1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партијата на Меркел сака коалиција со СПД

ЖА / агенции
27 ноември 2017

Раководството на ЦДУ синоќа одлучи - сака нова голема коалиција со СПД, а отфрла малцинска влада. Двете партии веќе поставуваат свои барања уште пред преговорите.

Berlin Merkel und Kauder
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Kembowski

По неуспешните сондирања за формирање влада на т.н. Јамајка коалиција со Либералите и Зелените, ЦДУ сега се потпира на СПД. Најтесното раководство на Христијанско-демократската унија, на чело сопартиската лидерка Ангела Меркел,  според изјавата на покраинскиот премиер на Шлезвиг-Холштајн, Даниел Гинтер, синоќа недвосмислено се изјаснило во прилог на голема коалиција со Социјалдемократската партија, а ја отфрлило идејата за формирање малцинска влада: „Наша цврста намера е формирање ефективна и стабилна влада. Според наше убедување, тоа не е можно со малцинска влада, туку дефинитивно само со коалиција со парламентарно мнозинство“, изјави Гинтер по четиричасовните советувања на претседателството на ЦДУ во Берлин. Единствено во случај преговорите со СПД да претрпат неуспех, ќе се размислува за друго решение.

Меѓутоа, политичарите  од ЦДУ упатија предупредување до СПД да не се впушта во прекумерни барања во евентуалните претстојни преговори. 

Заменик-шефот на пратеничката група на СПД, Карл Лаутербах процени дека  шансите за ново издание на голема коалиција се „фифти-фифти“,  а никако поголеми. СПД ќе седне на преговарачка маса со Унијата (ЦДУ/ЦСУ) изјави тој: „Но, тоа не значи автоматски дека СПД ќе учествува во владата. Ако ЦДУ и ЦСУ не излезат во пресрет на барањата на СПД, ќе има нови избори“, изјави Лаутербах за „Пасауер ноје пресе“.

Околу можностите за формирање влада денеска германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер повторно ќе води разговори со претставници на политичките партии.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми