Пападимос дојде со празни раце, замина со празен џеб
21 ноември 2011
Се‘ додека не се добие писмено ветување, нема исплаќање на помошта за Грција. Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо денеска во Брисел, по разговорите со новиот грчки премиер Лукас Пападимос, изјави дека е уверен оти преодната влада ќе ги преземе неопходните чекори. Тој не вршеше отворен притисок врз водачот на конзервативците во Грција, Антонис Самарас, да се согласи со писмено ветување за реформи и штедење, но рече дека се потребни национален консензус и вистински напори. „Мора да ја доведеме земјата обединета зад целите“, рече Баросо.
Грчкиот премиер Лукас Пападимос, од своја страна, нагласи дека „работа на партиските лидери“ е да стават потпис на некакво писмено ветување на неговата земја. Со тоа останува и натаму неисполнет еден од условите на Еврогрупата за исплаќање на наредната транша помош за Грција.
Конзервативната партија Неа Демократија во Грција му дава поддршка на курсот на штедење на новата влада, но одбива да даде писмено ветување за спроведување на реформите. Без наредната транша од осум милијарди евра, Грција, како што се вели во Атина, ќе банкротира уште пред Божик.
Автор: ЕМФ/ртр/дапд
Редактор: Г.Чутаноски