Дојде крајот на чекањето на Трамп. Тоа, од една страна, е добро, затоа што сега мора да работи, а не само да твита. Од друга страна, многу нешта се непресметливи, оценува Петер Штурм од „ФАЦ“.
Реклама
Преодниот период е долг благодарение на традицијата од времињата на поштенските кочии. Но, овојпат, сигурно многумина надвор од САД посакуваа новоизбраниот претседател побрзо да ја преземе функцијата. Така побрзо ќе завршеше мачната несигурност околу прашањето: што има намера Доналд Трамп навистина да прави со својата земја и светот. На преголемото его на избраниот претседател ќе му годеше ако традицијата на долгиот преоден период беше променета.
Од денеска Трамп станува претседател. А ние не знаеме - ништо. Трамп комуницираше претерано со јавноста, но претставите за неговиот политички концепт - ако има концепт кој ги надминува рамките на целта за освојување на Белата куќа - останаа замаглени. Би било погрешно изјавите да се одолговлекуваат до недоглед со образложение дека ова или она не е реално, па до тоа нема ни да дојде. Проблемот е што еден американски претстедател дури и само преку изјавите дадени во интервјуа создава реалност, односно ја менува реалноста. Тоа, на пример, важи за неговите забелешки за НАТО. Сојузот од една страна е наводно „застарен“, а од друга страна е навистина важен. Тоа е покана за противниците на сојузот да пробаат што сѐ може да се направи без притоа да се добие казна. Ваквите причинско-последични врски би требало да му се јасни и на интелектуално едноставен карактер.
Многу претприемачи сметаат дека се подобри политичари од политичарите. А, Трамп се смета себеси за најголем. Само што, има разлика дали со декрет се „владее“ во едно претпријатие, или се носат одлуки во и тоа како комплексната структура со име „држава“. Претпријатијата дејствуваат во одреден сектор и не мора многу да се грижат за останатите сфери. Во политиката сѐ е поврзано со сѐ и тоа не е само глупава изрека на слабаци кои не сакаат да носат одлуки. Во Америка може, па дури можеби и мора, многу работи да се направат поинаку отколку што тоа го праваше претседателот Барак Обама. Но, на едно можеме само да се надеваме: дека ќе се најдат луѓе кои ќе можат да ја канализираат енергијата на супер-егото за да може да стане колку-толку предвидлив. Во спротивно, светот за четири (а можеби дури и за осум) години веќе нема да можеме да го препознаеме.
Инаугурација: Помпа за Mr. President
Кај Џорџ Вашингтон работата се заврши со полагање заклетва, говор и почесна стрелба. Четириесет и четири претседатели потоа, „Inauguration Day е богат со традиција, раскош и шоу.
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Clary
Фотографија: замаглена - Перспектива: замрачена
Капитолот речиси готов, тензиите меѓу север и југ многу ја оптоваруваат младата република. Техниката на фотографирање во 1857 година, кога Џејмс Бјукенан полага заклетва, е на сосема друго ниво. Тоа е прва фотографски документирана инаугурација. Бјукенан често се нарекува „најлош американски претседател на сите времиња“ поради тоа што не успеал да ја избегне подоцнежната граѓанска војна.
Фотографија: Reuters/Library of Congress
ФДР: Без страв во мрачни времиња
Сосема е поинакво наследството на Френклин Д. Рузвелт, кој со решителна надворешна политика и „New Deal“ ги води Американците низ рецесија и воени времиња. „ФДР“ уште во својот говор при првата инаугурација во 1933. го дава правецот: „Единствената работа од која треба да се плашиме е самиот страв.“
Фотографија: Reuters/Library of Congress
Каубојци и Индијанци
Во 1905 година Теодор Рузвелт ја полага својата втора заклетва. Светот е пред почеток на американска ера. Пред Капитолот, на парадата по повод инаугурацијата, смеат да јаваат каубојци, Индијанци и рудари. Жените стануваат дел од парадата дури во 1917 година.
Фотографија: Reuters/Library of Congress
Танцување во гласните 1920-ти
Баловите се дел од традицијата на „Inauguration Day“од 19. век. На фотографијата: во чест на претседателот Херберт Хувер во 1929 година со танцување се вртат кругови на паркетот во хотелот „Мејфлауер“.
Фотографија: Reuters/Library of Congress
Сјајно, посјајно, Џеки
Не е секој роден за гламурозни настапи. Џеки и Џон Ф. Кенеди во секој случај беа. На фотографијата: двајцата влегуваат со балска сала по неговата инаугурација во 1961-ва. Во воени или кризни времиња многу претседатели се откажуваа од раскош и ги откажуваат баловите. Но, во 1997-та не беше така: Бил Клинтон својата инаугурација можеше да ја слави на 14 балови, или толку многу како никогаш дотогаш.
Фотографија: Reuters/John F. Kennedy Presidential Library & Museum
ЛБЏ - тремаџија?
Линдон Б. Џонсон ја презема претседателската функција во 1963 година, по убиството на Кенеди. Во 1965-та полага заклетва по вторпат, овојпат како победник на изборите и тоа не во претседателскиот авион набрзина, туку пред 1,2 милиона луѓе собрани на National Mall.
Фотографија: Reuters/White House Photo/LBJ Library/Yoichi Okamoto
Двојна причина за радост
Ненси и Роналд Реган среде „Inaugural Parade“ на почетокот на првиот негов мандат во 1981 година. Непосредно потоа, 52-ца американски заложници го напуштаат иранскиот воздушен простор. Тие беа заробени од страна на Техеран 444 дена. Јасно е за што наздрави претседателот Реган на прославите.
Американскиот Устав за инаугурацијата не пропишува ништо, освен зборовите на заклетвата. Со неа новоизбраниот претседател се колне дека „верно“ ќе ја извршува функцијата и дека ќе го „почитува, чува и брани Уставот на САД“. Во 2009 година Обама се заплетка додека зборуваше. Затоа, за секој случај, наредниот ден уште еднаш ја повтори заклетвата.
Фотографија: picture-alliance/abaca/O. Douliery
Бијонсе пее за Барак Обама
Па, тој е најмоќниот човек на светот, нели? На покана на претседателот Обама, Бијонсе Ноулс ја пее националната химна. Познатите личности од музиката и филмот радо се покажуваа за време на втората инаугурација на Обама во јануари 2013 година.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Kaster
Бината сега му припаѓа на Доналд Трамп
Кој сѐ ќе стои со часови на јануарскиот студ за Доналд Трамп? Не само потенцијални пејачи на химната, туку и повеќе од 40 конгресмени веќе го откажаа своето учество на инаугурацијата на Трамп. Меѓутоа, „Inauguration Day“ на 45-от американски претседател и покрај тоа најверојатно ќе биде „great“, „terrific“ и „fantastic“.