1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Папата и проблемите со православците

ЕМФ / кна
9 мај 2019

Во анализата на патувањето на папата во Северна Македонија и Бугарија, католичката агенција КНА оценува дека екумената со православците секогаш е политичко прашање.

Nord-Mazedonien Religion l Papstbesuch
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff

Во долгиот текст со наслов „Екуменските теснеци на Балканот“, Католичката новинска агенција (КНА) се осврнува на она што го постигна папата со своето патување на Балканот и ги издвојува проблематичните прашања во односот со православните цркви:

„Постојано се вели дека православните и католичките христијани, теолошки погледнато, се многу блиски. Но, екумената со православците секогаш е политичко прашање. Тоа го искуси и папата на своето патување на Балканот.

Сите тие се 'големи божји луѓе'. Пријателските зборови кои папата Франциско ги кажа за православните патријарси на враќањето од патувањето во Бугарија и Северна Македонија, може да се толкуваат како мало подобрување. Може, но не мора. Меѓутоа, ако покрај неговиот цитат се анализира една изјава на северномакедонскиот претседател на заминување Ѓорге Иванов, се добива малку појасна слика за екуменската состојба по патувањето на Балканот: 'Овде нема толеранција меѓу религиите, овде има почит', цитираше Франциско од навистина страствениот говор на претседателот во Скопје. 'Има меѓусебна почит', повтори Франциско, префрлајќи го тоа и на другите општествени сфери.

Но, претставниците на прваославната црква во Бугарија не се чувствуваат респектирани со посетата на папата. 'Човек не се кани сам', ја критикуваше во разговор за АРД во Софија еден бугарски православен свештеник малата вклученост на својата црква во подготовките. Тоа, како што вели тој, било поинаку при посетата на Јован Павле Втори во 2002 година.

Папата во Бугарија доаѓа на покана од државата и најважните настани поврзани со посетата треба да се усогласуваат со државните институции, соопшти студено Бугарската православна црква пред посетата (фото: папата Франциско и бугарскиот премиер Бојко Борисов, 5.05.2019)Фотографија: Reuters/Y. Nardi

Ова веројатно беше и причината за студеното соопштение на Светиот синод од 3 април, во кое тој нагласува 'дека поканата за посета на папата Франциско на Бугарија доаѓа од државата и дека затоа најважните настани поврзани со посетата треба да се усогласуваат со државните институции'. Освен тоа, беше нагласено дека 'што се однесува до сите други точки од предлог-програмата која ни е дадена на увид, учеството на Бугарската православна црква е невозможно'.

Франциско не ѝ ги олесни работите на православната страна кога во својот поздравен говор до Синoдот такаречи го изненади патријархот. Уште во првите реченици тој зборуваше за заедничка цел за евхаристичка заедница, за обострани грешки кои треба заеднички да бидат простени. Во споредба со тоа, во поздравот на патријархот беа јасни разликите во екуменскиот став.

Повеќе:

Македонски свештеник му ги објасни предностите на бракот на папата

„Бог нека ја чува Северна Македонија“

Франциско - папата кој урива ѕидови

Освен тоа, православните црковни лидери во југоисточна Европа беа лути што папата во Скопје сосема непристрасно му пријде на македонскиот православен архиепископ Стефан Вељановски (г.г. Стефан, н.з.). Неговата црква во православието не е призната како самостојна (автокефална). Поради тоа, незадоволно мрморење од Србија или Грција се слушаше уште пред патувањето. На многу православни претставници исто толкаво незадоволство им причинуваше и целиот обем и спектаклот кој се прави за малото католичко малцинство во земјата: државното раководство стои построено, центарот се блокира, луѓето врескаат и веат знаменца, медиумите известуваат опширно... Сето тоа на актуелниот папа му е лично неважно, но сепак целиот овој проткол се врти околу него и тој учествува во тоа.

Папата Франциско одблизу

04:24

This browser does not support the video element.

Реакцијата дојде веднаш. Посетата на црковниот поглавар е 'политички акт, чија цел е да ги собере сите цркви околу Рим, за кога ќе дојде Антихристот, папата да може да се сретне со него', изјави православниот митрополит Николај од Пловдив. Николај не е неспорен во својата црква и и порано го има привлекувано вниманието со слични изјави. Сигурно, ваквиот остар став не го делат многумина. Меѓутоа, многумина го делат стравот дека ќе бидат преземени од страна на Рим и од Западот.

Тоа го потврдува и Билјана Жеревска. Прво земјата мораше да го промени името во Северна Македонија, потоа во ова упориште на православието доаѓа католички папа, а освен тоа и ЕУ поставува строги услови - сѐ тоа мириса на западно преземање, го опишува северномакедонската новинарка расположението на дел од граѓаните во земјата.

„Преку вас христијанството дојде на Западот“, рече папата, а многу Македонци веројатни си помислија: „Редно беше да се каже“Фотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff

Патувањето на папата покажува: екумената со и во православниот свет е високо политичко прашање. Укажувањето за тоа колкава е теолошката блискост тука може малку да промени. Освен тоа, треба да се додаде и многу психологија.

Меѓу другото и поради тоа Франциско на прес-конференцијата одржана при враќањето и на генералната аудиенција ден потоа ги дополни своите впечатоци од патувањето со многу пофалби за православните браќа и сестри, патријарсите ги нарече 'браќа', а ги фалеше и луѓето во Бугарија и Северна Македонија. Човекот што му се појавил на сон и го повикал Павле во Европа бил Македонец, рече Франциско одговарајќи на прашање на тв-новинарката Жеревска од македонската телевизија. 'Преку вас христијанството дојде на Западот', рече папата. 'Редно беше да се каже', си мислат веројатно многу Македонци“, анализира КНА.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми