1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парламентарни избори во Хрватска

23 ноември 2003
Денешните парламентарни избори во Хрватска минуваат во мирна и демократска атмосфера, со само мали приговори за евентуални нерегуларности. Според изјавата на претседателот на Државната изборна комисија Ивица Црниќ на пладневната прес-конференција, сите избирачки места во земјата и во диајспората биле навреме отворени. Црниќ апелираше да не се прекршува изборниот молк, иако Изборната комисија не располага со можности да изрече санкции, освен морални. Според извештаите од бирачките места дошло само до неколку помали случаи на нарушување на јавниот ред и мир за време на изборниот процес.

Претседателот на Државната изборна Комисија ги информираше новинарите дека се веќе пристигнати резултатите од избирачките места во Нов Зеланд, а секој момент треба да пристигнат и оние од Австралија, Кина, Јапонија и Малезија, каде на гласање излегле хрватските граѓани од дијаспората.

Според податоците со кои располага Државната изборна комисија до пладне пред гласачките кутии излегле околу 21% од граѓаните со право на глас. За споредба, на претходните избори во 2.000-та, до 12 часот тоа го сторија 24 проценти. Најголем број гласачи излегле во Вараждин, 31%, следи Карловац со 29,6, а најнизок одзив е забележан во Задар - од само 15 проценти. Следните податоци за одзивот Изборната комисија ќе ги објави во 17 часот, а првите неслужбени резултати се очекуваат во 21 часот и 30 минути.

Претседателот на државата Стипе Месиќ по излегувањето на гласачкото место оцени дека одзивот ќе биде добар. Тој исто така најави дека ќе разговара со сите партии што ќе влезат во парламентот, од кои ќе произлезе и мандатарот на идната влада. Но, прво мора да причекаме Државната изборна комисија да ја заврши својата работа, нагласи Месиќ.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми