Патување на миниран терен
16 октомври 2015Кога шефовите на влади патуваат во држави во кои е тек изборна кампања, тогаш воглавно, добро размислуваат дали со тоа намерно или ненамерно ги поддржуваат кандидатите на изборите. Одлуката на Ангела Меркел в недела да замине за Турција наиде на голема критика на опозицијата во Берлин. Канцеларката се упати на „минско поле“ и му пружа помош на Ердоган во изборната кампања, изјави Клаудија Рот на една дебата во парламентот. Севим Дагделен, политичарка на Левицата побара од Меркел да не разговара со Ердоган.
„Ердоган повеќе не смее да биде партнер на германската влада“, рече Дагделен. „Доколку Меркел се состане со деспотот, со тоа ќе покаже дека не и‘ е гајле за жртвите од Анкара“.
Наскоро ќе бидат одржани парламентарни избори, а претседателот според Уставот е натпартиски. Но турскиот претседател со своето мешање во изборната кампања и политиката на ескалација кон Курдите изборите ги претвори во гласање доберба кон него. Седум дена по терористичкиот напад во Анкара состојбата и натаму е многу тензична. Во експлозијата загинаа 100 луѓе, воглавно симпатизери на опозицијата. Тоа што канцеларката со турскиот претседател сака пред сѐ да разговара за намалување на бегалскиот бран кон Европа, не го намалува стравот дека Ердоган би можел да ја инструментализира нејзината посета во изборната кампања.
Затруена понуда
И од пратеничките групи на владејачката коалиција стигнуваа внимателни изјави. За посетата на Турција најмногу се заложи Ханс-Петер Ул, политичар на ЦСУ и експерт за внатрешна политика, кој ја обвини опозицијата дека со начинот на кој се однесува кон турскиот претседател им наштетува на германските интереси. Андреас Ник од ЦДУ смета дека Турција „без оглед на сета критика, останува стратешки партнер“. Но неговиот партиски колега Родерих Кизеветер недипломатски говори за „затруена понуда“ на Ердоган која не смеела да се прифати.
Ердоган за својата кооперативност во однос на бегалската криза очекува отстапки во Сирија и во конфликтот со Курдите. Политичарот на СПД, Нилс Анен смета дека патувањето на канцеларката е исправно, но бара од неа да се сретне и со претставници на опозицијата, за да го избегне впечатокот дека му помага на Ердоган во изборната кампања. Но таква средба засега не се планира.
На големи критики од опозицијата и СПД наиде и барањето на претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер Турција да се прогласи за земја со сигурно потекло. Тоа би значело дека бегалците кои доаѓаат преку Турција во Европа не би имале право на азил. Политичарот на СПД, Дитмар Нитан го нарече барањето „смешно“. Политичкарката на Зелените Инге Хегер го оцени патувањето на канцеларката за „цинизам“. Претседавачот на Зелените Чем Ездемир рече дека турскиот претседател и самиот е „персонификација на причините за бегство“.