1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата Франциско не признава победа на тероризмот

Кристоф Штрак/превод: Ж.А.1 август 2016

Во време на глобален тероризам, папата Франциско со својата релаксираност придонесе за успехот на Светскиот ден на католичката младина во Полска, смета Кристоф Штрак.

Фотографија: Reuters/S. Rellandini

Колку близу можат да возат полициските комбиња за заштита на еден Голф? Кога папата Франциско оваа недела тргна во еден обичен Волксваген на завршната свеченост на 31. манифестација Светски ден на младите католици, толку поинаквиот „папамобил“ едвај можеше да се види. Од сите четири страни го опкружуваа, возејќи речиси браник до браник, големи комби-возила преполни со припадници на службите за безбедност, со очила за сонце и намуртени лица.

А папата? Одназад, од десната страна, целосно го спушти стаклото на прозорецот, ја испружи раката, со насмевка уживаше во ветренцето и одвреме-навреме со мавтање на раката ги поздравуваше насобраните. Тоа беше папата Франциско "on tour".

Какви само не стравувања можеа да се чујат во пресрет на средбата на младите католици од цел свет! По Париз и Брисел, Ница и Минхен и толку многу други крвави напади. А Франциско? Пред своето прво доаѓање кај милионите луѓе насобрани на отворено, спротивно на сите планови, намина во соседната црква за да се помоли за сите жртви на теророт и за крај на ваквите злосторства. И потоа го спушти прозорецот на автомобилот.

Тоа може да се оцени за наивност. Можеше едноставно да проповеда и да моли... Но, тој и во Краков, непосредно како ретко кој друг политичар од светски ранг, ги чу потресните сведоштва на младите луѓе од Сирија. И нивното прашање: „Каде е господ? Боже, ако те има...“ Папата Франциско меѓутоа упати и друга порака: против паника, против нова омраза. „Не сакаме омразата да ја победиме со уште поголема омраза!“ (Ало, корисници на социјалните мрежи, ова се однесува и на вас!)

Кристоф ШтракФотографија: DW

Не ја признаваме победата на омразата

Притоа, можеме да се запрашаме - каква манифестација беше таа во Краков. Таму шест или седум пати се преместувате од едно место на друго, на крајот се собирате на простор со големина од дваесет фудбалски игралишта преполни луѓе, според бројот, тоа е цел еден град од средна големина. По Европското фудбалско првенство во Франција, можеме за споредба да кажеме, се‘ се одвиваше без било каков инцидент, главно со песни, постојано со трпение... Со присуство на многу млади луѓе, иако и меѓу нив имаше такви кои тешко можат да се вбројат во Светскиот ден на младите. Но, сите тие веруваат во бесмртност. Таа вера не мора да се споделува со нив, но и самата манифестација за некои останува провокација.

Тоа што оваа средба и во вакви несигурни денови прерасна во таква свеченост, главно може да се припише во заслуга на срдечните Полјаци. Целиот град Краков, дури и целиот регион, беше во служба на шестдневната манифестација. Целиот град застана за да направи простор за пешаците и велосипедистите. А полските сили за безбедност во големата и според сите параметри пријателска операција, гарантираа безбедност потребна за еден таков настан во денешни времиња. Но, Краков беше и повеќе од тоа. Стотици илјади млади луѓе на улиците без никаков надзор, преку еден милион на отворен простор... Дотолку повеќе тоа е и порака упатена до светот: потресеноста, паниката, крајот на досегашниот начин на живот, дури и новите граници и бариери, сето тоа е победа на теророт. Така може да се разбере и критиката на папата Франциско до полското раководство, неговата улога на глобален опоменувач за милосрдие.

Старецот во морето млади верници и сите тие, со својата спонтаност, не сакаат да ја признаат победата на теророт. На таков начин може да се спушти прозорецот на автомобилот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми