Паузата за ручек - луксуз во Франција
23 јуни 2013Пладне во париска пекарница - се работи интензивно, оти паузата за ручек на Французите им е света. Не е ни чудно, оти јадењето е речиси бесплатено. Во секоја продавница каде се наоѓа соодветниот знак вработените можат да ги користат ваучерите за храна. Плаќа фирмата. Француските претпријатија мораат да обезбедат ручек за персоналот. Тоа е закон.
Марк-Филип користи најмалку по еден ваучер дневно во вредност од 11 евра - три плаќа самиот, а осум неговиот шеф. Сето без данок. Како и повеќето Французи, и тој не сака да се откаже од овој луксуз.
„Ова е вистинска предност. Плаќам со ваучер. Ако ја надминам вредноста, тогаш морам да доплатам со свои пари“, вели Марк-Филип.
Со оваа социјална погодност воедно се поддржува и гастрономијата - ова е само еден скап пример за земја кој се грижи речиси за се’. Економските експерти на ова гледаат се' повеќе критички.
„Французите се многу приврзани кон овој вид на социјална држава, но таков систем мора да биде финансиски издржан. Со кризата и стареењето на популацијата сега мора итно да се реформира“, вели Матије Плане од ОФЦЕ Институтот за анализи и економија - Париз.
Економијата бележи пад, бројот на невработени е на рекордно ниво, а државниот дефицит е над три проценти. Работата чини околу 35 евра по час, што е премногу и е дополнителна причина за лошата состојба на нацијата.
„Трошоците за работна сила во минатите десет години беа во постојан пораст, за разлика од Германија. Франција не успеа да остане конкурентна како Германија, која ги намали тие трошоци“, додава Плане.
Затоа Франција се смета за неатрактивна за средните претпријатија. Експерти велат дека таа предолго полагаше врз гранки што ќе ја влечат економијата, како автомобилската индустрија. Откако таа индустрија е во криза, нема алтернативи.
„Немаме доволно средна класа. Имаме или големи шампиони или сосем мали компании. Но, ако сакате денес да останете меѓународно конкурентни, потребен ви е тој претприемнички слој од средна класа, кој недостига во Франција“, објаснува Плане.
Се чини дека само Ајфеловата кула е на цврста основа. Но, дури и ако сега Французите се сомневаат самите во себе, нивната пауза за ручек останува недопирлива.