1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Патување

Патување без граници - запознајте го селото Шенген

Иван Вуднорт
22 мај 2019

Многу туристи мислат дека Шенген е само име на виза. Не сфаќаат дека е мало погранично место во Луксембург кое стана симбол за патување без граници во ЕУ. Место кое вреди да се посети.

Reportage aus Schengen | Schild
Фотографија: DW/E. Woodnorth

Во близина на реката Мозел, која тече низ срцето на Европа, има место каде се судираат три земји: Луксембург, Германија и Франција. Тука пред речиси 34 години се роди идејата за Европа без граници. Многу луѓе се запознаени со Шенгенскиот договор кој дозволува слободно движење на луѓе и стока меѓу 26-те земји членки на ЕУ. Тие со Шенген виза може да патуваат слободно во повеќе од половината европски континент. Но, дали некогаш размислувале за самото место Шенген?

Којзнае, можеби ќе одлучите тоа пикторесно селце во кое се одгледува винова лоза да го ставиш на листата за следното викенд патување.

Не е само историски договор

Како што може да се претпостави, Шенгенскиот договор го носи името според малото местенце во Луксембург, каде договорот беше потпишан во 1985 година меѓу Белгија, Франција, Западна Германија, Луксембург и Холандија. Локацијата во Луксембург, на тромеѓето со Франција и Германија, беше симболичен избор, како минијатурна верзија на ЕУ. Немаше подобро место за да се обврзат на идејата за отворени граници. Така иницијалните потписници се посветија на каузата и покажаа што се надеваат да постигнат. Но, во тоа време идејата за слободно движење меѓу европските земји беше револуционерна.

„Идејата за отворени граници беше по малку утопија. Во 1985 не можело да се замисли дека ќе има отворени граници, особено не меѓу Германија и Франција. Тоа беше доста авангардно“, вели за ДВ Мартина Кнајп, директор на Европскиот музеј Шенген.

Овој мост во Шенген води до соседните земјиФотографија: DW/E. Woodnorth

Во Шенген секоја година доаѓаат по околу 40 илјади посетители за да го видат малото луксембуршко место кое стана симбол за патувањето низ Европа без граници. За многумина главна дестинација е Европскиот музеј Шенген. Надвор симболично се претставени 26-те земји членки на Шенген-зоната со скулптура на метална ѕвезда. На друиот дел од плоштадот се веат знамиња на сите земји членки. Внатре посетителите може да посведочат колкаво е значењето на договорот и неговото влијание и наследство во Европа и светот преку интерактивна изложба и архивски фотографии. Во стаклена витрина на црн ѕид има 30 капи на царинарници од цела Европа кои ги потсетуваат посетителите на формалностите на граничните премини на кои некогаш биле изложени.

Музејот нема само за цел да ги информира посетителите, туку служи и како симбол за обединета Европа и заедничкиот европски идентитет. Директороката на музејот Кнајп, која инаку е по потекло од Фрајбург, германски град на југозапад лоциран близу Франција и Швајцарија, длабоко е убедена дека е „опасно ако луѓето го третираат Шенгенскиот договор како нешто само по себе разбирливо. Но, тоа не е така, мора секој ден да се работи на него и тоа е нешто што мора да го правиме за тој да опстане“, вели директорката.

Секоја ѕвезда - една земја: просторот пред Европскиот музеј во ШенгенФотографија: DW/E. Woodnorth

Пешачка тура без граници

Регионот околу Шенген нуди многу повеќе од само европски историски приказни. Живописниот предел е одлична дестинација за планинарење и пешачење. Јас ја избрав тричасовната тура наречена „Шенген без граници“, која ветува дека ќе ви ги покаже сите земји од пограничниот триаголник. Прво бев скептичен. Се чинеше дека тоа „безгранично“ е само модерна туристичка реклама. Но, решив да ја испробам. 7,7 километри долгата патека за пешачење започнува во Европскиот музеј во Шенген и продолжува во Франција и Луксембург, нудејќи воодушевувачки погледи на сите три земји. Тесната патека поминува низ лозја, густи шуми, козји патеки, полиња со прекрасни жолти цветови, стрмнини и во еден дел се отвора во широка платформа од која се гледа речната долина и лозјата низ малите селца по должината на Мозел.

Повеќе:Враќање кон Шенген: ЕК сака да го сврти тркалото назад

И покрај моите првични сомнежи, има нешто многу волшебно кога го гледате пограничниот триаголник од 300 метри надморска височина. Истовремено, голем број автомобили и камиони си поминуваат во сите правци меѓу Германија, Луксембург и Франција. Без огради, бодликава жица и чувари.

Без видлива гранична ознака, само по едно нешто можев да заклучам во која земја гледам: енергетското производство. Поглед кон Франција - облак од пареа од ладилниците на нуклеарните централи. Поглед кон Германија - ветерници за производство на струја.

Со постојана промена на околината и височината, оваа тура е предизвик кој вреди да се прифати. За оние кои сакаат да научат нешто повеќе за регионот, насекаде има инфо-табли за локалната флора и фауна и геолошкиот состав на карпите.

Повторно назад во Шенген за да ги разгледам останатите нешта што го прават ова село толку атрактивно. За таа цел се сретнав со еден локален производител на вино.

Живописниот предел околу Шенген е одлична дестинација за планинарење и пешачењеФотографија: DW/E. Woodnorth

Вино во домашни визби

Лозјата со сортата „Риванер“ (исто така познати и како „Милер-Тургау“) се чини како да извираат од реката до ридот Маркус. Секој од локалните ридови каде што има лозови насади има свој светец заштитник. Ридот Маркус, на пример, се верува дека е под заштита на евангелистичкиот светец Маркус кој ги штити лозјата.

Лусиен Глоден е четврта генерација вино-производител, роден и израснат во Шенген. Тој одгледува пет хектари лозја кои се протегаат во трите земји во пограничниот триаголник и произведува 40.000 шишиња вино годишно.

Лусиен Глоден е убеден ЕвропеецФотографија: DW/E. Woodnorth

Глоден е поддржувач на обединета Европа: „Мислам дека не можеме да преживееме без заедничка Европа и заедничка валута, особено не вака мала земја како што е Луксембург“, вели тој за ДВ.

Додека останатите винопроизводители во селото се повеќе фокусирани на меѓународните пазари и ексклузивни клиенти, винаријата на Глоден е повеќе локално ориентирана. Тоа е токму она што ми се допадна кај нив. Само поради тоа што се наоѓате во најбогатата земја во Европа не значи дека треба да платите висока цена за добро вино.

А што се однесува до виното, лично најмногу уживав во вкусот на белиот „Риванер“. Тоа е лесно и питко вино кое секојдневно го пијат мештаните. Често се комбинира со кисела вода, со што се прави лесен шприцер.

Пред да заминам, Глоден ме кани повторно во Шенген првиот викенд во август. Тогаш се одржува локалниот фестивал „Pinot & Friture“, кога се пие бело вино и се јаде свежо уловена речна риба од Мозел.

Така што, верувам дека за скоро време повторно ќе се вратам овде.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми