Пародонтоза го зголемува ризикот од тежок облик на Ковид-19
15 мај 2021
Проблемите со забите можат да предизвикаат последици и го зголемуваат ризикот од срцев удар или болести на белите дробови. Нова студија покажува дека проблемите со забите можат да бидат ризик-фактор и за Ковид-19.
Реклама
Германското друштво за пародонтологија, повикувајќи се на нова студија, предупредува дека пародонтитисот, слично како и некои други болести, треба да се смета за фактор на ризик за тежок облик на Ковид-19.
Пародонтитисот, познат и како пародонтоза, е бактериско воспаление на непцата. Наследен фактор, пушење, лоша орална хигиена или погрешен начин на миење на забите, можат да предизвикаат создавање на наслаги од бактерии кои го напаѓаат забното месо. Тоа воспаление често останува неоткриено, бидејќи не предизвикува болка. Се забележува најчесто дури откако забите ќе прокрварат.
Научниците, користејќи електронски медицински досиеја, го испитувале текот на болеста кај 568 заболени од Ковид-19 во болниците во Катар во периодот меѓу февруари и јули 2020 година.
Според студијата објавена во специјализираниот магазин „Журнал на клиничката периодонтологија“, пациентите со Ковид-19 кои имале пародонтитис морале 3,5 пати почесто да бидат лекувани на одделенијата за интензивна нега и 4,5 пати почесто да бидат ставани на респиратор. Исто така, тие умирале речиси девет пати почесто од пациентите со здрави заби и непца.
Бактериите од устата преминуваат на белите дробови
Научниците воочиле дека пациентите со пародонтоза вдишуваат бактерии кои, на тој начин, од устата влегуваат во белите дробови и таму предизвикуваат дополнителни воспаленија, особено кај пациентите кои се на респиратор.
„Тоа може да придонесе за влошување на здравствената состојба на пациентите со Ковид-19 и да го зголеми ризикот од смрт“, вели авторот на студијата Маријано Занц. Поради тоа, тој препорачува пред употребата на респиратор, на пациентите кои имаат пародонтоза да им се дезинфицира усната шуплина.
Според Германското друштво за пародонтологија, студијата укажува на „важноста на пародонталното здравје во поглед на превенцијата, а можеби дури и на управувањето со компликациите со Ковид-19“. Затоа лекарите советуваат да не се занемарува негата на забите и непцата ниту во време на пандемија.
Растворите за гаргара подобри од брзите тестови
Според новата студија, растворите за плакнење на устата не само што можат да го намалат ризикот од инфекција со корона, туку можеби и да спречат тежок тек на болеста. Германското друштво за болничка хигиена изрично ги препорачува.
„Жабуркањето со дезинфекциски средства за грло ја намалува концентрацијата на вирусот толку што човек веќе не е заразен. Доколку се примени на време, може да се очекува само благ тек на болеста, доколку до неа воопшто и дојде“, вели за весникот Билд, професорот по хигиена Клаус-Дитер Кастров.
„Вируцидниот ефект на плакнењето на устата со средства како што е Бетаисодона е научно докажан и се однесува и на коронавирусот“, тврди д-р Кастров нагласувајќи дека тие средства се ефикасни и против било кој мутант на вирусот.
„Доколку се користат широко, вируцидните решенија се плакнење на устата можат побезбедно од брзите тестови да придонесат за преки на ланецот на инфекција, а пандемијата наскоро да заврши. Политичарите мора тоа конечно да го сфатат и да го применат“, вели Кастров.
Како да не им дадете шанса на вирусите и бактериите во кујната?
Во време на пандемија на коронавирусот особено важна е хигиената, не само личната. Редовното и правилно миење раце е главната „заповед“ за личната хигиена но постојат и златни правила за хигиена во кујната.
Фотографија: Johanna Schmeller
Слушајте ја мајка ви!
Уште од мали научивме: рацете мора задолжително да се мијат пред јадење. Истото важи и за готвењето. Дури и повнимателно, затоа што кога готвиме, можеме да ја загадиме храната со бактерии, која потоа сите ќе ја јадат. Правилното миење на рацете трае најмалку 30 секунди. Насапунети треба да бидат ноктите како и наборите меѓу прстите.
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
Само еднаш не е доволно
Задолжително мијте ги рацете не само пред да започнете со готвењето, туку и во текот на целиот процес. Особено ако сте допреле сурово месо, риба, јајца или отпадоци. Бидејќи сите тие се носители на бактерии кои не треба да се шират на другите производи. Особено на суровата храна, како што се салатите или доматите.
Фотографија: dapd
Одделно месо, одделно зеленчук
За да се избегне контаминација меѓу различните производи, за животинските производи не треба да се користат исти алатки како за другите производи. Ова е особено важно за ножевите и за даските за сечење. Најдобро е да имате специјална даска и специјален нож само за сурово месо. Инаку, пред да ги користите за сечење на зеленчук, даската и ножот треба да се измијат со детергент и со топла вода.
Бактериите се минијатурни. Она што нам ни изгледа како гребаница е огромна шведска маса за салмонелата. Изгребаните кујнски даски многу тешко се мијат. Значи, ако даската е веќе премногу изгребана - подобро да купите нова.
За нас драскотина, за бактериите - вселена
Фотографија: picture-alliance/L. Halbauer
Менувајте ги почесто!
Кујнските крпи, сунѓери и четки се омилено засолниште за бактериитеи вирусите. Затоа, по секоја употреба, тие треба да се исплакнат со врела вода, а потоа да се исушат. Кујнски сунѓери и крпи не треба да се користат повеќе од неколку дена. Потоа треба да ги замените или да ги ставите во машината за перење на 70 степени.
За крпите истото важи како и за сунѓерите: по употребата тие треба да се исушат и да се заменат најмалку еднаш неделно. Со овие крпи, во никој случај не треба да сушите сурово месо или да ги бришете остатоците од протеини - за оваа намена користете хартиени крпи и потоа веднаш фрлете ги.
Фотографија: picture alliance/chromorange/B. Türk
Во ладно. И во кутии.
На температура под 7 Целзиусови степени, повеќето микроорганизми или не се репродуцираат или го прават тоа многу бавно. Затоа храната која брзо се расипува како месо, риба или јајца треба да се чуваат во најстудениот дел во фрижидерот - обично во кутиите на дното. Многу е важно редовно да се мие внатре фрижидерот, бидејќи во спротивно ќе се појават цели колонии бактерии.
Фотографија: Colourbox
Жешко!
Безбеден начин да се уништат вирусите и бактериите е високата температура. Затоа месото, рибата и јајцата секогаш треба да бидат добро термички обработени. Што значи дека внатрешноста на овие намирници треба да се загрева на најмалку 70 степени и најмалку 2 минути. Салатите, зеленчукот и овошјето кои се јадат свежи мораат да бидат добро измиени. И само тогаш можеме да посакаме: Добар апетит!