Папата Францискo е првиот понтиф којшто ги поддржал истополовите бракови. Тој испрати најдиректни пораки во врска со правата на хомосексуалците на премиерното прикажување на документарен филм.
Реклама
Папата Франциско е првиот понтиф кој што ги ги поддржал граѓанските истополови бракови и хомосексуалните заедници. Во документарец, кој денеска беше премиерно прикажан во Рим, тој изјави дека геј-луѓето треба да може да го легализираат своето партнерство. Тоа е една од неговите најдиректни пораки во врска со правата на хомосексуалците.
„Хомосексуалците имаат право на семејство. Тие се божји деца. Никој не смее да биде исфрлен и никој не смее да се чувствува мизерно поради тоа. Она што мора да го имаме е закон за граѓанска заедница, на тој начин тие ќе бидат законски покриени“, рече Папата, поддржувајќи го животното партнерство на хомосексуалците, што е досега невидена позиција во рамките на Католичката црква.
Папата на тој начин се осврна на времето кога, како Архиепископ од Буенос Аирес, се спротивстави на истополовите бракови, но ја поддржа идејата правата на истополовите парови да бидат законски заштитени на некој начин.
Папата Франциско овие ставови ги претстави во документарниот филм „Франциско“, што беше прикажан на Филмскиот фестивал во Рим, посветен на неговиот живот.
Документарниот филм во режија на Евгениј Афиневски говори за папството на Франциско во последните 7,5 години. Во филмот се разработува и неговиот однос во расчистувањето на скандалите за сексуални злоупотреби во Црквата.
Директната поддршка за геј-заедницата од страна на Папата претставува израз на сосема поинакво гледиште од неговите претходници. Според биографот на папата Остин Ајвери, неговите коментари во филмот се едни од најдиректните изјави на Франциско по ова прашање откако беше избран за папа во 2013 година. Папата зборуваше во делот од филмот посветен на Андреј Рубери, хомосексуалец кој со својот партнер посвои три деца.
Порака на надеж
Рубери раскажува како еднаш отишол на утринската миса што Папата ја служел во Ватикан и му предал писмо во кое се објаснува неговата ситуација. На папата тогаш му кажал дека со неговиот партнер сакаат да ги одгледуваат децата како католици, но не бил сигурен како ќе ги примат во локалната парохија. Од филмот не е јасно во која земја живее Рубери.
Папата Франциско одблизу
04:24
Рубери понатаму вели дека Папата му се јавил на телефон неколку дена подоцна и му рекол дека неговото писмо го допрело и им порачал да одат во парохијата со децата, но и да бидат подготвени во случај да ги одбијат. Филмот го прикажува Рубери како му го предава писмото на папата и подоцна дава изјава дека го слушаат неговиот совет и дека се среќни што го сториле тоа.
Авторот на филмот „Франциско“, сакаше неговиот документарец да испрати порака на надеж, па затоа за главен лик го избра единствениот светски лидер кој може да го обедини светот, папата Франциско. Афиневски го става Папата во центарот на заплетот што се занимава со глобалните светски проблеми.
„Водечка нишка на овој филм сме ние како човечки суштества кои секојдневно предизвикуваме катастрофи. И тој (Папата) е единствениот што не поврзува преку овие нишки", рече Афиневски, американски државјанин со руско потекло.
Во 2016 година беше номиниран за Оскар за филмот „Огнена зима“ за народното востание во Украина. Филмот се осврнува на горливите прашања како што е зголемувањето на јазот меѓу богатите и сиромашните, расизмот, климатските промени, сексуалното насилство, миграцијата, трговијата со луѓе, политичките поделби и односите меѓу христијаните, муслиманите и Евреите.
Франциско, „политичкиот папа“
Навраќање низ фотографии на заложбите и делата на папата Франциско...
Фотографија: Reuters/T. Gentile
Син на италијански доселеници
Хорхе Берголио (втор од лево) е роден на 17 декември 1936 година во аргентинскиот главен град Буенос Аирес како најстар син од четири деца. На 22 години младиот хемиски техничар пристапил на Редот на Језуитите и почнал студии по теологија и филозофија.
Фотографија: Reuters
Сочувствителниот надбискуп
Во 1998 година Берголио на 62 годишна возраст беше именуван за надбискуп на Буенос Аирес. Тој беше познат по тоа што се вози со метро, првенствено за да има можност да разговара со посиромашните луѓе.
Фотографија: picture-alliance/AP
Habemus Papam
Во 2013 година Конклавата на кардинали го избра за 266. поглавар на Римокатоличката црква. Под името Франциско Први тој го наследи на функцијата папата Бенедикт Шеснаесетти, кој се повлече поради старост.
Фотографија: Reuters
Аргентински папа
Родениот Аргентинец е првиот Латиноамериканец кој е религиозен водач на околу 1,2 милиони католици во светот. Освен тоа, тој е првиот Језуит на оваа функција.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Обични црни чевли
За разлика од неговите претходници, на Франциско не му е толку важен надворешниот изглед како папа. На пример, тој се откажа од познатите црвени чевли, кои неговиот претходник Бенедикт Шеснаесетти радо ги носеше заедно со официјалната папска облека.
Фотографија: Getty Images
Понизност
За само три години на функцијата, папата Франциско веќе се профилираше со зголемен политички ангажман во однос на своите претходници. Оваа година, за време на Велигден, тој им ги изми и им ги бакна нозете меѓу другите и на бегалци. На манифестацијата на помирување, тој покани и тројца муслимани, кои порано произведувале оружје за терористите.
Фотографија: Reuters
Интеррелигиозност
Во 2014. година Франциско го посети Блискиот Исток, за да ја зајакне соработката со муслиманските духовници и да изврши мобилизација против прогонот на христијаните и другите верски малцинства во регионот. Во Турција тој му оддаде почит на основачот на денешна Турција, Мустафа Кемал Ататурк во мавзолејот.
Фотографија: Reuters/S. Nenov
Иницијативност
Во 2015 година папата ги посети САД и како прв поглавар на Римокатоличката црква се обрати пред Конгресот во Вашингтон. Франциско апелираше до американските политичари во прашањата поврзани со бегалците да се потсетат на своите доселенички корени и пледираше за укинување на смртната казна.
Фотографија: Reuters/J. Ernst
Грижа за бегалците
Франциско повеќепати посетува бегалски логори, како на грчкиот остров Лезбос во почетокот на годинава. На враќањето од Грција, тој со себе во Ватикан поведе неколку бегалски семејства.
Фотографија: Reuters/Press Office/Handout
Верски реалитет
И во својство на папа, Франциско го задржа интересот за секојдневните грижи и маки на луѓето. Тој се интересира за истражувањата и научните напредоци. На фотографијата е во посета на интензивно одделение за прерано родени бебиња во една римска болница.
Фотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS.com
Отворање на црквата
Со реформски предлози и помирливи ставови во врска со хомосексуалноста, целибатот и ограничувањата во вршењето на свештеничката функција, Франциско иницира модернизација во црквата, често критикувана како несовремена и реакционерна.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Spaziani
Екумена
Папата покани претставници на различни религии на мировен конгрес. Целта беше да се зајакне и заедничката соработка меѓу духовните водачи во борбата против тероризмот и верскиот фанатизам.
Фотографија: picture-alliance/AA/R. De Luca
Современ папа
Папата Франциско на Твитер го следат преку 10 милиони луѓе и според анкетите е поомилен отколку Барак Обама, Ангела Меркел или бројни други меѓународни политичари. Во трите години на функцијата, папата во секој случај придонесе да задуваат свежи ветрови во црквата.