1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Папата во Сараево доаѓа во вистински момент“

Нилс Нојберт / Е.М. Фиданоска5 јуни 2015

Папата Франциско утре е во посета на Сараево. Неговото доаѓање со возбуда го очекуваат не само католиците во Босна и Херцеговина, туку сите граѓани. Се очекуваат позитивни импулси за земјата.

Фотографија: DW/N. Velickovic

„Посетата на папата доаѓа во вистински момент. Националистичките и верските тензии се се‘ понагласени, понекогаш имам чувство дека веќе ништо не може да ја запре националистичката политика.“ Ана-Марија Ласиќ звучи резигнирано. Има 38 години, родена и израсната е во Сараево, ја преживеала војната и опсадата на градот. Таа е католик, верник, а пред се‘ како што нагласува самата - горда жителка на градот и на Босна и Херцеговина.

На последниот попис, пред војната (1992-1995), 17% од граѓаните во БиХ се изјасниле како католици, 44% како муслимани, а 37,1% како православни христијани. Многу босански Хрвати по војната ја напуштија БиХ. За оние кои останаа верата и сопствената верска заедница често се важен столб во секојдневието. Оттука, посетата на папата за нив е важен сигнал - се чувствуваат сериозно сфатени и зајакнати во својот стремеж да останат.

Но, папата Франциско не го избра Сараево за цел на своето осмо патување во странство само поради тоа. Сараево многу повеќе е симбол на соживотот на различни култури и религии. Енес Кариќ, професор на Факултетот за Исламска теологија во Сараево, вели дека религијата денес е се‘ поприсутна во секојдневието. „Во многу земји, меѓутоа, за жал, религијата се користи за војни, насилство и создавање нестабилност“, нагласува тој. Оттука, според него, мотото на посетата на папата Мир со вас“ е позитивен сигнал.

„Мирот денес е загрозено добро и папата апелира за мир, за нешто што мора да се зачува. Неговата посета ја толкувам како важен симбол не само за католиците и Хрватите во Босна и Херцеговина, туку и за муслиманите, православните, Евреите и сите други“, вели Кариќ.

„Посетата е поважна за земјата, отколку за католиците“

Главниот проблем на БиХ е невработеноста и екстремната сиромаштија на големи делови на населението. Според фондацијата „Конрад Аденауер“, во 2014 година над 50% од луѓето биле невработени, а кај младите таа стапка е неверојатни 72%. Ана-Марија Ласиќ добила работа во државната администрација. Не заработува многу, но работното место и‘ е барем релативно сигурно. И покрај сите негативни состојби таа е задоволна со својот живот во Сараево. Да си замине? Не, вели таа - Сараево, Босна и Херцеговина е нејзина земја. Нејзините пријатели и колеги се муслимани и православни, тоа во секојдневието не игра никаква улога. Ласиќ се радува на посетата на папата, но додава: „Неговата посета за мене, како католик, не значи многу. Многу поважна неговата посета е за мене како граѓанин на Босна и Херцеговина. Ние католиците можеме да патуваме и во Ватикан и да го видиме папата, но папата сега доаѓа во мојата земја, која и по 20 години (од крајот на војната, н.з.) се‘ уште се нема опоравено од трагедијата на војната и меѓуетничките конфликти.“

Сараево е симбол на соживотот на различни култури и религииФотографија: DW/S. Huseinovic

Столот на папата го изработиле муслимани

Од нејзиниот одговор произлегува зрак надеж дека оваа посета на папата ќе даде барем мал импулс за иднината на земјата. Ако политиката не знае како, тогаш можеби ќе помогнат мали симболи, велат многумина. За таков еден мал, но важен симбол известуваат деновиве медиумите во поранешна Југославија. Столот на којшто папата ќе седи за време на утрешната миса на стадионот Кошево е изработен од таткото и синот Един и Салем Хајдеровац. Направен е од вистинско босанско ореово дрво. Тие двајцата се од гратчето Завидовиќи и се босански муслимани. Налогот за изработка на столот го добиле од локалната католичка заедница.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми