1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиските тимови на „сув тренинг“ за средбата со Хајндл

Катерина Блажевска11 мај 2016

Добро е четворката да постигне договор за двете клучни прашања пред доаѓањето на Хајндл, за да може потоа да почнат директни преговори за другите важни обврски, велат преговарачки извори

Фотографија: picture alliance/CTK/Horazny/Sterba

Лидерската четворка се подготвува за првата средба со Јоханес Хајндл, искусниот дипломат кој Германија го назначи за специјален пратеник што ќе посредува во решавањето на политичката криза во Македонија. Хајндл в четврток пристигнува во Скопје, а по разговорите со амбасадорите на САД и ЕУ, најверојатно првите средби со партиските тимови ќе ги реализира в петок. Во Македонија доаѓа по консултативните средби во Брисел и во време кога партиската четворка е заглавена во ќорсокак по двата клучни предуслови за продолжување на дијалогот: поништување на аболицијата и одложување на изборите закажани на 5-ти јуни.

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, според партиски извори, вчеравечер требало да го изгради конечниот став околу учеството на изборите, односно дали ќе достави кандидатски листи за пратеници, но и да расправа по прашањето дали има механизам за нивно одложување, со оглед дека СДСМ, ДПА и ДУИ нема да учествуваат во тој процес. Неизвесно е дали ќе расправа и каква аргументација ќе подготви и по прашањето кое предизвика масовни домашни протести и жестоки меѓународни реакции - претседателската одлука за аболиција и барањата за нејзино поништување. Од останатите три партии велат дека нивните позиции се јасни за двете клучни прашања. Според преговарачки извори, би било пожелно четворката да постигне договор по двете прашања пред доаѓањето на специјалниот пратеник, за да може потоа да почнат директни, заеднички преговори за другите важни обврски кои стојат пред Македонија. Постои мал и умерен оптимизам дека до вечер или до четврток може да дојде до некаков начелен договор, но велат дека тоа зависи единствено од свеста и волјата на сите учесници во процесот.

„Нема веќе време за губење. Треба да се донесат тешки и сериозни одлуки“, рече вчера шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, амбасадорот Аиво Орав, укажувајќи дека спроведувањето на Договорот од Пржино во минатата година, за жал, може да се опише само со зборовите „опструкции, одлагања и неспроведувања“.
И портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич, вчера изјави дека „Европската Унија очекува од политичките лидери во Македонија да најдат излез од политичката криза во земјата“.

Преговорите на четворицата лидери тапкаат во место

Условен датум

Сега, кога топката е префрлена кај партиските лидери, и сосема извесно дека нема услови да се одржат избори на 5-ти јуни, се очекува партиите во пакет со двете клучни одлуки да постигнат и начелен договор околу идните чекори. Неофицијално, се разговара за пролонгирање на изборите за четири месеци, односно за 25 септември или за 2-ри, 9-ти или 16-ти октомври, но тоа би било прифатливо за сите само ако дотогаш бидат исполнети сите услови за фер избори, реално, а не декларативно. Бидејќи гаранции нема, за да не се влезе во нова стапица - да се фиксира датум а да не се исполнат условите, опозицијата предлага датумот да биде условен, и зависен од исполнувањето на условите. Дваесетина лидери и високи функционери на парламентарни и вонпарламентарни партии (со исклучок на ДПМНЕ, ДУИ и ДПА) кои вчера учествуваа во дебата на невладината организација „Цивил“, порачаа дека се додека не завладее правото, не може да има фер избори. Лидерот на Либералната партија, Ивон Величковски и Фатон Алити од Партијата за демократски просперитет, сметаат дека подготовката за фер-избори треба да ја спроведе концентрациона влада, која ќе биде инклузивна и за граѓанскиот сектор. Според нив, таа треба да спроведе попис, реформи во медиумите, цивилна контрола врз тајните служби, промена на изборниот модел во една изборна единица со отворени листи, реално прочистување на избирачкиот список и други предуслови. Претставници на ФРОДЕМ, Достинство, НДП и други партии, се на ставот дека треба да се формира експертска влада со компетентни и некомпромитирани личности, со мандат од шест до 12 месеци.

Зошто расте бројот на гласачи?

Засега единствено е извесно дека форматот на Владата до следните избори ќе зависи од договорот дали изборите ќе бидат пролонгирани на одредено или на неодредено време. Дотогаш останува време за темелна ревизија на Избирачкиот список. Тој и покрај административната и теренска проверка не ја врати довербата во неговата веродостојност кај сите граѓани, бидејќи секој нов податок отвори и нови прашања. Така беше и вчера кога ДИК ја презентираше бројката од регистарот на државјани, што ја добиле од Министерството за внатрешни работи. Според тие податоци, Македонија има 1.958.844 полнолетни државјани и 505.422 малолетни државјани, односно вкупно 2.464.266 државјани. Членот на ДИК од ДПА, Бедредин Ибраими, пресмета колку државјани не се во списокот.

Фотографија: DW/N. Velickovic

„Ние на јавен увид доставивме Избирачки список со бројка од 1.804.456 гласачи. Ако оваа бројка ја минусираме од 1.958.844 полнолетни државјани, излегува дека 154.388 полнолетни државјани не се запишани во Избирачкиот список. Најверојатно не поседуваат лична карта или патна исправа“, рече Ибраими.

Според него, овој извештај потврдува дека треба да се престане со прашањата како може од два милиона жители според последниот попис на населението, да има над 1.800.000 гласачи. На седницата беше речено дека бројот на гласачи во наредниот период ќе расте, бидејќи дел од државјаните кои не се запишани во Избирачкиот список во меѓувреме ќе добијат патна исправа или лична карта.

„Јас сум убедена дека ќе се расчисти маглата околу бројот на граѓани кои се наоѓааат во Избирачкиот список и како можело нивниот број да биде толку голем, наместо ДИК да брише и наместо тој да се намалува,“ рече Силвана Бонева.

Но, јавноста не е убедена дека ДИК ја завршила работата. Разврската на кризата во оваа фаза треба да почне со оставка на Државната изборна комисија, зашто не ја заврши работата, порача претседателката на ДОМ, Лилјана Поповска на вчерашната дебата за политичката ситуација во Македонија.

„Сите видовме дека Избирачкиот список е полн со починати, иселени, непостојни лица. ДИК прво со консензус заклучи дека има над 300.000 сомнителни што треба да се проверат, а сега тврди дека избирачкиот список е прочистен. Како можеме да веруваме во тоа, кога знаеме дека ни пријавата од ДОМ за поголем број грешки во списокот, ДИК не ја стави на теренска проверка, ниту пак ни одговори. А во таа пријава стои и името на нашиот моментален премиер, Емил Димитриев, пронајден на друга адреса од онаа на која живее во Пробиштип. Патем, истиот тој има дадено трета адреса во анкетниот лист! И како сега да им веруваме на институциите, раководени од овие луѓе, дека ќе обезбедат фер и демократски избори?“ праша Поповска.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми