1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партијата на Макрон во криза поради секс-видео

Андреас Нол
18 февруари 2020

„Одмазднички порно“ скандал ја тресе Франција. По оставката на кандидатот за градоначалник на Париз на Макрон, наследникот е подготвен. Една докторка треба да го спаси она што сѐ уште може да се спаси.

Frankreich Benjamin Griveaux
Бенжамен Гриво тврди дека се води кампања против него и дека со семејството е изложен на „клевети, лаги, гласини и анонимни напади, како и смртни закани“Фотографија: AFP/L. Bonaventure

Кога Емануел Макрон беше избран за претседател во мај 2017 година, тој вети расчистување со старата политичка класа. Тој требаше да внесе нешто ново. Тоа ново беше и Ањез Бузин, која Макрон еден ден по неговиот избор ја назначи за министерка за здравство. Бузин немаше партиска политичка кариера, туку беше докажана во своето поле. Како научник истражувач за карцином, таа прво беше назначена за раководител на националниот Центар за истражување на карцином, а потоа и за шефица на највисоките здравствени власти во земјата. На крајот Макрон ја постави за министерка. Сега таа треба да ја предаде својата позиција на нејзиниот наследник и тоа во екот на бранот со корона-вирус.

Но, Бузин има нешто поважно што треба да го стори за партијата на претседателот. Лекарката треба повторно да ја заживее политичката кампања, која во петокот нагло запре. Иронично, „Републиката напред“ (РЕМ) си го загуби кандидатот за престижното градоначалничко место на Париз, Бенжамен Гриво: оставка поради секс-видео. Политичка катастрофа пред локалните избори кои за еден месец треба да се одржат во Франција.

Ањез Бузин е новата врвна кандидатка во партијата на МакронФотографија: picture-alliance/APF/A. Jocard

Секс-видео кружи на социјалните мрежи

Поранешниот политичар од социјалистите Гриво се смета за еден од најтесните соработници на Макрон – му служеше во претседателската кампања, а потоа и како владин портпарол. Но неговата кандидатура беше контроверзна во партијата. Ексцентричниот математичар Седрик Вилани, друг политичар од РЕМ, исто така целеше кон градоначалничката функција. Вилани во јануари беше исфрлен од партијата за да се подобрат шансите на Гриво.

А сега настана тотален колапс. Има различни верзии за позадината на нештата. Едно е сигурно: од четвртокот на Твитер циркулира видео во кое се гледа како еден маж мастурбира – наводно тоа е Гриво. Политичарот во петокот на телевизијата БФМТВ се пожали дека се води хајка против него и негови блиски: „Повеќе од една година моето семејство и јас сме изложени на клевети, лаги, гласини и анонимни напади (..) како и смртни закани“, изјави тој. Но политичарот не ја негираше веродостојноста на компромитирачкото видео. Медиумската платформа Медиапарт објавува и пикантни пораки испратени на жена која не е неговата сопруга.

Седрик Вилани беше исфрлен од партијата за да се зголемат шансите на ГривоФотографија: Getty Images/AFP/J. Saget

Автор е руски уметник?

Пјотр Павленски, познат руски перформанс-уметник, тврди дека минатата недела ги пуштил во оптек фајловите на, во меѓувреме затворената, страница Pornopolitique.com. Павленски изминатите години постојано привлекува внимание со „спектакуларни“ акции. Меѓу другото, седеше гол пред мавзолејот на Ленин на Црвениот плоштад во Москва, покривајќи го само половиот орган. Друг пат беше завиткан во бодликава жица или пак со зашиена уста во знак на поддршка на Пуси Рајот. Во знак на протест против руското раководство тој предизвика пожар пред централата на руската разузнавачка служба ФСБ.

Овој бегалец од Русија во Франција ужива политички азил, точно од доаѓањето на Макрон на функцијата, но веќе се „запозна“ и со тамошниот затвор. Запали пожар во една филијала на Банката на Франција во Париз.

Критика за политичката класа

Пјотр Павленски е познат по своите спектакуларни протестиФотографија: Reuters

Во Франција се води дебата дали објавувањето на интимни слики на еден политичар може да се сметаат за уметничка акција. Во секој случај, Павленски ја потврдува политичката димензија зад објавеното видео. Тој го критикува наводното влошување на политичката ситуација во земјата: „Тој (Гриво н.з.) се повикува на семејни вредности, сака да биде градоначалник на семејствата и ги користи својата сопруга и децата како пример за тоа. Но, во реалноста го прави токму спротивното“, вели Павленски за весникот „Либерасион“. Тој вели дека фајловите ги добил од личност која имала врска со Гриво. Значи, класична „одмаздничка порно-снимка“.

Но во Франција се шпекулира дека видеото може да биде протечено од сопартијци. Во меѓувреме полицијата ги уапси уметникот и неговата девојка. Можно е и тие да го имаат направено видеото. Се шпекулира дека Павленски намерно ја натерал девојка му да му пристапи на Гриво и така да го намами во стапица. Но, засега нема јасен доказ за ниту една од овие теории.

Пресврт во француската политика

Гриво добива натпартиска поддршка на солидарност од политичката класа. Во Франција приватниот живот на еден политичар важеше за табу тема, но тоа се смени со појавата на интернет. Новинарите кои во минатото беа добро информирани за бројните афери на врвните политичари и молчеа, ја загубија функцијата на поправачи на јавното мислење. Гриво е првиот политичар во Франција, кој “падна“ поради вонбрачна афера. И самиот факт што 42-годишниот испраќал секс-видеа преку интернет фрла лошо светло врз него, како човек близок на Макрон, се посочува во дебатата што се води во Франција.

Макрон со падот на Гриво губи близок соработникФотографија: AFP/G. Fuentes

Избори за освестување

За претседателот, промената на водечкиот персонал во Париз на само еден месец пред локалните избори доаѓа во неповолно време. Да се биде на чело на главниот град не само што е прашање на престиж, туку партијата РЕМ во минатото таму бележеше најмногу симпатии.

Но, победата и пред протекувањето на видеото не беше сама по себе разбирлива. Во последните анкети Гриво беше треторангиран зад социјалистката и актуелна градоначалничка Ан Хидалго и конзервативната Рашида Дати, без изгледи за победа.

И во другите големи градови се забележува повторно засилување на етаблираните партии со нивните докажани политички кадри. Движењето на Макрон, кое на почетокот привлекуваше доста лица во политиката кои немале допирни точки со неа, сега како владина партија загуби на атрактивнист и очигледно тешко се контролира. Во 16 од 60-те најголеми градови во Франција дисиденти на Ен Марше ќе си ги мерат силите со официјалните кандидати на партијата. Покрај тоа, зачестени се и пристапувањата и истапувањата од партијата. Нуспојавите на протестите на Жолтите елеци и против реформата на пензискиот систем си го сторија своето. За 58-годишната Ањезс Бузин во март битката ќе биде да излезе колку-толку „сочувана“ од аферата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми