1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патот на Зоран Заев

24 април 2021

Неколку работи ќе бидат клучни за Зоран Заев во наредните месеци за да не му избега кормилото од рацете. Најголемиот дел од нив зависат токму од него. Пишува Љупчо Поповски

Nord-Mazedonien Der Ministerpräsident der Regierung in Nord-Mazedonien, Zoran Zaev
Фотографија: Government of North Macedonia

Одамна завршија политичките медени месеци за Зоран Заев. Тоа можеби беше некаде по изгласувањето на уставните измени. По освојувањето на таа „кралска етапа“ (да се изразиме со терминологијата на Тур д’Франс) премиерот требаше трката да ја доведе до крајот без да потклекне. На овој или на оној начин, тоа му успеа на Заев – резултатите од изборите лани се вистинскиот доказ. Но како и во спортот, така и во политиката – новите предизвици следуваат веќе утредента.

Некој ќе рече дека тесното мнозинство во парламентот е клучната пречка за Заев и новата влада. Тие оценки, колку и да изгледаат правилни, во основа не се точни. Има безброј примери во политиката кога една влада функционирала со мнозинство од само еден пратеник. Парламентот на Израел има ист број пратеници како нашиот – 120, па мајсторот за политичко преживување, Бенјамин Нетанјаху, еден цел мандат го помина со едвај 61 пратеник. Клучното прашање е како да се координира работата на коалицијата, како да се калибрираат различните интереси на партиите за да може да функционира владата и да се спроведува нејзината програма. Најважната алка во функционирањето на еден кабинет е како да се најдат повеќе најмали заеднички именители, за потоа да се гради архитектурата на политиката која им беше претставена на гласачите.

-претходни колумни од авторот: Бугарските избори и македонската јавност

Тие заеднички именители станаа екстремно чувствителни во време на пандемијата. Интересно, во овие корона времиња ниедна европска влада не падна поради лошото справување со пандемијата, имаше само повеќе случаи за промени на министерот за здравство (како во Чешка или Летонија). Една вистинска земјотресна промена се случи во Црна Гора, но тоа не беше поврзано со пандемијата, туку кога општеството конечно дојде до точката за промена на системот на Мило Ѓукановиќ воспоставен уште во 1990. Другата промена на премиерот беше во Словачка, каде Игор Матович беше принуден да поднесе оставка поради тоа што самостојно, без да праша никого во владата, порача голем контингент на руската вакцина „Спутник V“. Но коалицијата остана иста, само Матович и министерот за финансии си ги заменија местата.

Клучни работи

Во овој момент ситуацијата на Заев изгледа стабилна, и покрај многуте афери во неговата близина, проблемите со изградбата во скопската општина Центар, реформите во образованието кои имаат повеќе противници отколку поддржувачи, издавањето на пасоши на белосветски криминалци, големиот број починати од Ковид-19... и особено неочекуваната и уценувачка блокада од страна на Бугарија. Бродот се ниша, но изгледа дека Заев уште го држи кормилото. Последната анкета на МЦМС на свој начин го покажува тоа: ВМРО-ДПМНЕ води со само 0,8 отсто пред СДСМ, но и тоа е дел во рамката на статистичката грешка. Во основа, тоа е и добар резултат за СДСМ на шест месеци пред локалните избори, затоа што парадигмата е таа: СДСМ по малку губи од гласачите, но ВМРО не добива онолку колку што би очекувале.

Љупчо Поповски, автор на текстотФотографија: Petr Stojanovski

Неколку работи ќе бидат клучни за Зоран Заев во наредните месеци за да не му избега кормилото од рацете. Најголемиот дел од нив зависат токму од него. На врвот од нив се наоѓа структурата на партијата што треба да се избира на конгресот во мај. Големата победа на непосредните партиски избори е одамна завршена работа, иако тоа се случи неодамна. Изборот на партиските органи, потпретседателите и секретарите е една од важните нешта и за работата на владата, па дури и нејзиниот опстанок. Како некаков пример од Зелените во Германија, Заев и Радмила Шекеринска во тандем осум години ја водеа партијата од опозициската бездна до победничките патеки. Шекеринска сега ќе си оди од врвот на партијата.

-претходни колумни од авторот: До последната закана

Повеќе години опозиционерите и проопозицискиот печат ја квалификуваше Шекеринска како последниот остаток на „дивото време “ на 1990-тите, напаѓајќи ја со сите можни орудија. Сега кога Шекеринска најави заминување од местото заменик-претседател на партијата, од истите кругови таа на одреден начин се глорифицира со оценките дека била клучниот политичар „од крв и месо“ која можела да му се спротивстави на Заев, дека со неа си оди таканареченото интелектуално крило, дека тоа е конечен удар за скопската групација...

Шекеринска навистина е можеби последниот класичен политичар од обете страни на спектарот, која секогаш била неверојатно умешна да најде одговор и во најзаплетканите позиции. И да извлече повеќе отколку што некој би очекувал од неа. Тоа на извонреден начин се покажа на изборите лани во јули, кога во Петтата изборна единица ѝ донесе победа на партијата во регионот кој пред кампањата изгледаше изгубен.

Проблемот не е што Шекеринска ќе си замине и што некој друг или друга ќе дојде на нејзино место, туку како ќе се пополни тоа место. Доколку Заев се откаже од позицијата заменик-претседател на партијата, тоа би можело да значи дека таа функција била креирана само за Шекеринска кога тие како тандем победија на конгресот пред осум години. Доколку Заев ја елиминира таа позиција тоа за многу гласачи (а и за луѓе внатре во партијата) може да биде знак дека тој сега сака да биде единствен командант на процесите во СДСМ. Доколку тој и другите во врвот на партијата одлучат дека треба да остане таа функција, треба да се најде личност која ќе може да влезе во чевлите на Шекеринска, иако не мора да бидат со иста боја и дизајн. Тоа значи дека наследникот или наследничката на Шекеринска мора да се доближува до нејзиниот калибар, а во годините натаму ќе може да изгради своја позиција која ќе биде и независна, и силно политичка, и целосно посветена на заедништвото на партијата. И, секако, ќе има голем углед во партијата.

Тоа не се лесни дилеми за Зоран Заев. Власта некогаш ги заматува хоризонтите. Кризите во кои влегува владеењето исто така може да ја заматат пошироката слика. А и акламациите што стигнуваат од околината до лидерот, многу пати се извор на чист и гладен опортунизам.

Што да им се кажува на лидерите

Антонио Фуничиело беше шеф на кабинетот на Паоло Џентилони (сега еврокомесар  за економија) кога тој беше премиер на Италија. Фуничиело сега е шеф на кабинетот и на премиерот Марио Драги. Тоа не е ништо чудно за Италија, таму премиери и министри може да доаѓаат и да си заминуваат, но шефовите на кабинети во најголем број случаи остануваат. Тие ѝ служат на Италијанската република. Невообичаено за врвен италијански функционер, Фуничиело напиша книга за своето искуство и ја нарече „Методот на Макијавели“. Со поднаслов - „Лидерот и неговите советници: Како да ѝ служиш на моќта и да ја зачуваш својата душа“. Фуничиело им препорачува на оние што работат непосредно со лидерите да им ја кажуваат вистината, дури и кога е тешко да се чуе.

Се разбира, не е ова препорака само за италијанските лидери, туку и за оние во Брисел и во другите европски метрополи. Тоа веројатно изгледа лесно да се каже, но далеку многу потешко да се практицира. Можеби на овие пораки на Фуничиело треба да обрне внимание Заев кога ќе треба да се избираат неговите најблиски советници во партијата – и тие што ќе дојдат и тие што треба да останат.

-претходни колумни од авторот:Од Мексико до Будимпешта

Втората работа е да остане максимално дистанциран од корупциските настани во неговата најнепосредна околина. Случајот на Драги Рашковски е капитален пример. Заев го бранеше Рашковски околу контроверзниот софтвер, за најпосле поранешниот генерален секретар да заврши во затворски притвор, а дополнително да се отвораат и други афери поврзани со него. Тоа е највисокиот функционер од јадрото на Владата кој завршил во Шутка. Се разбира, никој не е виновен додека не се докаже тоа во судот, но штетата што е направена тешко ќе може да се поправи. А дури е и речиси невозможно – перцепцијата во јавноста е веќе дефинирана: дека некој во срцето на Владата правел коруптивни зделки.

Во случајот со директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски, работите не се такви како што може да изгледаат на прв поглед. Ако решавањето на проблемот со рамковните вработени е дел од владината програма, ако за тоа има одлука на Владата, дали функционерите именувани од неа може да не ја почитуваат. Без оглед дали таа им се допаѓа или не. Можеби реакцијата на Заев беше премногу емотивна кога најави разрешување на Пауновски, но тој е свесен доколку уште пет-шест-седум директори тргнат по тој пат, работите веќе нема да можат да функционираат. Премиерот ќе ги загуби лостовите на моќта, а коалицијата ќе почне да се крши. Тоа е повеќе прашање на функционирањето на кабинетот отколку професионалноста на рамковните. Независноста на директорите е една, а функционирањето на системот друга работа. Ова е сериозен предизвик за Зоран Заев и тој треба да ги најде најелегантни начини за решение, па макар тоа било и разрешување. Многумина мислат дека случајот со Стојко Пауновски е дел од внатрешни превирања во СДСМ. Можеби е така, но кој би можел да тврди со сигурност.

Зоран Заев е во најделикатната фаза во своето премиерствување, но и во најкомплицираните моменти на неговото лидерство во СДСМ. Без оглед на огромната победа на непосредните избори. Клучното прашање е како ќе ја надградува партијата – со луѓе кои, како што вели Фуничиели, ќе ја кажуваат вистината, или со луѓе кои ќе бидат само декор. Самозадоволни од нивната наводна моќ.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми