1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парламентот ќе ја констатира оставката на Груевски

Б. Георгиевски18 јануари 2016

Владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за денеска во 17 часот закажале собраниска седница на која треба да се констатира оставката на премиерот Никола Груевски. Власта инсистира на избори на 24 април.

Фотографија: MAKFAX

Двете владејачки партии во Македонија подготвуваат терен за одржување на изборите на 24 април. За попладнево е закажана 87. седница на Собранието на која една од точките е и констатирањето на оставката која Груевски условено ја поднесе на 14 јануари.

Според информациите во повеќе македонски медиуми, Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ попладнево донел одлука за одржување избори на 24 април. Во моментов се одржува состанок на партиите од коалицијата „За подобра Македонија“.

Претходно, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ соопштија дека ја прифаќаат и методологијата за прочистување на избирачкиот список која беше предложена од Државната изборна комисија. Двете партии ги повлекоа и своите амандмани и забелешки од ДИК.

Комесарот за проширување Јоханес Хан во изјава за порталот Нова денеска ги повика политичките партии во Македонија да најдат заеднички датум за одржување на вонредните парламентарни избори.

„Јас кажав дека треба избори кои можат да имаат висок степен на добра подготвеност и да бидат фер, транспарентни и според меѓународните стандарди“, рече Хан. Еврокомесарот рече и дека е разочаран поради тоа малиот напредок во спроведување на реформските приоритети кои беа наведени во извештајот на Рајхард Прибе.

СДСМ претходно најави дека нема да прифати одржување избори на 24 април и најверојатно ќе ги бојкотира истите. Опозициската партија за денеска во 18 часот има закажано седница на Извршниот одбор на која се очекува ваквата одлука да биде потврдена.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми