1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Партијата на Рама со постапка за импичмент на Мета

ЕМФ /агенции
10 јуни 2019

Албанскиот претседател Илир Мета ги откажа локалните избори во земјата, планирани за 30 јуни и со тоа влезе во тежок конфликт со премиерот Еди Рама, продлабочувајќи ја политичката криза во земјата.

Albanien Tirana Ilir Meta
Фотографија: picture-alliance/AA/O. Shehu

Албанската владејачка Социјалистичка партија закажа гласање за недоверба на претседателот на државата Илир Мета наведувајќи дека тој неуставно ги откажал претстојните локални избори во земјата.

Портпаролката на партијата на премиерот Еди Рама, Елиса Спиропали наведе дека гласањето за недоверба на претседателот ќе биде одржано на седница на парламентот во Тирана в четврток.

Претходно денеска на вонредната прес-конференција во Тирана, албанскиот претседател Илир Мета  ги образложи своите причини за одложување на локалните избори и притоа потенцираше дека Претседателот на Републиката е единственото уставно тело кое има надлежност за одредување датум за избори.

„По проценката на ситуацијата во која се наоѓа земјата и говорот на омраза кој го користат политичките актери, како претседател оценив дека постои опасност Албанија да трге во насока на непредвидлива ескалација на социјалните тензии, што може да има неконтролирани последици“, рече Мета.

Мета во саботата оцени дека „во сегашните услови не се можни вистински, демократски и репрезентативни избори“.

Премиерот Еди Рама на ова за време на викендот реагираше со оценка дека чекорот на претседателот е „ништовен“. Изборите ќе се одржат на 30 јуни, според планираното, цитираше ТВ Клан изјава на премиерот Рама дадена на предизборен собир во Бурел, кај Тирана. „Илир Мета вчера си ја запечати судбината и го загуби правото да остане на функцијата“, додал Рама.

Повеќе:

Билд објави компромитирачки снимки за албанската влада

Албанија верува дека ЕУ нема да поддржи суспензија на безвизниот режим

Мета одлучи да ги одложи локалните избори по повеќенеделните протести на опозицијата во Албанија, која го обвинува Рама и неговата влада за изборна измама и корупција и се заканува со бојкот на локалните избори. Протести на повеќе илјади приврзанци на опозицијата пред парламентот во Тирана имаше и во текот на викендот. Шефот на опозициската Демократска партија, Љулзим Баша, пред нив изјави дека оставка на Рама е нешто „за кое нема преговори“. Одлуката на претседателот Мета за откажување на локалните избори, според Баша, е „прв резултат на нашата борба против Еди Рама“.

Конфликтот помеѓу Мета и Рама ја продлабочува политичката криза во земјата, која чека на датум за почеток на преговори со ЕУ. Помош во кризата не може да стигне ниту од Уставниот суд, кој повеќе една година не носи одлуки. Причина - на почетокот на претходната година со работа почна комисија која врши проверка на потеклото на имот и можната поврзаност на судиите и адвокатите со организираниот криминал. Оттогаш отказ добија или сами се повлекоа неколкумина судии во Уставниот суд.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми