Пауел призна: “Настапот во ОН пред ирачката војна е дамка во мојата кариера!“
11 септември 2005Она што поранешниот министер за надворешни работи, Колин Пауел, отворено го изјави за телевизијата ЕјБиСи, не му се допаднало на американскиот претседател Џорџ Буш. Станува збор за настапот на Пауел пред ОН, на петти февруари 2003 година. Настап, во кој Пауел презентираше наводни факти за постоење оружје за масовно уништување во Ирак. Настап што тогаш водеше кон војна и настап кој, Пауел сега првпат јавно, го нарекува своја “лична срамна дамка“ во кариерата. “Јас бев тој што тоа го презентираше во име на САД. Тоа ќе остане вечно дел од моето досие.“
Барбара Волтерс, жената во Америка задолжена за интервјуа со познати личности, гледа полна со разбирање и прашува: “Дали сеуште боли“?
“Беше болно и сеуште е“, одговара Пауел.
Тој не го нарекува тоа лага, туку говори за потфрлање на тајните служби. Сепак, според Пауел, тогашниот шеф на ЦИА, Џорџ Тенет не е виновен, зашто и тој верувал во она што му го пренесол на Пауел. Екс-министерот за надворешни работи смета дека е добро што го поддржувал претседателот Буш: “Го разбирав решението на претседателот и сакав да му дадам поддршка. И, го поддржав. Има некои кои велат дека не требало да дадам поддршка и дека требало да си поднесам оставка.“
Пауел вели дека се радува што Садам Хсуеин и неговиот режим ги нема. Лојалност наместо политичка далекувидост? Пауел вели дека ја цени лојалноста:
“Не сум некој што се предава кога ќе стане тешко.“
Но, дали цената е превисока? Нестабилен Ирак, секој ден загинати американски војници, лабава коалиција на согласните. Пауел одговара лаконски: “Кој можеше тогаш да знае како целата збрка ќе изгледа денеска“?
Соодговорен за збрката е и министерот за одбрана, Доналд Рамсфелд. Пауел веќе не е дел од владата – Рамсфелд остана. Дали е тоа грешка? Рамсфелд одговара онака како што знае – дипломатски: “Тоа е работа на претседателот и на Рамсфелд“.
Без директна критика за Буш, без лош збор за Рамсфелд и потпретседателот Чејни, кои во тоа време му го направија животот на Пауел тежок.
Во 15-те минути саморефлексија, 68 годишниот Колин Пауел, кој оставка поднесе во ноември 2004 година, едно стави јасно до знаење: веќе не сака да биде претседател на САД.