1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата во невозможна мисија во Сараево

Фолкер Вагенер/превод: Ж. Ацеска7 јуни 2015

Дојде, остана кратко и мораше да внимава на секој збор, секој гест. Посетата на папата Франциско во Сарево е повеќе одошто католички настан. Тоа е крупна политичка дипломатија, за жал, без ефекти, смета Фолкер Вагенер.

Фотографија: Reuters/Str

За папата Франциско сигурно има и полесни посети отколку онаа во Сараево. Но, беше неизбежна. Најоптимистички што може да се каже за БиХ е-што веќе таму не се пука. Кога папата доаѓа во посета на својата татковина, во држава во Јужна Америка, каде и бог знае оти не функционира се‘ најдобро, каде сиромаштијата и насилството се дел од секојдневието, тогаш е извесно дека ќе го пречекаат со општо одушевување. Таму католицизмот е „дома“, а неговиот збор има тежина.

Кога патува во европските земји на благосостојба, таму ги „загрева“ срцата. Посетите не протекуваат толку бучно и емотивно како во Латинска Америка. Влијанието од таквите посети е умерено. Чувствуваме некој вид скриено чувство на вина. Чувствуваме колку малку место во нашите забрзани животи заземаат христијанските вредности и црквата. Кога ќе дојде папата, тоа малку не‘ смирува. Тогаш се потсетуваме на христијанските традиции и си ветуваме да се поправиме-барем малку. Во двата случаи, посетите на папата оставаат некакви трагови-макар да се и мали.

Во Сараево, меѓутоа, верата би морала да биде натприрода за да се очекува таков импулс одвнатре на разединетата вештачка држава. Протагонистите присутни на сцената во Бих и 20 години по војната дејствуваат како некој неспособен нешто да научи. Папата сепак реши да застане пред нив и со тоа се погрижи повторно да фрлиме поглед на ова затруено ќоше од Европа.

Замрзната војна

БиХ, официјално, сака да стане членка на ЕУ. Само што стапи во сила Спогодбата за слободна трговија со ЕУ. Сепак, длабоката логика на замрзнатиот конфликт на Србите, Бошњаците и Хрватите, Југославија во мало, се состои токму во потискување на таа политичко-економска цел. Бавното сраснување на вештачкиот спој меѓу Република Српска и Федерацијата БиХ во ЕУ би довело до одземање ветер зад грбот на националистите од сите страни. Тие би ја загубиле моќта што сега ја имаат, нивниот корумпиран систем на родбинска политика би доживеал свој крај. Ниеден од актерите на политичката сцена тоа не го сака. На моќните клики кои ги има на сите страни, им оди одлично.

Фолкер Вагенер

Стапката невработеност изнесува 50 проценти. Кого тоа го интересира, кога некој е газда во својата „бонсаи-држава“, во која правосудството и бирократијата го работат она што од нив се очекува? Кога од Брисел повикуваат на борба против корупцијата во БиХ, тогаш тоа е последно што допира до ушите на оние во Бања Лука и Сараево. Народот, за жал, не е попаметен од своите политички водачи. Послушните „овчички“ веќе 20 години редовно ги бираат своите „колачи“: националистичките партии постојано се на власт. Мировните апели на папата Франциско во такво опкружување затоа се само многу скромни желби.

Религијата како водење политика со други средства

Грижливо планираната кореографија на посетата на папата е доказ за степенот на контаминираноста на односите на некогашните воени противници. Столицата на која седеше папата во текот на мисата на стадионот ја направија занаетчии-муслимани, олтарот Хрвати. Колку дипломатски напори беа потребни за на сцената да се изведе хор деца од разни религии, може само да се насети.

Во БиХ се одвива жалосна игра. Дури и поглед на самата хрватско-католичка заедница предизвикува депресија. Сараево веќе со столетија е место каде цвета редот на Фрањевците. Редот на кој припаѓа и самиот папа, овде, во вистински смисол на зборот, е благослов за сите. Босанските Фрањевци со векови важат за фактор на баланс меѓу религиите, посебно во времињата кога Евреите во Сараево биле еден од столбовите на урбано-духовниот живот. Меѓутоа, од војните во кои се распадна Југославија, Фрањевците стојат под притисок на браќата од сопствени редови-Фрањевците од Западна Херцеговина. Тие стојат на страната на хрватските националисти, како во Хрватска, така и во БиХ. И самиот внатрешен конфликт меѓу Фрањевците е колку компликуван, толку и депримирачки.

Патем, БиХ денес ја напушта пропорционално ист број католици колку и Сирирја, Ирак и Нигерија. Со оглед на таквите околности, подобро е да се направи било што, отколку ништо. Можеби така мислел папата Франциско. На БиХ во секој случај и‘ е потребно трпение од ЕУ и-божја помош.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми