1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинч по „македонска линија“ меѓу германските ЦДУ и СПД

30 март 2017

Вчерашната расправа во Комисијата за европски прашања на германскиот Бундестаг за состојбата во Македонија донесе релативно јасни пораки, но и ја исфрли на површина поделеноста по партиска и идеолошка линија.

Angela Merkel mit Nikola Gruevski Ministerpräsident Mazedonien in Berlin
Фотографија: MIA

Она што за пратеникот на СПД во германскиот парламент Јосип Јуратовиќ, во Македонија е „криминална клика“ која сака да се спаси од затвор преку блокада на демократските процеси, за пратеникот на ЦДУ Торстен Фрај е страв од загрозување на „суверенитетот и унитарноста на државата“. Социјалдемократите и демохристијаните редовно се судираат за бројни прашања од германската внатрешна и надворешна политика, иако се дел од големата коалиција која ја предводи владата во Берлин.
Но, доколку досега различните ставови во однос на кризата во Македонија успеваа да се бутнат „под тепих“ и да се замаскираат со општи ставови и апели, текот на вчерашната седница во Бундестагот и изјавите кои следуваат по неа, веќе навестуваат дека се работи за, ако не отворен судир, тогаш барем за различни пристапи. Тоа особено добива на тежина по жестоките критики од социјалдемократот Јосип Јуратовиќ на сметка на своите колеги конзервативци, но и сличните ставови кои, засега, неофицијално можат да се слушнат и од пратеници во Европскиот парламент.
Доколку консензусот од вчерашната дебата на тема Македонија, во Комисијата за европски прашања на Бундестагот, може да се сведе на барањата да се инсистира на продолжување на посредништвото од страна на ЕУ во кризата и на зголемување на притисокот врз претседателот Ѓорге Иванов да го додели мандатот за состав на влада, во истовреме, до израз дојде и идеолошко-партиската поделеност.

Јуратовиќ ги критикува конзервативните партии дека не испраќаат јасни сигнали до ВМРО-ДПМНЕ.Фотографија: Josip Juratovic

Премолчена поддршка или воздржана осуда?

Конзервативната ЦДУ на канцеларката Ангела Меркел, која важи за сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, во изминатиот период, од почетокот на кризата во 2015 година, генерално имаше воздржан став во однос на поведението на нивните „браќа и сестри“ во Македонија. Понекоја критика за недемократско однесување, замачкана со благодарност за затворањето на Балканската рута (особено од баварската ЦСУ) и прошарана со повремено отворено незадоволство од поединци кои набрзо потоа се враќаа на генералната, партиска линија. Во тој контекст и посетата на Груевски на Берлин на неколку недели пред изборите беше под мотото „ни риба, ни девојка“. Тој стигна да разговара со претставници на ЦДУ и со советници на Меркел, но не и со неа. Притоа не треба да се заборави дека две моќни лоби компании ангажирани од ВМРО-ДПМНЕ веќе подолго време се обидуваат да го подобрат имиџот на Груевски во Германија, не само кај сестринската партија, туку и во јавноста. Доколку се суди според третманот на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски во германските медиуми, тешко е да се говори за успех. Но, потешко е да се даде дефинитивна оценка во однос на влијанието на лобирањето кај сестринските партии, иако времињата кога Меркел во Берлин го пречекуваше со црвен тепих одамна поминаа.

За ретко одскокнување може да се смета критиката која десетина дена по изборите дојде од првиот човек на фондацијата Конрад Аденауер во Скопје Јоханес Реј. Во неа, Реј го обвини Груевски за „недемократско однесување пар екселанс“.
„Наместо да се иницираат внатрепартиски реформи, се прави обид да се задржи еродираната власт“, им порачаа од Конрад Аденауер на своите идеолошки истомисленици.

Но, оттогаш владееше молк.

Актуелниот шеф на дипломатијата Зигмар Габриел, како и неговиот претходник Франк Валтер Штајнмајер е остар во критиките кон македонските власти.Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Ни ЦДУ, ниту фондацијата која важи за блиска до нив, не излегоа во јавноста со нови оценки или предлози за надминување на кризата. Критиките, вклучително и оние владините, воглавно доаѓаа од Министерството за надворешни работи кое со години е раководено од кадри на социјалдемократите. Најпрво Франк Валтер Штајнмајер, а од пред неколку месеци Зигмар Габриел.

Нова иницијатива

Иако се шпекулира дека интерните оценки кои циркулираат за Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не се воопшто ласкави, сепак, тие остануваат затворени во „кругот на семејството“ на конзервативците.

Вчерашната изјава на Фрај за Дојче Веле, за првпат по неколкумесечна пауза, фрли нова светлина врз размислувањето во најсилната германска политичка партија. Иако децидно против нови избори, Фрај предлага нова „иницијатива за партиите да седнат на една маса и да најдат решение“. Во ситуација на блокада на парламентот, како место за дебата и дијалог на што токму ЦДУ инсистираше во минатото, нејасно е што може да се очекува од седнувањето на партиите на заедничка маса?
Притоа, пратеници на ЦДУ во комисиската дебата, а и подоцна самиот Фрај, ставаат знак на равенство меѓу парламентарниот бојкот на СДСМ од пред неколку години, и актуелната собраниска блокада која ја практикува ВМРО-ДПМНЕ. 
И втората поента на Фрај е, во најмала рака, контроверзна. Пратеникот на ЦДУ вели дека, од една страна, „треба да се почитуваат резултатите од изборите“, а потоа додава дека треба да се земат предвид „сомнежите на ВМРО-ДПМНЕ, но и голем дел од населението“ во однос на опасноста од платформата на албанските партии за „суверенитетот и унитарноста на државата“. Не треба многу читање меѓу редови за да се сфати оваа порака, но карактеристично е што таа е делумно блиска до партиските соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ и говорите на нивните пратеници во Собранието. Патем, Фрај ја посети Македонија во ноември минатата година, во пресрет на изборите, а потоа на неговата интернет-страница прогнозираше дека Груевски ќе биде старо-нов премиер. 

Торстен Фрај е пратеник на ЦДУ и член на комисијата за европски прашања во БундестаготФотографија: DW/S. Padori-Klenke

Приберете си ги „вашите“!

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ денеска си разменија соопштенија со сопствени толкувања за оценките изнесени во Бундестагот и пораките кои доаѓаат од конресот на Европските народни партии на Малта. Не би било изненадување доколку Груевски навистина своите „браќа и сестри“ конзервативци ги информирал за „криминалите на раководството на СДСМ“, како што наведуваат во соопштението од неговата партија.

Но во јавноста нема информација, а тоа е далеку поважно, што му порачале тие нему?

И токму тука е точката по која остро се разминуваат германските социјалдемократи и конзервативците. Социјалдемократот Јуратовиќ жестоко ги критикува своите колеги од ЦДУ токму поради нивната попустливост кон ВМРО-ДПМНЕ. Јуратовиќ, а генерално и други негови колеги социјалдемократи, отворено говорат за криминална клика во Македонија предводена од Груевски. Но острицата на нападите се почесто е насочена и кон конзервативците.

„ВМРО-ДПМНЕ е дел од ЕПП и сестринските партии мора да им укажат дека демократизацијата некогаш мора да почне“, вели Јуратовиќ.
„И јас (како и Флекенштајн, н.з.) верувам дека никој во Европа повеќе не ги поддржува Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, но тоа повеќе не е доволно. Мора да се испратат јасни сигнали од семејството на конзервативците. Тие, ЦДУ и фондацијата Конрад Аденауер, долго време ја советуваа и поддржуваа ВМРО-ДПМНЕ, па дури Груевски со целата придружба на три недели пред изборите беше во Берлин. Тоа може да се интерпетира и како изборна поддршка. Сега мора да им испратат јасни сигнали“, вели Јуратовиќ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми