Во својата традиционална божикна порака „до градот и до светот“ (урби ет орби), папата Франциско потсети на насилството и прогонот ширум светот. Тој посебно се осврна на страдањето на децата во конфликтите.
Реклама
Папата Франциско денеска (25.12.) пред насобраните верници на плоштадот Свети Петар во Рим го повика светот да допушти божикното светло да пробие во „темнината на човечките срца“ која доведува до верски прогонства, социјална неправда, вооружани конфликти и страв од мигранти.
Во својата божиќна порака „Urbi et Orbi“ (до градот и до светот), 83-годишниот поглавар на Римокатоличката црква повика на мир во Светата земја, Сирија, Либан, Јемен, Ирак, Венецуела, Украина и неколку африкански земји во кои владеат вооружени конфликти. Папата говореше за бројните деца кои страдаат во војните и во судирите на Блискиот Исток и во други земји во светот.
Суштината на неговата порака се сведува на тоа дека промената започнува во човечките срца. „Темнината се наоѓа во човечките срца, но светлото на Христос е уште поголемо“, рече папата.
„Темнината се наоѓа во личните, семејните и во општествените односи, но светлото на Христос е поголемо. Темината постои во економските, геополитичките и еколошките конфликти, но уште поголемо е светлото на Христос“, рече тој. Папата предупреди на прогонетите христијани во Буркина Фасо, Мали и Нигерија, замолувајќи го Бога да ги утеши оние кои страдаат поради својата вера. Дел од пораката посвети и на страдањата на мигрантите. „Неправдата ги принудува да поминуваат пустини и мориња кои се претвораат во гробишта. Неправдата ги принудува да трпат неописливи облици на злоставување, поробување од секој вид и мачења во нехумани кампови.“
„Неправдата ги тера од местата каде што би можеле да имаат надеж за достоинствен живот, но наместо тоа се наоѓаат пред ѕидови од рамнодушност“, рече тој. Но, иако во светот има многу големи проблеми, не треба да има обиди да се исправат неправдите некаде далеку, нагласи, советувајќи ги луѓето прво да почнат со промени во своите сопствени заедници за на крај да се исцелат „сите членови на нашето човечко семејство кои страдаат“.
„Нека Бог ни ги омекне нашите често камени и саможивни срци и да ги направи канали на својата љубов. Нека ја донесе својата насмевка, преку нашите сироти лица, на своите деца на светот, на оние кои се напуштени и на оние кои страдаат од насилство“, рече папата Франциско, кој предводи 1,3 милијарди католици во светот.
Потцртувајќи ја оваа порака, покрај папата на балконот на базиликата Свети Петар беа двајца кардинали, Ренато Мартино, претседател на емеритусот на ватиканската канцеларија за имиграција, и Конрад Крајевски, кој дели помош на сиромашните и бездомниците во Рим.
„Преку нашите слаби раце, нека ги облече оние кои немаат што да облечат, нека им даде леб на гладните и нека ги излечи болните“, рече Папата додавајќи дека со пружање пријателство секој може да биде близок со старите, осамените, мигрантите и маргинализираните.
„На овој радосен Божиќ, нека ја донесе својата благост на сите и нека ја расветли темнината на овој свет“, заклучи папата.
За време на својата вечерна богослужба на Бадник, папата Франциско укажа на тоа дека Божиќ не потсетува оти треба да ги сакаме сите луѓе па и оние „најлошите“. Во ист момент алудираше и на злоставувањето во католичката црква. „Можеш да имаш лоши претпоставки во животот, можеш да ги направиш најлошите работи, но Бог нема да престане да те сака. Божјата љубов е бесплатна“, порача поглаварот на католичката црква за време на вечерната миса во црквата Свети Петар во Ватикан.
Франциско, „политичкиот папа“
Навраќање низ фотографии на заложбите и делата на папата Франциско...
Фотографија: Reuters/T. Gentile
Син на италијански доселеници
Хорхе Берголио (втор од лево) е роден на 17 декември 1936 година во аргентинскиот главен град Буенос Аирес како најстар син од четири деца. На 22 години младиот хемиски техничар пристапил на Редот на Језуитите и почнал студии по теологија и филозофија.
Фотографија: Reuters
Сочувствителниот надбискуп
Во 1998 година Берголио на 62 годишна возраст беше именуван за надбискуп на Буенос Аирес. Тој беше познат по тоа што се вози со метро, првенствено за да има можност да разговара со посиромашните луѓе.
Фотографија: picture-alliance/AP
Habemus Papam
Во 2013 година Конклавата на кардинали го избра за 266. поглавар на Римокатоличката црква. Под името Франциско Први тој го наследи на функцијата папата Бенедикт Шеснаесетти, кој се повлече поради старост.
Фотографија: Reuters
Аргентински папа
Родениот Аргентинец е првиот Латиноамериканец кој е религиозен водач на околу 1,2 милиони католици во светот. Освен тоа, тој е првиот Језуит на оваа функција.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Обични црни чевли
За разлика од неговите претходници, на Франциско не му е толку важен надворешниот изглед како папа. На пример, тој се откажа од познатите црвени чевли, кои неговиот претходник Бенедикт Шеснаесетти радо ги носеше заедно со официјалната папска облека.
Фотографија: Getty Images
Понизност
За само три години на функцијата, папата Франциско веќе се профилираше со зголемен политички ангажман во однос на своите претходници. Оваа година, за време на Велигден, тој им ги изми и им ги бакна нозете меѓу другите и на бегалци. На манифестацијата на помирување, тој покани и тројца муслимани, кои порано произведувале оружје за терористите.
Фотографија: Reuters
Интеррелигиозност
Во 2014. година Франциско го посети Блискиот Исток, за да ја зајакне соработката со муслиманските духовници и да изврши мобилизација против прогонот на христијаните и другите верски малцинства во регионот. Во Турција тој му оддаде почит на основачот на денешна Турција, Мустафа Кемал Ататурк во мавзолејот.
Фотографија: Reuters/S. Nenov
Иницијативност
Во 2015 година папата ги посети САД и како прв поглавар на Римокатоличката црква се обрати пред Конгресот во Вашингтон. Франциско апелираше до американските политичари во прашањата поврзани со бегалците да се потсетат на своите доселенички корени и пледираше за укинување на смртната казна.
Фотографија: Reuters/J. Ernst
Грижа за бегалците
Франциско повеќепати посетува бегалски логори, како на грчкиот остров Лезбос во почетокот на годинава. На враќањето од Грција, тој со себе во Ватикан поведе неколку бегалски семејства.
Фотографија: Reuters/Press Office/Handout
Верски реалитет
И во својство на папа, Франциско го задржа интересот за секојдневните грижи и маки на луѓето. Тој се интересира за истражувањата и научните напредоци. На фотографијата е во посета на интензивно одделение за прерано родени бебиња во една римска болница.
Фотографија: picture-alliance/ZUMAPRESS.com
Отворање на црквата
Со реформски предлози и помирливи ставови во врска со хомосексуалноста, целибатот и ограничувањата во вршењето на свештеничката функција, Франциско иницира модернизација во црквата, често критикувана како несовремена и реакционерна.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Spaziani
Екумена
Папата покани претставници на различни религии на мировен конгрес. Целта беше да се зајакне и заедничката соработка меѓу духовните водачи во борбата против тероризмот и верскиот фанатизам.
Фотографија: picture-alliance/AA/R. De Luca
Современ папа
Папата Франциско на Твитер го следат преку 10 милиони луѓе и според анкетите е поомилен отколку Барак Обама, Ангела Меркел или бројни други меѓународни политичари. Во трите години на функцијата, папата во секој случај придонесе да задуваат свежи ветрови во црквата.