1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Патувачки циркус на ЕУ во Познањ

ЖА
5 јули 2019

Балканската политика на ЕУ функционира според принципот на патувачки циркус. ЕУ опасно го одлужува приемот на земјите од Западен Балкан, пишуваат германските медиуми за Конференцијата за Западен Балкан во Познањ.

Polen Westbalkankonferenz in Poznan
Фотографија: picture-alliance/AA/O. Marques

Германските и медиумите на германски јазик пишуваат за  Конференцијата за Западен Балкан  која од вчера се одржува во полскиот град Познањ, коментирајќи ја политиката на ЕУ на постојано одложување на реализацијата на ветувањето за прием на западнобалканските држави. Германскиот весник „Зиддојче цајтунг“ во коментарот на Петер Минх со наслов „Провидни трикови“ прави впечатлива споредба: 

„Балканската политика на ЕУ функционира според принципот на патувачки циркус. На секои неколку месеци некаде се одржува самит за Западен Балкан во впечатлив амбиент и со многу магија. Но, на крајот е сето тоа гнило волшепство:  приемот на Северна Македонија,  Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Косово, навестен уште во 2003. година, никако не напредува, ветувањето се одлага до следната претстава. Самитскиот циркус моментно гостува во Познањ. На почетокот вчера заседаваа министрите, денеска пак шефовите на влади, меѓу кои и  канцеларката Ангела Меркел.  Во Познањ станува збор за т.н. Берлински процес. Тој беше инициран од Меркел во 2014 година заради подобрување на заедничката соработка меѓу шесте балкански држави и ЕУ. Но, и германската влада се чини дека денес не се сеќава на старото ветување. Зашто, Берлин е соодговорен за тоа што за јуни планираниот почеток на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија е повторно одложен. Притоа, Европската комисија на двете земји во мај им издаде потврда дека ги исполнуваат сите поставени услови. Ова е фрустрирачки за аспирантите за прием во ЕУ, а е и опасно, зашто оваа оддолжувачка политика само ги јакне националистите“, пишува „Зиддојче цајтунг“.

Австрискиот весник „Винер цајтунг“ во текстот под наслов  „Незадоволство во чекалницата на ЕУ“  истакнува дека и тешкотиите кај самите аспиранти придонесуваат за изостанување на очекуваниот замав на проширување на ЕУ. Тука се наведуваат тензичните односи меѓу Србија и Косово, разединетата Босна и Херцеговина и внатрешнополитиката криза во Албанија.

„Единствено Северна Македонија е светлечки пример за постоење политички желби за надминување на долгогодишните конфликти. Скопје го реши спорот за името со Атина, во кој Грција го блокираше приближувањето на соседот кон НАТО и ЕУ.

Но, токму кај Северна Македонија истовремено се покажува и колку е колеблива ЕУ во исполнувањето на своите ветувања. ’Ако вие испорачате, ќе испорачаме и ние’, се велеше долго време. Тоа значеше: ’Ако спроведете реформи, ја завршите кавгата со Грција, тогаш и ние ќе одиме натаму.’ Земјата доби кандидатски статус во 2005 година, години пред тоа да го достигнат Црна Гора и Србија, со кои ЕУ во меѓувреме веќе води пристапни преговори. А Скопје уште нема добиено датум за почеток на пристапни преговори, иако ЕК веќе повеќепати предложи нивен почеток. ЕУ-државите одлуката за тоа на крајот на јуни ја одложија за наесен.....

Тоа што напорите на земјите, без оглед на дадените ветувања, не се наградуваат, наиде на критика на конференцијата во Познањ. Полските владини претставници искажаа разочарување поради одложувањето на стартот на преговорите со Северна Македонија. Одолжувањето сведочи за ’егоистичен став, кој не ги зема во обѕир пошироките интереси на ЕУ’, изјави полскиот министер за надворешни работи Јацек Чапутович.

Експертите предупредуваат дека со својот став, ЕУ ја ослабува сопствената позиција во Југоисточна Европа. ’Нејзината веродостојност и можност за делување се така ограничени’, истакнува Флоријан Бибер, раководител на Центарот за југоисточноевропски студии на Универзитетот Карл-Франценс во Грац. ’Најатрактивното што ЕУ може да им го понуди на овие земји е перспективата за проширување“. Доколку таа биде доведена во прашање, блокиран е лостот кој треба да ги натера на реформи аспирантите за влез во ЕУ.

Аргуменатцијата на францускиот претседател Макрон, дека не е можно паралелно продлабочување и сраснување на ЕУ со проширување, според Бибер е- лицемерие. Зашто, ретроспективен поглед покажува нешто друго. Но, наместо да го увиди тоа, Франција зазема ’деструктивна позиција’, која патем нема никаква врска со реалните проблеми во Југоисточна Европа. Во преден план избиваат внатрешните - француски сензитивности,“ заклучува „Винер цајтунг“

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми