1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партиско финансирање на албански начин

Линдита Арапи
7 април 2018

Во Албанија, најсиромашната земја во Европа, политичките партии трошат огромни суми на лобисти. Прикриено и нелегално партиско финансирање е широко распространето. Тоа не е поврзано само со корупцијата.

Albanien Parlamentswahlen 2017
Фотографија: DW/A. Ruci

Извештај на американскиот магазин Mother Jones во Албанија предизвика политички земјотрес: во него пишува дека во рамки на рекламната кампања на американската организација за лобирање Ник Музин за Демократската партија на Албанија биле префрлени стотици илјади американски долари во САД од фантом фирмата Бианата Трејд.

Во магазинот пишува дека зад фантом фирмата стои руско финансирање. Партијата потврди дека има регуларен договор со компанијата Ник Музин, но нагласува дека не префрлила повеќе од 25 илјади долари за рекламната кампања во САД. Од каде потекнува остатокот од парите кои компанијата за лобирање ги има наведено за нивната работа са партијата, до ден денешен е нејасно.

Скандал со потенцијал: пред сѐ поради тоа што Русија се споменува во контекстот, земја која Албанците не ги третира како пријатели. Демократската партија силно се спротиставува на обвинувањата и на политичкиот противник, Социјалистичката партија, ѝ префрла валкана кампања. Генералниот секретар на Социјалистите, Таулант Бала, во разговор со ДВ бара детално расчистување на случајот: „Тоа е прашање на националната безбедност на Албанија ако се потсетиме на тенденциите на Русија да го прошири своето влијание. Албанија до сега се чинеше имуна, како единствена земја”. Сега веќе и албанските власти се вклучени во истрагата на случајот.
Повеќе: 

Јункер за ДВ: Македонија разбра, Албанија малку помалку

Албанија - недопирлив бастион на криминалот?

Протокот на пари не е транспарентен

Дебатата околу протокот на пари на површина извади стар проблем: како се финансираат водечките партии во Албанија и од каде е потеклото на парите?

Албанските партии со години трошат огромни суми пари за лобирање во странство. Покрај тоа за свечените предизборни кампањи се трошат пари кои во сиромашна земја како Албанија предизвикуваат неразбирање.

Директорот на Институтот за политички студии, Африм Красниќи, зборува за клиентелистички систем во неговата земја: „Формално партиите ги пријавуваат своите трошоци и финансирањето без детали, а бројките надвор од системот кои не се пријавени во Централната изборна комисија се повеќекратно повисоки.” Тој проток на пари не бил транспарентен. Експертката за Балкан Јохана Дајмел од Здружението за Југоисточна Европа вели дека тоа не се однесува само на Албанија: „Проблемот со прикриени или нелегални партиски финансирања, севкупната нетранспарентност е за жал еден од клучните проблеми во регионот. Парите или директно одат кај политичари  и партии или преку други канали индиректно се влеваат во погодни медиуми и верни претпријатија.”

Стар проблем: како се финансираат водечките партии во Албанија?Фотографија: DW/P. Pani

„Нѝ претстои многу работа”

Во Албанија има и други проблематични појави. Политологот Африм Красниќи го разгледувал случајот на тројца албански пратеници кои во медиумите отворено признале дека во последната предизборна кампања уплатиле речиси еден милион евра на својата партија. Красниќи открил дека овие суми никаде не се појавуваат во официјалните документи на Централната изборна комисија. Тој јавно побара, Јавното обвинителство да ги истражи овие случаи. Тоа пак не најде причина за покренување истрага за јавните искази на пратениците. Од обвинителството топката ја префрлија на Антикорупциската комисија која пак им издаде потврди дека се чисти. Образложението гласеше дека во писмените изјави на пратениците нема јавно признание за финансиски уплати.

Дали албанската политика е топка во играта меѓу криминални групи? Ваквите дилеми често пати се отвораат во албанските медиуми. Јавно е познато дека во изминатите години повеќе лица со криминално минато се најдоа на политички позиции. Само под притисок на ЕУ и на албанската опозиција во 2015 година се донесе Закон за декриминализација кој меѓу другото предвидува казнувани лица да не смеат да станат пратеници. Со тоа паднаа и неколку познати политичари. Првиот човек на Централната изборна комисија, Клемент Згури, пред Парламентарната законодавна комисија во Тирана, пред неколку дена призна дека партиите честопати сакаат да си сокријат изворите на финансирање. Неговата институција бара транспарентност: „Нѝ претстои многу работа.”

Безнадежна битка?

Токму оваа најважна е контролна инстанца во принцип е само „тигар од хартија”. Партиите според пропорционален систем се застапени во ЦИК која пак ги назначува ревизорите. На крајот одлуките се носат во оваа комисија во која клучните партии де факто може да покренат вето. Тешко дека албанските партии би можеле да најдат подобри услови за вечната криенка со финансирањето. Последицата е тоа што транспарентноста во Албанија ја гледаат како бескорисен напор во една безнадежна битка. Политикологот Красниќи го нарекува „премолчен пакт на партиите за да не се дозволи увид во често пати незаконските активности.”

ОБСЕ затоа бара законски промени за поголема транспарентност. Во изјава за ДВ, ОБСЕ потврдува дека актуелната регулатива во Албанија има дупки, особено што се однесува до изборните кампањи. „Законот не гарантира доволна транспарентност на информациите за финансирањето на изборни кампањи бидејќи таквата изјава не се бара да се достави пред самите избори.” ОБСЕ покрај тоа бара ревизорите и ЦИК да имаат комплетен пристап до информациите за финансирањето на партиите. Прашање е дали албанските партии тоа ќе го дозволат.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми