Парични премии за доброволно заминување од Германија
4 декември 2017
Германската влада планира со пари да ги мотивира лицата, на кои им е одбиено барањето за азил, доброволно и што побрзо да се вратат во татковината. Дополнителните парични премии важат само до февруари
Реклама
Германското министерство за внатрешни работи наведува дека барањето за „реинтеграциска поддршка“ во износ од три илјади евра може да се поднесе до 28 февруари следната година. Семејствата на кои им е одбиено барањето за азил во Германија можат да добијат парична помош од 3.000 евра за станарина, изградба или обнова на домови, како и за купување кујна и реновирање на тоалет. За поединци, паричната помош изнесува 1.000 евра. Со оваа одлука се продолжува до крајот на февруари програмата „Почетна помош плус“ во рамки на проектот „Твоја земја, твоја иднина“.
Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер во изјава за весникот „Билд“ им порача на лицата на кои им е одбиено барањето за азил во Германија дека, доколку се одлучат за доброволно враќање, покрај почетната помош ќе добијат и помош за плаќање на сместувањето во земјата на нивното потекло, која ќе се издвојува во следните 12 месеци. Мезиер им порачува на тие лица дека постојат перспективи и во нивните земји. „Ви помагаме во реинтеграцијата со конкретна помош“, вели Мезиер.
Од Шуто Оризари до Германија и назад
02:26
Според весникот Билд, правото на парична помош меѓу февруари и октомври 2017 година го искористиле само 8,639 луѓе. Во Германија во моментов живеат 115 илјади лица на кои им е одбиено барањето за азил. Од нив, околу 80 илјади добиле ткн. „дулдунг“ или толериран престој. Останатите 35 илјади треба да бидат присилно вратени.
Германските власти со години им помагаат не само на лицата на кои им е одбиено барањето за азил, туку и на оние кои поднеле барање за азил, а процесот не е завршен. На тие лица во многу случаи им се пружа и финансиска помош. Притоа се работи за преземање на трошоците за враќање. Паричната помош им се пружа и на лицата кои имаат дозвола за престој во Германија, но кои би сакале да се вратат во родната земја.
Бегалци кои го сменија светот
Новиот претседател на САД го ограничи влезот за бегалците во земјата. Многу поранешни бегалци станаа светски познати музичари, актери, политичари или научници.
Фотографија: imago/Thomas Bielefeld
Алберт Ајнштајн
Познат по неговата Теорија за релативноста, германскиот Eвреин, добитник на Нобелова награда, Алберт Ајнштајн, бил во посета на САД во 1933. година кога му станало јасно дека не може да се врати во нацистичка Германија. Во една прилика тој напишал дека се чувствува како „привилегиран од судбината“ што живеел во Принстон, но речиси бил „засрамен што живеел во таков мир, додека останатите страдале“.
Фотографија: Imago/United Archives International
Марлен Дитрих
Германската пејачка и глумица Марлен Дитрих веќе беше ѕвезда и живееше во САД, кога го доби американското државјанство во 1939. година и ѝ сврте грб на нацистичка Германија. Проминентната бегалка говореше против Хитлер и настапуваше за војската на САД за време на војната. Истовремено, нејзините филмови беа забранети во Германија. Но таа кажа: „Родена сум како Германка и засекогаш ќе бидам тоа.“
Фотографија: picture-alliance/dpa
Хенри Кисинџер
Професор на Харвард и авторитет во областа на меѓународните односи-Кисинџер беше 56-от државен секретар на САД и одигра клучна улога во обликувањето на надворешната политика. Во 1938. година, Хенри Кисинџер, роден во Баварија, избега од Германија за да не се соочи со прогон од нацистите. Чувствата кон татковината останаа исти: „Германија никогаш не престана да биде дел од мојот живот“, изјави тој.
Родена во денешна Република Чешка, Медлин Олбрајт и нејзиното семејство дојдоа во САД во 1948. година кога комунистите ја презедоа власта во нејзината татковина. Таа почна да се занимава со политика и стана највисоко рангираната жена во владата на САД: Медлин беше првата жена државен секретар на САД (1997-2001).
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Loeb
Џорџ Вајденфелд
Роден во Виена во 1919. година, лордот Џорџ Вајденфелд бил британски Евреин и издавач. Тој емигрирал во Лондон по анектирањето на Австрија од страна на нацистите. Бил соосновач на издавачка куќа и работел во кабинетот на првиот претседател на Израел. Го финансирал спасувањето на христијаните од Сирија и Ирак. „Не можам да го спасам светот... но имам долг за отплаќање“, се неговите зборови.
Фотографија: picture-alliance/dpa/N.Bachmann
Бела Барток
Унгарскиот композитор, виртуоз на пијано и колекционер на народна музика, Бела Барток, иако не бил Евреин, се спротивставил на подемот на нацизмот и прогонот на Евреите. Во 1940. година тој се преселил во САД. Тој еднаш изјавил: „Мојата главна идеја е братство на луѓето, над сите конфликти“.
Фотографија: Getty Images
Милош Форман
Иако веќе бил познат режисер во татковината, тој ѝ го свртел грбот на Чехословачка и се преселил во САД по Прашката пролет во 1968. година. Подоцна, Милош Форман режираше два меѓународно познати филмови, кои освоија Оскар.
Фотографија: picture-alliance/abaca/V. Dargent
Изабел Аљенде
Чилеанскиот претседател Салвадор Аљенде беше насилно симнат од власт со пучот од 1973. година. Ќерката на неговиот братучед, Изабел, избегала во Венецуела откако почнала да добива смртни закани. Таа подоцна се сели во САД. Нејзините романи се меѓународно признати класици на магичниот реализам, како „Куќата на духовите“ и „Ева Луна“.
Фотографија: Koen van Weel/AFP/Getty Images
Мириам Макеба
Мириам Макеба беше на турнеја во САД, кога властите во Јужноафриканската Република ѝ го поништија пасошот поради нејзино учество во кампањата против апартхејдот и подоцна ѝ забранија да се врати во државата. Нејзината песна „Пата пата“ беше светски хит во 1967. година. Легендарната пејачка живееше во САД и Гвинеја пред повторно да може да се врати во сопствената земја, една деценија подоцна.
Фотографија: Getty Images
Седечки бик
Лидерот на Сијуксите, Татанка Ијотаке – Седечки бик е еден од најпознатите поглавари на домородните Американци во историјата. Неколку години од животот ги поминал како бегалец во Канада, каде што заминал во 1877. година. Во 1881. година се враќа во САД, каде првично бил затворен, по што бил ослободен и вратен во резерват.
Фотографија: Imago/StockTrek Images
Невен Суботиќ
Како и неговиот колега, Ведад Ибишевиќ од Херта Берлин, играчот во Бундеслигата, Невен Суботиќ побегна од војната во БиХ како дете. Свесен за тешките животни услови, Суботиќ во 2012. година основа фондација за помош на луѓето во најсироманите делови на светот и пристап до чиста вода.