1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парламентот влегува во жешка недела

2 јули 2018

Треба да се прецизира дали до крајот на неделава пак ќе се гласа законот за ратификација на Договорот со Грција. Претстои избор на ДИК и консултации за референдум, а не стивнуваат повиците за протести против Договорот

Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: Picture alliance/dpa/epa/G. Licovski

Застој во активностите на партиските работни групи, недоверба, битка преку изјави и партиски соопштенија, закани за кривична одговорност... На ова е сведена комуникацијата меѓу владејачката СДСМ и опозицискатa ВМРО-ДПМНЕ во период кога се очекува конструктивност и придонес од сите политички субјекти во реализирањето на претстојните реформски обврски. Ваквата атмосфера се заканува да се „преслика“ и на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, а во пресрет на клучни седници и одлуки на парламентот. Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска треба да одржи и редовна средба со координаторите на пратеничките групи, по која треба да биде објавено дали до крајот на неделава ќе се одржи седницата на која повторно треба да се гласа законот за ратификација на Договорот со Грција, откако претседателот Ѓорге Иванов не го потпиша указот на законот по неговото првото изгласување. Неделава се очекува и разрешница во врска со составот на Државната изборна комисија. Претстојат и меѓупартиски консултации околу подготовките за рефрендумското изјаснување, кои според неофицијални најави, ќе започнат по Самитот на НАТО.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, барал средба со ИвановФотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Атмосфера на недоверба

Но, во опозицијата нема големо расположение за разговор.

„За што да разговараме? Во застој се разговорите за промени во регулативата за финансирање на партиите кои досега требаше да бидат договорени, како и за регулирање на подготвките на секои избори според претходниот Пржински модел со учество на опозицијата во клучни ресори“, кусо одговараат високи извори од партијата.

Ваквата атмосфера на недоверба е доминантна пред клучните процеси во парламентот. Според првичните најави, на 5-ти или 6-ти јули треба да се одржи седницата на која пратениците треба повторно да гласаат за ратификација на договорот со Грција, и ако го изгласаат, според Уставот, претседателот е должен да стави потпис на законот. Можноста тоа да не се случи е голема, исто како и во случајот со Законот за употреба на јазиците. Уставни експерти предупредуваат дека претседателот не смее да си дозволи уште една „противуставна авантура“.

„Со непостапување на претседателот, тој директно би ја блокирал надлежноста на парламентот. Уставниот суд по своја иницијатива треба да постапува, да заземе став дека има судар на надлежностите и да донесе одлука“, објаснуваат за ДВ извори од Уставниот суд. Но, признаваат дека поради „партиско инсталирање на судии од страна на претходната власт, во Уставниот суд денес нема мнозинство кое би имало професионална доблест да постапи на овој начин“. Според соговорниците, не е противуставно ако вторпат изгласаниот закон се објави во „Службен весник“ само со потпис на Талат Џафери, бидејќи ако нема потпис од претседателот, Иванов би бил  тој што го крши Уставот, а не претседателот на Собранието или службеното гласило.     

Ако претседателот Иванов не го потпише законот по второто изгласување, ќе ја загрози функцијата на парламентот, велат експертиФотографија: picture alliance/AP Photo/D. Vojinovic

Најави и закани

Ваква разврска веќе најави претседателот на парламентот.

„Ако и по вторпат не потпише, веќе станува лоша практика со мешање во надлежностите, кои што не му припаѓаат на претседателот. Собранието ќе ја истера целата процедура до крај како што треба“, рече Џафери на брифинг со новинарите. По оваа најава на Џафери, директорот на „Службен Весник“ Мартин Костовски изјави дека „Службен весник“ нема да ги спречи прогресивните и напредни процеси во државата.

„Ќе се водам по сите позитивни правни прописи во Република Македонија, но притоа 'Службен весник' како институција воопшто нема да биде пречка за напредните и прогресивни процеси во кои тргнува Република Македонија“, рече Костовски.

