1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЦДУ ја преживеа битката, но војната не е завршена

Катарина Крол
23 ноември 2019

Со понудата да се повлече доколку партијата не ја поддржи, лидерката на ЦДУ Анегрет Крамп-Каренбауер храбро им се спротивстави на критичарите. Но нејзиниот пат до канцеларската функција се уште е проблематичен.

CDU-Bundesparteitag in Leipzig
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Вистинската „бомба“ одекна на крајот: Анегрет Крамп-Каренбауер која една година ја предводи германската конзервативна Христијанско демократска унија (ЦДУ), се одлучи на ризик изјавувајќи дека ќе се откаже од функцијата доколку партијата сака да замине.
Стратегијата и се исплатеше: делегатите на конференцијата и дадоа целосна поддршка, проследена со долг аплауз- во кој се вклучија и нејзините најтврдокорни критичари.
Притисокот врз Крамп-Каренбауер, во германската јавност позната накусо како АКК, во пресрет на партиската конференција беше голем, дури и огромен. Токму затоа и се одлучи на ризичен потег. Фактот што тоа беше потребно во толку кусо време откако ја презема функцијата покажува дека стори многу грешки.
Во нејзиниот говор таа зборуваше за темите за иднината: дигитализација, вештачка интелигенција, иновации, образование и одбранбена политика. АКК јасно ја изложи својата позиција за промените во светот кои загрижуваат многумина. И притоа успешно ја поврза презентацијата на нејзината политика со прашањето на лидерството.

Катарина КролФотографија: K. Kroll

Деструктивни внатрешни судири

Во изминатите месеци, нејзините критичари започнаа процес на самоуништување каков што ЦДУ одамна не видел. Тоа многу ја чинеше партијата особено на неодамнешните покраински и европски избори во земјата. Доколку постигнатото единство за време на нејзиниот говор се одржи, Крамп-Каренбауер ќе мора да ја промени стратегијата. Досега, таа ги загуби својата препознатливост, автентичност и кредбилитет со правењето бројни отстапки кон опозицискиот камп. Во првата година на чело на ЦДУ, АКК им удоволуваше на своите критичари. Се обиде да се огради од својата претходничка Ангела Меркел и да ја направи партијата поконзервативна. Но сето тоа не и донесе никакви бенефити. Сега, во нејзиниот говор, таа многу јасно ја дефинираше ЦДУ како партија која треба да се држи до општествената средина.

Борец

На партиската конференција, Крамп-Каренбауер демонстрираше дека сака да покаже острина и да учи од своите грешки. Таа е борец. Сега треба да го искористи тој поттик за нов почеток. Таа ги држи сите карти во рацете за да го оствари тоа. Како министерка за одбрана АКК мора да покаже дека може да ја менаџира тешката владина функција и истовремено да биде актер и на меѓународната сцена. Како партиски лидер, таа мора да покаже дека може да ја репозиционира партијата со модерна и издржана агенда.

Повеќе:

Разнишана позицијата на наследничката на Ангела Маркел

Се заострува борбата за наследник на Ангела Меркел

Мини-Меркел на чело на германската одбрана


До следните парламентарни избори има уште многу време, најдоцна до 2021, доколку секако, актуелната широка коалиција биде откажана од Социјалдемократите. Зад Крамп-Каренбауер демнат ривали кои ја чекаат вистинската шанса и евентуална нејзина грешка за да се вклучат во битката за канцеларската функција. Во моментов за нив беше прерано да се покажуваат. За актуелната лидерка на ЦДУ, битката за канцеларската функција се уште не е извојувана.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми