1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пат позиција меѓу КФОР и Србите на Косово

23 октомври 2011

Пат позицијата меѓу КФОР и српското население на северот на Косово продолжува. Претставници на српските општини вечерва ќе се сретнат со претседателот на Србија, Борис Тадиќ.

КФОР деновиве ги отстрануваше барикадитеФотографија: dapd

На северот на Косово денеска е мирно. Локалното население останува на барикадите на повеќе патни правци во северниот регион, а силите на КФОР денеска не преземаат никакви акции за отстранување на блокадите.

Новата средба меѓу шефот на мисијата ЕУЛЕКС, Гзавије Марнак и претседателите на четирите општини од северот на Косово синоќа мина без решение. Марнак порача дека европската мисија во соработка со КФОР ќе продолжи да вложува напори за обезбедување слободно движење на сите граѓани. Претставниците на локалното српско население меѓутоа порачуваат дека блокадите на патните правци може да бидат отстранети само ако КФОР и ЕУЛЕКС се вратат кон статусната неутралност во нивната работа и од спорните гранични премини кон Србија, Јариње и Брњак, ги отстранат косовските цариници и погранични полицајци. Освен тоа Србите бараат возилата на КФОР да не ги транспортираат припадниците на косовските власти.

Шефот на ЕУЛЕКС Гзавије МарнакФотографија: European Union 2010

Упорно на барикадите

Локалното српско население опстојува на блокадите и покрај врнежливото време. Тие палат огнови кај барикадите, што се состојат од урнати балвани и камиони со камења и бдеат на смена. Кога ќе се огласат сирените за тревога, на дежурните им се приклучуваат сите мештани кои можат да се движат. Моментално се блокирани уште 16 локални патни правци во регионот населен претежно со српско население. Поради блокадите снабдувањето се одвива отежнато, по споредни патни правци, што е дополнително комплицирано и поради врнежливото време. Но, граѓаните нагласуваат дека се решени да истрајат, без оглед на околностите.

Србите кај Грачаница протестираа против акциите на КФОРФотографија: picture-alliance/dpa

Решение од повисоко ниво

Претседателот на општината Звечан, Драгиша Миловиќ, порача дека на вечерашната средба со српскиот претседател Борис Тадиќ ќе побара решение за кризата од повиско ниво. Кризата на северот на Косово не можат да ја решаваат претседателите на општините, сега е на потег државниот врв на Србија, порача Миловиќ. Тој уште додаде дека тој и неговите колеги од другите три српски општини ќе го информираат претседателот Тадиќ за актуалната ситуација во кризниот регион и за преговорите со претставниците на КФОР и ЕУЛЕКС, кои треба да продолжат.

Автор: ГЧ/ЖА/дапд/бета

Редактор: Ж. Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми