1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Папата повика на дијалог и крај на војните

ЕМФ | агенции
25 декември 2021

Папата Франциско во својата божиќна порака апелираше да не се затвораат очите пред конфликтите во светот. Тој побара крај на војните и на домашното насилство и повика на дијалог.

Vatikan | Papst Franziskus Urbi et Orbi
Фотографија: Gregorio Borgia/AP/dpa/picture alliance

Во светот сѐ уште има премногу конфликти, кризи и противречности, рече поглаварот на Римокатоличката црква денеска во Ватикан. „Се чини како никогаш да не запираат, веќе и не ги забележуваме“, рече 85-годишниот папа Франциско.„Толку се навикнавме на тоа, што неизмерни трагедии поминуваат проследени со молк. Ризикуваме да не го слушнеме вресокот на болката и очајот на нашите браќа и сестри.“

Папата повика и на поголема подготвеност за дијалог. Способноста за социјални односи е ставена на сериозна проба во време на пандемија: „Постои растечка тенденција да се затвориме, да сакаме сѐ да правиме сами - и на меѓународно ниво. Но, само со дијалог е можно трајно решение за конфликтите и трајни предности за сите“, рече папата пред стотици верници.

Во однос на конфликтите во светот, папата Франциско ги истакна луѓето во Сирија, Ирак и Либан. Овие земји не наоѓаат мир. Тој потсети и на „тензиите помеѓу Израелците и Палестинците кои се влечат без решение и имаат сѐ поголеми социјални и политички последици“. Освен тоа, папата моли и за утеха за авганистанскиот народ и помош за луѓето во Мјанмар. Таму нетолеранцијата и насилството често ја погаѓаат и христијанската заедница. Поглаварот на Римокатоличката црква потсети и на состојбата во Украина, Етиопија и зоната Сахел и моли за ублажување на страдањата на луѓето кои се среде интерни конфликти во Судан и Јужен Судан, а укажа и на северна Африка и огромната невработеност и економска нерамнотежа во тој дел од светот.

Папата зборува пред стотици верници, пред од балконот на базиликата Свети Петар во Ватикан да го даде благословот „Урби ет Орби“Фотографија: Gregorio Borgia/AP/dpa/picture alliance

Во врска со мигрантите и бегалците, папата Франциско апелираше да не се врти погледот настрана. Тој постојано го критикува односот кон мигрантите. Затоа, на почетокот на декември го посетиостровот Лезбос во Грција,кој стана симбол на бегалската криза. Тоа е прво место кое папата го има посетено двапати откако е поставен за поглавар на Римокатоличката црква.

Покрај страдањето на бегалците, папата го нагласи и страдањето на жените кои во време на пандемија се засилено жртви на насилство. Тој се помоли и за злоставуваните деца и осамените стари лица. „Дајте им надеж на децата и младите кои се жртви на мобинг и злоставување. Дајте им утеха и наклонетост на постарите луѓе“, побара тој.

Папата Франциско во својата порака денеска потсети и на „заедничкиот дом“ и неопходната заштита на климата и животната средина. На крајот го даде божиќниот благослов „Урби ет Орби“, со кој верниците се ослободуваат од казна за своите гревови.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми