1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиите пред клучни одлуки: Избори или бојкот?

Катерина Блажевска16 април 2016

ДУИ досега поддржуваше избори на 5-ти јуни, но по одлуката на Иванов, не е исклучено да го редефинира ставот. „Напуштете го 'Титаник'“, ѝ порача на ДУИ академик Абдулменаф Беџети.

Наредните денови ќе бидат клучни за одлуките на партиите кои досега не се изјаснија дали ќе учествуваат на изборите распишани за 5-ти јуни. Покрај СДСМ и нејзината опозициска коалиција која децидно се изјасни дека ќе ги бојкотира изборите, вчера бојкот најавија уште четири македонски партии - Демократски сојуз, ФРОДЕМ, ДЕМОС и МОРО - Работничка партија.

„Нема да учествуваме на парламентарните избори закажани за 5-ти јуни. Сметаме дека не се создадени елементарни услови за одржување на фер, демократски, слободни и кредибилни избори. Еднопартиски парламент од 123 членови на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде катастрофа за Република Македонија, за нејзиниот демократски развој, перспективите и опстојувањето како држава. Ги повикуваме граѓаните на Македонија да ги бојкотираат изборите“, апелираа четирите партии.

Во претходните денови за бојкот се изјаснија и некои албански партии.

Што ќе реши ДУИ?

Засега, најнеизвесно е каква одлука ќе донесе владејачката ДУИ. Таа досега го поддржуваше одржувањето на изборите на 5-ти јуни, но одлуката на Иванов за аболиција и неговото одбивање да ја повлече, може да влијае врз редефинирање на ставот на ДУИ, иако нејзини претставници сѐ уште тврдат дека таа ќе оди на избори. Тој став вчера го повтори портпаролот Бујар Османи, во дебата на ТВ „Телма“.

„Нема друго решение, освен почитување на тешко постигнатиот Договор. Секое друго решение е свесно влегување во хаос. Ние сме одговорна партија, која цело време зборува за интересите на државата и граѓаните. Но ако на крајот партиите се покажат неодговорни, ние ќе го заштитиме интересот на Албанците и на нашиот електорат. Нема да дозволиме Албанците да бидат колатерална штета на оваа недоверба и нерационалност на македонските партии. Нема да дозволиме да бидат топовско месо или инструмент на едната или другата страна. Сакаме оваа криза да заврши, за да се вратиме на евроатлантските интеграции. За нас, НАТО е од животно значење“, рече Османи.

Според него, кога биле одложени изборите од 24-ти април за 5-ти јуни, меѓународната заедница не го поставила како услов учеството на која било партија во изборниот процес. Тој објасни како тогаш течело договарањето со гарантите.

„'Дали може да ги одложиме од 24-ти април за 5-ти јуни? Да, ќе ги одложиме. Дали потоа може да има отстапување? Не, нема веќе да има отстапување'. Тоа беше договорот. Меѓународната заедница беше многу јасна. Така што, СДСМ со неучеството прави штета. Ни прави штета и нам, на Албанците, бидејќи ние ќе треба да се соочиме со една македонска политичка партија, која можеби ќе контролира 80 или 90 пратеници. Затоа СДСМ треба да биде во процесот“, порача Османи.

Сепак, високи извори од ДУИ велат дека оттогаш до денес ситуацијата драматично се изменила и оти „ништо не е конечно“. Партијата уште еднаш ќе направи темелна анализа и на предностите и на ризиците што ги носи учеството на избори во кои нема да учествува опозицијата, но, пред сѐ, ќе го оцени степенот на реализација на условите за кредибилен изборен процес. Ова прашање вчера го остави отворено и лидерот Али Ахмети, кој имаше средба со Зоран Заев во седиштето на СДСМ, посветена на одлуката на Иванов и барањето на партиите тааа да биде повлечена. На излегување од средбата, на новинарско прашање дали ДУИ ќе учествува на изборите или ќе ги бојкотира, Ахмети само кусо одговорил дека „се' уште е рано да се изјасни за тоа“ и одбегнал други прашања.

Илјадници граѓани протестираат против одлуката на претседателот Иванов за амнестијаФотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Беџети: Напуштете го „Титаник“!

Голем дел од албанскиот електорат не гледа благонаклоно на тоа што „ДУИ може да остане во скутот на ВМРО-ДПМНЕ ако реши да ѝ прави друштво на парцијални избори“, особено не по одлуката на Иванов, која преку помилување најдиректно потврдила нечии криминали. Сметаат дека ДУИ треба да се дистанцира од ДПМНЕ. Слични пораки стигнуваат и од интелектуалната јавност. Академик Абдулменаф Беџети јавно упати „последен апел до ДУИ: Не го коментирајте Иванов, барем еднаш држете се до зборот и одвојте се од ',неговиот караван'“! Во обраќањето, Беџети посочи дека постапката на Иванов е во функција само за спасување на неговите партиски шефови, на сметка на државата.

„Наивно е да помисли дека му веруваме оти за ова не консултирал ниеден од аболираните, затоа што Иванов го нема тој комодитет. Тие самите му го подготвиле сценариото уште од антиуставната одлука на (не)Уставниот суд, потоа истата му ја конципирале и му ја наметнале за потпис. Тој и само оваа улога ја имаше досега, бидејќи никогаш не покажа друга. Така беше и со Законот за високо образование, па потоа го оставија на цедило! Ова е почетокот на крајот на кризата според него, а според нас, всушност претставува нејзина кулминација. Но, можеби наскоро ќе биде крај, затоа што нема каде понатаму. Овде е крајот на растурањето на институциите. Впрочем, сите диктатури така завршуваат“, напиша Беџети.

Тој порача дека Македонија нема да дозволи да ја однесат во прегратката на Исток.

„Сме биле и остануваме на западните 'фреквенции'. Таму ни е местото. Затоа најпријателски апелирам кај ДУИ, без разлика што ме сметаат за нивен опонент/критичар: Ако барем, малку мислите за државата која толку многу ја сакате, одвојте се од 'Титаник' и од диктатурата во пропаст“, ѝ порача на ДУИ академик Беџети во јавното обраќање.

Протести без насилство

01:49

This browser does not support the video element.

ДПА молчи

Сѐ уште нема сигнали дали опозициската ДПА ќе учествува на изборите.

Партискиот лидер Мендух Тачи пред неколку дена по средбата со претседателите на Словенија и Хрватска, оцени дека се уште не се исполнети услови за фер-избори на 5-ти јуни, но не се огласи по нивното вчерашно распишување. Засега молкот го пополнуваат дисононатни тонови од членови на партијата. Пратеникот на ДПА, Имер Алиу, синоќа на неговиот Фејсбук-профил изрази спротивен став од претставникот на ДПА во Државната изборна комисија, Бедредин Ибраими, кој синоќа гласаше „за“ ставот дека има услови за избори на 5-ти јуни.

„Не се исполнети услови за веродостојни избори поради избирачкиот список. Исто така, спорни се и изборните единици, кои во сегашната ситуација не се еднакви по број на избирачи во нив, со што Албанците губат 5 до 6 пратеници“, напиша Алиу.

Како што објавија некои медиуми, ваквата разлика во ставовите, се поврзува со фактот дека синот на Бедредин Ибраими од 1-ви април бил вработен во Агенцијата за воздухопловство. Извори во партијата не сакаат да коментираат дали наклонетоста на Ибраими кон ставовите што ги протежираат членовите на власта во ДИК е поврзана со вработувањето на неговиот син непосредно пред изборите.

Забрана“ за Спасовски

Покрај одлуката на Иванов за аболиција, која според бројни меѓународни реакции „целосно ја доведе во прашање способноста на Македонија да организира кредибилни избори“, ВМРО-ДПМНЕ и техничкиот премиер Емил Димитриев не се воздржуваат и од други чекори кои ги влошуваат условите за избори. Како што изјави портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, Владата вчера му ги одземала сите ингеренции на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Одлуката била донесена на владина седница која траела од пред полноќ до 4 наутро, без присуство на министрите од ДУИ и СДСМ. Со одлуката биле укинати двата правилника што на 11-ти април ги донел министерот Спасовски, затоа што Владата сметала дека се поврзани со изборите, а немале потпис од дополнителниот заменик- министер, Митко Чавков. Освен што му ги укинала сите одлуки, Владата „му забранила“ на министерот Спасовски да носи какви било решенија - правни, финансиски и кадровски, без потпис од дополнителниот заменик - министер.

Гарантите на Договорот од Пржино со крајна загриженост гледаат на ваквиот развој на настаните. Во деновите од викендот ќе продолжат дипломатските активности за барање решенија за излез од ваквата состојба.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми