1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пацоли и Тачи - нов двоец на кормилото на Косово

23 февруари 2011

Косово има нов претседател и нова влада. Беџет Пацоли и кабинетот на Хашим Тачи беа избрани вчеравечер. Аналитичарите и денес (23.02) повторуваат дека не веруваат оти владата ќе биде стабилна.

Парламентот на КосовоФотографија: dapd

Бeџет Пацоли, функцијата Петседател на Косово денеска ја почна со полагање цвеќе на гробовите на првиот претседател на Косово, Ибрахим Ругова и командантот на поранешната ОВК, Адем Јашари, а го посети и семејствто на Рамуш Харадинај. Претходно, Пацоли поднесе оставка на местото претседател на Алијансата Ново Косово (АНК) и истовремено престана да биде член на партијата АНК. Според косовскиот Устав, претседателот не може истовремено да има функција во партијата или во друга институција. „Замрзнувањето“ на функцијата на претседателот на Демократскиот сојуз на Косово, односно тоа што не даде оставка на таа функција, го чинеше поранешниот претседател на Косово Фатмир Сејдиу функција.

Пацоли одвај се „протна“

Новиот претседател на Косово вчеравечер беше избран дури во третиот круг гласање, во кој беше доволно просто мнозинство гласови. Изборот е направен без опозицијата, чии пратеници не сакаа да учествуваат во гласањето.

Беџет Пацоли, нов претседател на КосовоФотографија: picture alliance/dpa

„Се колнам дека со сета сила ќе го чувам територијалниот суверенитет и интегритет на Република Косово и дека ќе обезбедам почитување на слободите и правата на граѓаните, како и почитување на уставот и законите на Косово“, рече Беџет Пацоли давајќи заклетва.

Тој гарантираше дека ќе ги претставува интересите на сите граѓани, без оглед на политичката ориентација, нагласи дека сите граѓани ќе бидат рамноправни и на српски јазик додаде:

„На крајот, сите сме рамноправни граѓани на слободно и независно Косово.“

„Пацоли нема да помогне за подобрување на имиџот на Косово“

Собранието на Косово, покрај Претседателот, вчеравечер ја избра и новата Влада предложена од мандатарот Хашим Тачи од Демократската партија на Косово. Владата ја доби поддршката на 65 пратеници, а против беше еден.

Хашим Тачи, ново-стар премиер на КосовоФотографија: picture alliance/dpa

Косовскиот политички аналитичар Мазлум Баралију за Дојче веле истакнува дека не е уверен оти новата Влада ќе биде стабилна, како поради проблемите кои го следеа нејзиниот избор, така и поради изборниот процес. Што се однесува до Пацоли, Баралију подвлекува дека не може да се каже оти новиот претседател е личност со кредибилитет, која ќе придонесе за зголемување на угледот на државата:

„Што се однесува до довербата на граѓаните, на некаква општа доверба, Пацоли секако не е личност, барем по пишувањето на медиумите и контактите со граѓаните, која многу ќе помогне за некакво подобрување на имиџот на Косово во странство“, вели Баралију.

Американската амбасада во Приштина денеска во соопштение нагласува дека САД се подготвени да и‘ помогнат на новата влада на Косово во својство на „пријател и партнер“ и наведува дека е добро што побрзо да почнат реформи со кои ќе се промени начинот на избор на претседател. Во соопштението се подвлекува и дека сега е време новоизбраната влада да се позанимава со обврските и предизвиците кои се пред нејзе.

Автор: ЕМФ/АТ/З.Јакупи/Б.Шеху/бета

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми