1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Папата ја повикува Европа да не си ја загуби душата

Карин Бенч (ард)/ кна/ Ж. Ацеска25 ноември 2014

Папата Франциско пред ЕП одржа говор и упати повик против загуба на вредностите на ЕУ, за почитување на човековото достоинство и солидарност со сиромашните. Папата го спомена и проширувањето на ЕУ на Балкан.

Фотографија: Reuters/V. Kessler

Поминаа 26 години откако еден папа зборувал во Европскиот парламент. Последен пат тоа го направи папата Јован Павле Втори во 1988 година, кратко пред падот на Берлинскиот ѕид, крајот на Студената војна. Оттогаш во Европа многу работи се променија, рече папата Франциско:

„Веќе не постојат меѓусебно спротиставените блокови кои тогаш континентот го делеа на два дела“.

Папата сепак не навлезе во кризата во Украина и напнатиот однос меѓу ЕУ и Русија. Тој повеќе зборуваше за Европа и нејзините луѓе: за бесрамниот „консумисмус“, културата на расфрлање и распространетиот егоистичен стил на живот.

„Европа наликува на баба“

Многумина се грижат само за себе, сосема се рамнодушни кон старите луѓе и сиромашните. Европа мора да стане помлада и посвежа, рече Франциско.

„Човек добива впечаток за замор и стареење, Европа станала баба и не е веќе плодна и жива“.

Според негово мислење, иднината на Европа зависи од тоа дали луѓето повторно ќе откријат две работи: небото како симбол за светот на идеи и земјата како конкретна реалност. Ако тоа не се случи, постои опасност Европа постепено да ги загуби својата душа и својот хуманистички дух, смета папата.

Поглаварот на Римокатоличката црква беше поконкретен во однос на секојдневието. Тој го истакна семејството на прво место, како „основна клетка“ на сите општества.

Човекот како чувар на Земјата

Посебно внимание папата посвети на екологијата. На нашата Земја и‘ е потребно внимание и лична одговорност на секој поединец, рече тој. Луѓето се чувари, а не господари на Земјата, рече Франциско, истакнувајќи ја улогата на обновливите енергии во заштитата на природата.

Средозменото Море не смее да стане гробишта

На крајот на својот говор Франциско дојде до темата која многумина ја очекуваа: проблемот со бегалците. Папата во Стразбур изјави: „Не смеема да прифатиме Средоземното Море да стане големи гробишта. На чамците кои секојдневно стигнуваат до европскиот брег, се жени и мажи кои бараат прифат и помош“. Папата го спомена и проширувањето на ЕУ:

„Дами и господа пратеници, свеста за сопствениот идентитет е исто така неопходна заради конструктивен однос кон државите кои замолија во иднина дабидат примени во ЕУ. Мислам првенствено на оние од балканскиот простор, за кои влезот во ЕУ може да е еднаков на договор за мир, во еден регион кој во минатото толку многу страдаше поради конфликтите. А конечно, свеста за сопствениот идентитет е императив во односите со другите соседни држави, посебно со оние кои граничат со Средоземното Море и страдаат поради внатрешни конфликти и под притисокот на религиозниот фундаментализам и меѓународен тероризам“.

Од она што го кажа папата Франциско во Стразбур, е јасно, ова беше силен политички говор.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми