Параолимпијадата е поголема од Писториус
12 септември 2014Дојче веле: Како изреагиравте кога дознавте дека Оскар Писториус ја убил неговата девојка Рива Стинкамп?
Крег Спенс: „Бевме шокирани и тажни. Шокирани што еден од нашите водечки параолимпијци е вмешан во убиство, а истовремено и тажни поради семејството на Рива Стинкамп. Оскар беше дел од нашиот тим и навистина е чудно чувството кога ќе дознаеш дека некој кого го познаваш е способен да направи такво нешто“.
Дојче веле: Како овој инцидент се одрази на параолимпиското движење?
Крег Спенс: „Откако се соземавме од шокот, се обидовме да ги одделиме секојдневните активности на Параолимпиското движење од она што се случуваше во приватниот живот на Оскар. Приватните проблеми на Оскар немаат никаква врска со она што се случува во МПК. Нашите секојдневни обврски се исти како и вообичаено, и гледаме дека Параолимпијадата од Лондон 2012 продолжува да се развива и тоа со огромен успех“.
Дојче веле: Колку значаен беше Писториус за параолимпиското движење?
Крег Спенс: „Оскар беше од витално значење за Параолимпиското движење, особено од Пекинг 2008, па се’ до Лондон 2012. Тој беше инспирација за многу луѓе да почнат да се занимаваат со Параолимпискиот спорт и спортот воопшто. Но, за време на Параолимпијадата во Лондон 2012 тој не беше единствената ѕвезда. Се појавија и многу нови атлетичари, кои ја продолжија работата која тој ја започна на Игрите во Пекинг“.
Дојче веле: Дали сепак имате чувство дека „заштитното лице“ на параолимписките спортови го разочара тимот? Спеак многу инвестиравте за неговиот имиџ во светот.
Крег Спенс: „Иако звучи чудно, МПК не потроши толку многу време во промовирањето на Оскар Писториус. Оскар си беше бренд сам по себе. Нашата цел изминативе години беше да промовираме други, нови атлетичари, бидејќи Параолимпиското движење е многу повеќе од само една личност. Затоа се трудевме да претставиме и други спортисти.
Треба да се има предвид дека Оскар во Лондон 2012 учествуваше во Олимписките игри, што придонесе за промовирање на Параолимпиското движење. Но, во Параолимписките игри од три трки во кои учествуваше, освои еден златен медал, што значи дека има и други спортисти кои може да се носат рамо до рамо со него“.
Дојче веле: Дали сега на Параолимпиското движење му е потребна нова ѕвезда, некој кој повторно ќе упсее да премине во Олимписките игри?
Крег Спенс: „Минатата година на Светското првенство на МПК бевме сведоци на низа нови ѕвезди. Еден таков пример е Ален Оливеира, кој го совлада Писториус на трката на 200 метри во Лондон. Всушност неговото време на 200 метри беше петото најдобро време, подобро од кој било бразилски спортист, без хендикеп или параолимпиец.
Тој е моментално најголемата ѕвезда, а силната конкуренција ќе го мотивира да стигне и до Рио 2016. Дури сметам дека нема потреба да имаме праолимпијци кои ќе преминат во Олимписките игри“.
Крег Спенс е директор на одделот за комуникации при Меѓународниот параолимписки комитет во Бон.