1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парламентарни избори ќе има - ама во 2024 година

ДТЗ /ДВ
5 јануари 2021

Премиерот Зоран Заев ја отфрла можноста на предвремени избори. Смета дека тие ништо не би смениле. Анкетите, пак, покажуваат пад во рејтинзите и на партиите и на лидерите

Nord-Mazedonien Der Ministerpräsident der Regierung in Nord-Mazedonien, Zoran Zaev
Фотографија: Government of North Macedonia

Ќе има парламентарни избори, ама редовни – во 2024 година, заедно со претседателските, вели премиерот Зоран Заев, кој неколку дена по ред испраќа порака до опозицијата дека предвремени парламентарни избори нема да има. Тој е убеден дека евентуалните предвремени избори ништо не би промениле. Верува во истражувањата, кои, според него, покажуваат дека расте поддршката на власта. Заев излезе и со прогноза како би изгледал парламентот ако утре се одржат изборите. „СДСМ ќе има 49 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ 40, а ДУИ 16“, вели македонскиот премиер. Ваквите прогнози на Заев доаѓаат по последната анкета која што ја објави телевизијата Телма во соработка со МЦМС пред крајот на годината. Покрај голема недоверба во партиските лидери и пад на рејтингот на партиите, во однос на прашањето, за кого би гласале доколку утре има избори, анкетата покажа дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се во „мртва трка“ за гласови. СДСМ имаше 18,6 % поддршка, а ВМРО-ДПМНЕ - 18,1 отсто. 

Да ги засукаме ракавите

„Дадов збор дека ќе има редовни избори, а зборот е збор. Избори ќе има во 2024 година, кога се и претседателските“, порача премиерот Зоран Заев, на денешната прес-конференција. Според него, приоритет е да се спроведе ветеното и евентуалните избори нешто не би промениле. „Дотогаш да ги засукаме ракавите и да го спроведеме она што го ветивме. Впрочем, и да ги повториме сега изборите, последните истражувања покажуваат дека тоа нема многу нешто да промени. СДСМ со коалицијата, наместо 46 ќе има 49 пратеници, а ВМРО-ДПМНЕ ќе има 40. ДУИ, наместо 15 ќе има шеснаесет, Алијанса ќе има осум или девет пратеници“, вели Заев, во однос на барањата на опозицијата за негова оставка и за формирање влада за национален спас, која би ја водела земјата до нови предвремени парламентарни избори, заедно со редовните локални, кои треба да се одржат наесен.

-повеќе на темата: Парите ги обединија партиите

Заев, на заедничката прес-конференција со министерот за финансии Фатмир Бесими, рече дека следните парламентарни избори ќе бидат редовни, како што ветил за време на кампањата за изборите пред шест месеци. Тој посочи дека во 2024 година треба да се одржат и седмите претседателски избори во земјата, така што двата циклуса би можеле да се организираат заедно. Премиерот во серијата изјави деновиве беше дециден дека неговото евентуално повлекување би значело изневерување на народот кој му ја дал довербата. 

Изневерување на граѓаните

„На барањето на опозицијата поднесов оставка во 2019 година, понесувајќи ја одговорноста за француското вето. Го повикав народот да се изјасни, победивме на изборите. Моето повлекување ќе значи изневерување на граѓаните кои ми ја дадоа довербата“, вели Заев. Тој додава дека Владата продолжува понатаму со евроинтеграциски процеси, надевајќи се дека час поскоро ќе се реши прашањето со Бугарија. „А и доста е веќе од предвремени избори, ветивме редовни избори, по четири години. А и што ако одиме на избори, да се повторат истите бројки? Водиме 4,3 проценти пред ВМРО-ДПМНЕ, ништо посебно нема да се смени, а и ќе и потрошиме на државата нови шест месеци, ќе нанесеме и економски штети кога очекува рестарт. Нема да одиме на избори“, повтори Заев и на вчерашното гостувањето на телевизија „Сител“ во однос на барањето на опозицијата за предвремени парламентарни избори.

Расте недовербата

Граѓаните по првите 100 дена работа на Владата ѝ дадоа оценка 2,46 од 5, рејтингот на владејачката СДСМ беше речиси изедначен со оној на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и е под 20 отсто, а најголем пораст на популарноста има партијата Левица. Ова го покажа анкетата за рејтинзите во македонската политичка сцена нарачана од телевизијата Телма и од организацијата Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), која беше објавена кон крајот на годината. Таа покажа дека недовербата во партиските лидери е многу голема. 

-повеќе на темата: Стара приказна во пресрет на Нова Година во македонскиот парламент

Прашањето, за кого би гласале доколку утре има избори, покажува дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се во „мртва трка“ за гласови. СДСМ има 18,6 % поддршка, додека ВМРО-ДПМНЕ има 18,1 отсто. Подем има кај Левица за која се изјасниле 6,2 отсто од испитаниците во ова истражување Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев ја има поддршката од 39,7 отсто, додека лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го поддржуваат 28,3 отсто од граѓаните. Анкетата е спроведена во периодот од 16 до 24 декември, телефонски, на репрезентативен примерок од 1 000 испитаници.

-повеќе на темата: Алијансата стана понтонски мост за ВМРО-ДПМНЕ

Според анкетата, за Алијансата на Албанците 4,6, а за Беса 2,4. ДПА има рејтинг од 1,4 отсто, а Алтернатива само 0,5. Дури 21,8 отсто изјавиле дека нема да гласаат за никого, 11,1 проценти одбиваат да гласаат, а 6,4 отсто не знаат дали и за кого ќе гласаат. Аналитичарите оценуваат дека aнкетата само потврди дека континуирано се намалува поддршката на граѓаните кон политичките партии. Сѐ помал е бројот на граѓаните кои подржуваат одредена партија и излегуваат да гласаат за неа. Претпоставките се дека недовербата во судството, урнатите надежи за влез во ЕУ, како и пандемијата имаат улога во намалениот рејтинг на партиите. 
Според резултатите, постои недовербата во речиси сите политички лидери – недовербата за Зоран Заев изнесува 59,4 отсто, за Христијан Мицкоски, 70 отсто, за Али Ахмети дури 80,7 отсто, а за  Димитар Апасиев 66 отсто. Во Заев доверба имаат 39,7 отсто од испитаниците, а потоа следува лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој ужива доверба од 29,7 отсто, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски е на трето место со доверба од 28,3 отсто, а во Ахмети имаат доверба 15,5 отсто.

-повеќе на темата: „За“ и „против“ онлајн работа на Собранието

Во овој собраниски состав, кој беше избран на 15 јули, коалицијата на СДСМ и на Беса има 46 места, ДУИ – 15, ДПА – 1, ВМРО-ДПМНЕ – 44, Алијанса/Алтернатива – 12, а Левица има двајца пратеници. Владејачкото мнозинство има 62 пратеници поради што често се соочува со проблеми со кворумот, за што придонесува и ситуацијата со пандемијата. Опозицијата поднесе брони амандмани со што го блокирапе предлогот за онлајн работа на Собранието. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми