Папата се помоли за кризните места во светот
31 март 2013„Христос е нашиот мир и преку него можеме да се молиме за мир во целиот свет“, рече папата Франциско во неговата прва Велигденска порака пред насобраните верници на плоштадот Свети Петар.
Понтифот се помоли за Израелците и Палестинците, „кои се борат да го најдат патот до договор“, Ирак „и над се’ драгата Сирија, за нејзините луѓе поделени од конфликтот и за бројни бегалци кои очекуваат помош и удобство“. Папата се помоли и за помирување и дипломатско решение на проблемот на Корејскиот Полуостров.
Тој исто така ги спомена и конфликтите во Нигерија, Источно Конго и Централноафриканската Република. Тој го осуди шверцот со луѓе и дроги, како и „лошото искористување на природните ресурси“, што може да биде закана за светскиот мир. Во однос на трговијата со луѓе тој рече дека ова е „најобемната форма на ропство во 21 век“.
Франциско, кој во папството донесе поедноставен и поличен стил, во пораката за Велигден рече дека верата може да помогне луѓето да ги трансформираат своите животи со дозволување „оние пустински места во нашите срца да процветаат“.
На плоштадот Свети Петар се проценува дека беа присутни околу 200.000 верници.
Папата синоќа во базиликата Свети Петар се обрати до верниците и католиците кои се оддалечиле од верата, апелирајќи до нив „да се приближат до Бога“.
„Тој ќе ве пречека со раширени раце“, изјави 76-годишниот папа, поранешен надбискуп на Буенос Аирес, кој ја повика Римокатоличката црква да се приближи до обичните и сиромашни луѓе.
„Не ги затворајте срцата. Немојте да губите доверба и да се предавате – нема ситуација која Бог не може да ја промени“, порача папата до верниците.