига.
Фотографија: picture-alliance/Sputnik/V. Sergeev
Ростов Арена- Ростов на Дон
Арената во Ростов е подигната за потребите на Светското првенство 2018. Тука настапува РК Ростов, руски прволигаш. За време на градежните работи тука се пронајдени повеќе неексплодирани бомби од Втората светска војна. Во арената капацитетот е за 45.000 гледачи. Тука се играат 4 натпревари во групната фаза и еден меч од осминафиналето.
Во главниот град на република Татарстан живеат припадници на разни култури и религии- мирно и заедно. Муслимански џамии покрај православни цркви. Повеќекратниот првак Рубин е најважен спортски клуб во градот на Волга.
Камен-темелникот за овој стадион го положи лично Владимир Путин во периодот кога беше премиер на Русија. Во Арената со капацитет од 41.585 места, настапува Рубин, фудбалски клуб кој во изминатите години во повеќе наврати ја освојуваше титулата првак на Русија.
Над Волгоград, градот кој стекна тажна слава поради своето поранешно има Сталинград, бдее статуата „Мајката татковина повикува!“ Таа потсетува на победата на Црвената армија над германскиот Вермахт во Втората светска војна.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Стадион Нижни Новгород- Нижни Новгород
Оваа арена е една од девет стадиони кои се комплетно изградени за потребите на Светското првенство. Стадионот има капацитет за 45.000 гледачи. Се гради на полуостров, на местото каде реката Ока се влева во Волга. За време на турнирот, тука ќе се играат натпревари во групната фаза, еден меч во осминафинале и еден во четврт-финале.
Фотографија: picture-alliance/AP Images
Калининградски стадион- Калининград
Калининград е најзападниот град на домаќинот на Светското првенство 2018. За време на турнирот на овој стадион ќе има места за малку над 35.000 посетители, а по Првенството капацитетот ќе биде намален на 25.000. Причина за тоа: локалниот клуб ФК Балтик не може да ги наполни трибините бидејќи „ротира“ меѓу втората и третата лига.
Фотографија: picture-alliance/TASS/V. Nevar
Саранск
Заштитен знак на градот е Катедралниот храм на Свети Теодор Ушаков. Изграден во традиционален стил на православните цркви, но е стар само 13 години. Стариот храм е срушен во 1930 година, а изградбата на новиот започна во 2004 година. Во него има место за 3.000 верници.
Фотографија: picture-alliance/M. Becker
Арената Мордовија- Саранск
Арената во Саранск има капацитет од 44.000 места. Проектирана е од германскиот архитект Тим Хупе. По Светското првенство во фудбал нејзиниот капацитет ќе биде намален на 28.000 места и во иднина тука би требало да настапува локалниот клуб Мордовија кој во моментов се натпреварува во третата руска лига.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Kudenko
Космос Арена- Самара
Овој стадион во Самара изворно беше планиран на еден остров на реката Волга, но немаше мост. Затоа градбата е „преместена“ и, покрај протестите на локалното население, незапирливо напредуваше, попримајќи сѐ поголеми димензии- од на почетокот планираните 27 хектари на дури 930 хектари. Во Арената треба да има место за 44.000 гледачи.
Фотографија: Reuters/M. Shemetov
Сочи
Сочи, градот со суптропска клима, стана познат ширум светот во 2014 година како град домаќин на Зимските олимписки игри. Критичарите тогаш се жалеа поради превисоките трошоци за спектаклот на брегот на Црното море. На улиците на Сочи еднаш годишно се возат и трки на Формула 1. Сочи годишно го посетуваат околу 4 милиони туристи, а него често го посетува и рускиот претседател Владимир Путин.
Стадионот со капацитет од 41.220 места е изграден за потребите на Олимпијадата 2014. Има кров и може да се претвори и во сала. Меѓутоа, со оглед на тоа дека ФИФА пропишува оти стадионите на Светското првенство мораат да бидат отворени, еден дел од конструкцијата е отстранет. Освен натпревари за време на групната фаза, тука ќе се игра и едно осминафинале, како и еден четврт-финален натпревар.