Повеќе: 

Заев за ДВ: Гордо ќе зачекориме низ вратите на Европа

Француска врска

Решените спорови донесоа датум, незавршените реформи - услови!

Од ВМРО-ДПМНЕ на ваквите најави одговорија со директни закани.

„Им порачуваме, да не си играат со Законите и Уставот на Република Македонија кои се гарантори за редот и поредокот на правната држава која ја зароби Зоран Заев и СДСМ за исполнување на лични цели. Овој чекор, доколку го направат, претставува ново кривично дело и тоа кривично дело никогаш не застарува. Одговорност за ова ќе има и неправдата која ќе ѝ биде нанесена на државата и граѓаните ќе биде исправена кога тогаш. Затоа ги повикуваме Џафери и Костовски, да не одат спротивно законите на Република Македонија, бидејќи ќе одговараат“, порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„Заканите се насочени на погрешна адреса, бидејќи во случајов потенцијалната одговорност би паднала врз претседателот“, велат нашите соговорници од Уставниот суд.  „Загрозувањето на функцијата на парламентот од страна на претседателот не е 'одбрана', туку кршење на Уставот. Членот 75 од највисокиот правен акт не му дава на претседателот дискрециски права за апсолутното вето. Такви решенија постојат во преседателските системи. Кај нас ветото е релативно и ако Иванов не го потпише законот по второто изгласување, тој лично ќе ја загрози функцијата на парламентот“, објаснуваат тие.

Иванов на истите позиции

 И досега имало обиди на Иванов а му се предочат ваквите околности, и особено сега во време кога се во прашање интеграциските приоритети. Но без успех.

„Кога одби да го потпише указот за Законот за јазиците, преку посредник побарав да се сретнам со Иванов, но до ден денеска одговор не добив. Едноставно тој реши да не комуницира. Видовте како помина средбата на премиерот и шефот на дипломатијата кога отидоа да му го однесат договорот со Грција“, потсетува Талат Џафери.

И вицепремиерот задолжен за европски прашања имал слично искуство. Лично два пати бил Иванов и барал, како што рече, „секој да изоди својот дел од патот“.

„Оваа година не смееме да имаме партиски калкулации. Меѓутоа, господинот Иванов не одговори конструктивно на нашите повици - и на Секратаријатот за европски прашања, и на ДУИ, и на Владата во целина. Останува повикот тој да биде конструктивен во овие важни месеци“, рече Османи.

Но, се сомнева дека тоа ќе се случи. „Лично ако ме прашате, не очекувам некаква конструктивност“, рече вицепрениерот. Притоа ги потенцираше уставните надележности на институциите Претседател и Собрание.

„Република Македонија според уставното уредување е парламентарна демократија во која што последниот збор, а особено во донесување на законите го има Собранието, а претседателот е само мал дел од извршната власт којашто нема никакво можно влијание врз улогата на Собранието, а најмалку да биде последниот збор за донесување на таквите одлуки. Постапките на Иванов се на некој начин обид за менување на системот без уставни промени, што е казниво со закон“, потенцираше Османи, и повика претседателот и опозицијата да се изјаснат дали се на страната на интеграциските процеси на земјата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, брзо ги разби дилемите.

„Опозицијата цврсто чекори кон патот на евроатлантските интеграции на Република Македонија, но доколку некој очекува од опозицијата да застане рамо до рамо со овие кои што ја потпишаа оваа капитулација, тогаш во најмала рака е премногу претенциозно да се очекува такво нешто од страна на опозицијата“, порача Мицкоски, и побара сите министри кои се занимаваат со евроатлантските интегративни процеси на Македонија „веднаш да си поднесат оставка“.

Во меѓувреме на социјалните мрежи растат повици за бојкот на каков било референдум, повици за протест против второ изгласување на Договорот со Грција „по углед на грчките протести“, но и закани до сите што ќе овозможат Договорот да биде објавен во „Службен весник“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми