Партијата шах околу локалните избори продолжува
23 февруари 2013Опозицијата е подготвена да оди на локални избори, ако бидат одложени за две недели, без барање за предвремени парламентарни избори.
Ова, како што пренесуваaт телевизиите Канал 5 и струмичката Вис, стои во последниот предлог што опозицијата експресно го доставила до власта по писмото на еврокомесарот за проширување Штефан Филе. Потпретседателот на СДСМ Зоран Заев во изјава дадена денеска (23.02) во Струмица вели дека доставиле предлог со пет точки, кои во голем дел се согласуваат со предлозите на претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Никола Груевски за да се надминат несогласувањата.
Според барањата на СДСМ, локалните избори треба да се одложат за две недели, до почетокот на април, за да се реализираат предлозите на претседателот и премиерот, а опозицијата да се подготви за изборите.
Заев вели дека засега нема официјален одговор од власта дали се прифаќа нивниот предлог, но ќе вложeле максимални напори за да се постигне компромис.
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ реагирајќи на изјавата на Заев го реафирмираше ставот дека нема одложување на терминот за локалните избори, ниту можност за предвремени парламентарни кои ги бара опозициската СДСМ.
„Не постои можност за каков било политички договор за предвремени парламентарни избори, ниту постои можност за прифаќање на какви било уцени од страна на СДСМ. Не постои можност за одложување на датумот 24 март 2013 година, кога е предвидено одржување на редовните локални избори“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Сите други идеи за надминување на кризата создадена од СДСМ, а планирана од нивна страна уште од јуни, во кои не се содржани овие две точки, ВМРО-ДПМНЕ внимателно ќе ги анализира и ќе се произнесе“, стои во реакцијата на владејачката партија.